Почетна Коментар За духовниците со промашениот Евангелски Дух
За духовниците со промашениот Евангелски Дух

За духовниците со промашениот Евангелски Дух

620
0

„Гледате и сами во Кој Дух постапува и дејствува свети Јован Крстител за време на целото свое служење пред Господ: „Он треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 3, 30). И затоа, кога Богочовекот се појавува меѓу нив, тој на своите претходно подготвени ученици точно им посочува Кого треба да следат, велејќи: „Еве Го Јагнето Божјо“ (Јован 1, 36). Но, и Богочовекот Христос со силно и несоборливо сведоштво му возвраќа: „Меѓу родените од жена, не се јавил поголем од Јован Крстител“ (Матеј 11, 11). Овде, „не се јавил“, значи: не се јавил – ниту ќе се јави.

Од односот на свети Јован Крстител кон Христос и кон својот ученик, светиот апостол Андреј Првоповиканиот, може да се извлече и дефинира целиот склоп на односи помеѓу Христос, духовниот отец и духовното чедо, односно попрецизно, односот на духовниот отец кон Христос, кон своите духовни чеда, како и кон другите духовни отци.

Денес гледаме дека се случуваат работи обратно од посоченото во Евангелието: гледаме „духовници“ кои се обидуваат да ги задржат околу себе луѓето со тоа што во нивните очи ги омаловажуваат другите духовни отци; кои инсистираат на некое вечно послушание и идолопоклонички однос помеѓу духовниот отец и духовното чедо без да им ја објаснат на своите следбеници перспективата на духовниот развој; ги држат своите духовни чеда во некој вид духовна изолација, не дозволувајќи им каков било контакт со својата „конкуренција“; или создаваат околу себе некоја апокалиптична и параноична атмосфера во која себеси се прикажуваат како единствен вистински пат и спасение; како и други слични егоцентрични појави кои се чисто промашување на Евангелскиот Дух.

Секако, ваква нездрава заедница не може да трае долго. Исто така, во една епархија, сè што прави епископот треба да прави во име Христово, а свештениците – сè во име на епископот, затоа што имаат делегирани задолженија и служби. Духовните чеда што свештениците духовно ги раководат – ги раководат во име на епископот и не треба да ги приврзуваат кон себе туку кон епископот, а епископот кон Христос – „за да бидат сите едно како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17, 21).

Што значат зборовите „Он треба да расте, а јас да се смалувам“ и на наш личен духовен план? Овие зборови значат дека нашиот стар човек, заробен од страстите, треба да се смалува, а да расте новиот, во Христос, човек, и тоа до полнотата на растот Христов во Црквата – додека сите не стигнеме до единство на верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство (види: Ефес. 4, 13). Тоа знаеме дека се случува само ако нашиот духовен живот и подвиг, под надзор на нашиот духовен отец, го восогласиме со нивото на нашиот духовен развој.

Духовниот отец треба да го води духовното чедо до неговото просветлување, потоа духовното чедо само тргнува и врви по Христос – каде и да оди Он.“

Пишува: Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *