„Не сè што звучи интелигентно поседува мудрост, а ниту една машина не ја поседува тајната на човековата личност“ – архиепископот на Америка Елпидофор го отвори прашањето за местото на вештачката интелигенција од перспективата на христијанското сфаќање на човекот.
Говорејќи пред студентите на Хеленскиот колеџ „Свети Крст“, Елпидофор порача дека Црквата треба да го следи развојот на ВИ без ниту стравопочит, ниту фасцинација, туку со јасна свест за границите меѓу технологијата и човекот.
„Црквата мора да продолжи да го потсетува светот дека не може сè да се пресмета и дека не сè што звучи интелигентно поседува мудрост“, рекол архиепископот.
Тој ја охрабрил младата генерација да ги користи новите технологии и да учи од нив, но истовремено предупредил дека ВИ не треба да презема задачи и одговорности што му припаѓаат на човекот.
Најдиректно тоа го илустрирал со примерот на молитвата.
„ВИ може да ги состави зборовите на молитвата, но не може да се моли“, рекол Елпидофор.
За архиепископот, клучната разлика не е во способноста на машината да создава текст, да обработува информации или да произведува одговори, туку во она што христијанството го разбира како човекова личност.
„Вие сте образ Божји. Ниту една машина не ја поседува тајната на човековата личност“, им се обратил тој на студентите.
Пораката за ВИ била дел од неговото обраќање на почетокот на новата академска година во Хеленскиот колеџ „Свети Крст“, одржано на 13 септември во Бруклин, Масачусетс.

