
Турскиот весник Cumhuriyet објави опширна репортажа со наслов „Тестирање на „Света Софија“ со Константинопол: Ако продолжи вака, нема да ја дочека 2050 година“, во која се наведува дека „Света Софија“ којашто во јули 2021 година беше отворена за служба како џамија, во последниве денови излезе во јавност на социјалните мрежи со фотографии на деструктивност. Поради сликите кои предизвикаа реакции, новинарите од Cumhuriyet отидоа на местото за да документираат што се случува.
Пред отворањето на „Света Софија“, историчарите и археолозите имаа реагирано на фактот дека тоа историско и културно наследство, што зазема меѓународни размери, е претворено во инструмент на политичко препукување од владата.
Помеѓу оние што реагираа е и познатиот историчар Илбер Ортаили, кој имаше изјавено дека не го смета за правилно тоа што „Света Софија“ станува инструмент на политиката.
Објавата во продолжение потсетува на уништувањето на резервоарот за вода, со слики што го привлекоа вниманието и ја покажаа очигледната важност на тоа дека „Света Софија“ требаше да остане музеј.
Согласно експертите, 1500 години старото историско здание е преплавено од посетители, нешто коешто го забрзува оштетувањето. Со тоа се согласува и Генералната Дирекција за Институции.
Може ли „Света Софија“ да го издржи тој бран на посетители?
Колку што скандалозната слика од резервоарот за вода, толку и вандализмот врз Царската Порта беа предмет на критика од граѓаните, затоа што културното наследство треба да се заштитува. Генералната Дирекција за Институции спомна за дневен број на посетители „од 40 до 45 илјади“. Весникот забележува дека за време на траењето на Рамазанот, тој број се зголемил и стигнал до 104.325 луѓе.
Дури и влажноста од човечкото дишење предизвикува голема штета.
Согласно претседателот на Здружението за Историски Уметности, Шериф Јашар: „Кога „Света Софија“ беше музеј постоеше научна комисија, која ја имаше донесено следнава одлука: „Света Софија“ е стара 1500 години. Дури и влажноста од човечкото дишење предизвикува штета и го намалува траењето на нејзиниот век. Следствено, туристите треба да влегуваат по групи најмногу до 20 луѓе, во спротивно ќе ѝ се скрати животот. Сепак, како што знаете, научните комисии во Турција имаат советодавен карактер. За жал, лицето кое е началник на „Света Софија“ денес, во минатото беше надлежен за издавање на дозволи во општината Пера (Beyoglu) и не ги разбира тие работи. Дури и за темата со Портата каде беше забележан случај (штета) го употреби зборот „поправка“, наместо да каже дека ќе треба да се реставрира, дури без да знае дека се работи за реставрација. Од таа причина, сето ова што се случува е „нормално“(разбирливо)“.
Ако продолжи вака, „Света Софија“ нема да ја дочека 2050 година
Самиот спомна дека зборувал со многу свои пријатели што работат во „Света Софија“. Му изјавиле: „Ние не сме виновни за тие слики, недостасува персонал. Не можеме да се справиме со едно толку големо мноштво. Тоа го пријавивме кај властите, но и покрај тоа, не донесоа нов надлежен. Од таа причина сите не обвинуваат на социјалните мрежи“. Оваа состојба ќе се заостри, бидејќи постојат луѓе што не се ја знаат работата. Доколку во најкратко време не се превземе нешто и не се реставрира, „Света Софија“ нема да ја дочека 2050 година. Изјавувам категорично“.
Треба влезот да биде со плаќање
Фотографот и археолог, Омер Фарук Јавашчаи, за весникот изјави и кажа дека целта на влегувањето во „Света Софија“ не треба да биде едноставна посета. Самиот не се противи на користењето на „Света Софија“ како џамија и изјавува дека „Намазот го привлекува вниманието на многу туристи, како што и ние сакаме да го гледаме богослужението во црквите“. Второ, часовите за влез во „Света Софија“ се поголеми. Некој може да ја посети и ноќе. Сепак, потенцирам дека влезот треба да биде со наплата. Секој што сака, може да си изврши служба, но сепак треба да го подигнеме квалитетот на посетителите. Единствената цел на луѓето треба да биде: да ја видат, да направат истражување и да си направат служба во „Света Софија“. Оној што плаќа за „Света Софија“ значи дека ѝ дава вредност, ја цени. Во спротивно ѝ предизвикува штета. Во прилог на тоа, за да опстане „Света Софија“, постојат трошоци за одржување, коишто ќе треба да се покријат. Дури иако постојат ресурси, постепено ќе започне да им претставува тежина на идните влади и по одреден период ќе се намали буџетот предвиден за „Света Софија“. Затоа, така ќе си го покрива својот трошок за одржување и ниту еден грош нема да излегува од државните каси“.
Бидејќи е бесплатно, доаѓаат заради тоалетите
„Децата си играат со топка во дворот на „Света Софија“. Во едно здание со такви историски ѕидови и столбови, таквата состојба лесно може да предизвика штета на опкружението и на градбата. Едно од поважните историски нешта во „Света Софија“ е внатрешниот нартекс (mahfil) кој бил направен за време на Римската империја и којшто Османлиите го користеле за читање на Куранот и за одмарање.
Како што се гледа на фотографиите, нартексот е затворен од детски колички. Таквите сцени болат.
Веднаш до „Света Софија“ има дрвени тоалети, кои треба да се отстранат од дворот на „Света Софија“. Многумина доаѓаат во „Света Софија“ токму за да ги користат, бидејќи се бесплатни. Не треба да има тоалети до едно такво импозантно и од религиозен аспект значајно здание.
Има луѓе што преспиваат неколку часа во „Света Софија“, а доаѓаат и со свои куфери. Бидејќи влезот е бесплатен, многумина ја користат убавата „Света Софија“ за да се одморат, да преспијат и како место за чекање пред да тргнат на пат. Исто така, на еден чуден начин имаат затворено одредени простори со купишта непотребни ствари, па така не се достапни за посетители. За жал, тоа е многу грозна слика“.
Влегуваат со мокри чорапи, чевли
„А да не спомнам за оние што спијат на земја, што оставаат отпадоци, што шетаат со мокри чорапи и ги оставаат своите чевли лево-десно во едно историско богатство, старо 1500 години, кое беше извор на приход за владата… Сега во сечиј ум постои едно исто прашање: Може ли „Света Софија“ да поднесе еден толку голем број на посетители? Дали е можно да се поправи штетата предизвикана во „Света Софија“, во тоа импресивно наследство, по изборниот круг на политичката власт?“