Во деновите пред и за време на престолниот празник на Вселенската патријаршија – споменот на светиот апостол Андреј Првоповиканиот, христијанскиот свет беше сведок на едно историско и силно симболично збиднување: првата мирна посета на Римскиот патријарх, папата Лав XIV, во рамките на која тој, заедно со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, го одбележаа 1700-годишниот јубилеј од Првиот вселенски собор во Никеја и се сретнаа во седиштето на Вселенската Патријаршија во Истанбул, во дух на братска љубов, дијалог и заедничка молитва за мир.
Хронолошки настаните се одвиваа како што следува подолу.
Најнапред, на 28 ноември, во Никеја, Битинија (денешен Изник, Турција), патријархот Вартоломеј и папата Лав XIV заеднички се поклонија на археолошкиот локалитет каде што се наоѓаат остатоците од базиликата на светиот Неофит, со што симболично се одбележа 1700-годишнината од свикувањето на Првиот вселенски собор (325 г.). Заедно со двајцата претстојатели, на свеченоста учество зедоа и поглавари и претставници на мнозинството помесни православни цркви, како и на дваесетина инославни христијански деноминации.
Во своето пригодно обраќање, Вселенскиот патријарх го нарече местото „лулка на христијанската вера“, нагласувајќи дека не станува збор за едно просто историско сеќавање, туку за живо сведоштво на онаа иста вера што ја исповедале светите отци на Никеја. Тој подвлече дека Символот на верата од Никеја не е „символ на малцинството“, туку семе и полнота на целата христијанска егзистенција. Во Никеја „историјата сведочи за вечноста“, за фактот дека Господ Исус Христос е „вистински Бог од вистински Бог, едносуштен со Отецот“, и дека таа апостолска вера останува заедничка точка на препознавање на сите христијани. Патријархот со жар ги повика сите да го „трчаат подвигот на христијанското единство“ со верата на Никеја како оган што гори во срцата на верните.
Од своја страна, папата Лав XIV ги насочи верните да се запрашаат, среде современите трагедии и повреди на човечкото достоинство, „Кој е Исус Христос за нас лично?“ Потсетувајќи дека Никејскиот Символ на верата претставува заедничка основа на сите христијански заедници, тој нагласи дека единството на христијаните е неопходно во свет полн со насилство и конфликти; дека желбата за општење е нераскинливо поврзана со стремежот кон братство меѓу сите луѓе; дека религиите денес се повикани да ѝ служат на вистината и да ги поттикнуваат дијалогот, почитта, како и заштитата на човечките права и достоинството на секој човек.
Следниот ден, на 29 ноември, папата Лав XIV пристигна во седиштето на Вселенската патријаршија во Фанар, во рамките на своето прво апостолско патување надвор од Рим. На влезот од патријаршискиот храм на светиот Георгиј, со срдечно добредојде го пречека Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Потоа, во храмот беше отслужена доксологија, која не претставува евхаристиско литургиско сослужување, туку свечен чин за пречек на висок гостин. Таквата доксологија, според древната црковна пракса, не е резервирана само за архиереи од истата Црква, туку може да се отслужи и за државници и други великодостојници; познато е, на пример, дека православните клирици во османлиско време служеле доксологија и при доаѓање на турскиот султан, па дури и го споменувале во големата ектенија и во молитвите на литургијата. На оваа доксологија, двајцата претстојатели се поклонија пред светите икони и вознесоа молитви за мир на различни јазици, а Господовата молитва „Оче наш“ беше прочитана заеднички, на латински јазик, како знак на споделена вера во Христа и молитва за братољубие. Присутни беа високи претставници на помесните православни Цркви, делегации на Римокатоличката црква, дипломатски претставници, како и претставници на меѓународната заедница.
Во својата беседа, Вселенскиот патријарх потсети на молитвата „за земање време“, којашто свештеникот ја чита пред да пристапи кон служење на литургијата, и рече дека папата доаѓа во Никеја и во Фанар за да го прими своето „време“ одозгора – време на благодат и укрепување за служба на христијанското единство, толку потребно во денешниот свет.
Папата Лав XIV, поврзувајќи го Никејскиот јубилеј со Христовата молитва „за сите да бидат едно“, ја потврди заедничката одлучност да се продолжи по патот кон обновување на полното општење меѓу христијаните, со помош на Божјата благодат.
По доксологијата, во тронската сала на патријаршиското седиште, двајцата претстојатели потпишаа заедничка Декларација, во која:
- Ја потврдија својата решителност да продолжат по патот на дијалогот „во љубов и вистина“ за очекуваната полнота на заедништвото.
- Ја нагласија заедничката вера во Христос, „вистински Бог од вистински Бог, единосуштен со Отецот“, Кој се воплоти, пострада, умре, воскресна и повторно ќе дојде „за да им суди на живите и на мртвите“, како што исповеда Никејскиот Символ на верата.
- Ја осудија секоја злоупотреба на религијата и на Божјото име за оправдување на насилство, повикувајќи ги политичките и општествените лидери да направат сѐ за итно запирање на војните и крвопролевањето, и да го поддржат мирот.
- Потврдија дека автентичниот меѓурелигиски дијалог не создава религиозен синкретизам, туку е неопходен услов за мирен соживот на народи со различни традиции и култури.
- Со благодарност кон Божјата промисла истакнаа дека оваа година сите христијани ја прославија светат Пасха во иста недела, гледајќи во тоа посебен дар и поттик за продолжување на процесот на барање заеднички датум за празнување на „Празникот над празниците“.
- Потсетија на 60-годишнината од историската Декларација на папата Павле VI и патријархот Атинагора (1965), со која беа укинати взаемните анатеми од 1054 година, како профетски гест што го отвори патот кон дијалог заснован врз доверба, почит и меѓусебна љубов.
Како дополнителна потврда дека ваквите средби и декларации не претставуваат нешто необично или ново во православно-католичките односи, вреди да се потсети дека сличен документ беше потпишан и меѓу патријархот Московски Кирил и папата Бенедикт XVI (тогаш веќе папа-емеритус), на историската средба во Хавана на 12 февруари 2016 година, кога двајцата лидери усвоија заедничка Декларација во која ја осудија употребата на религијата за политички цели, повикаа на мир, дијалог и заштита на прогонетите христијани, нагласија дека „ние не сме конкуренти, туку браќа“ и дека единството треба да се бара преку љубов и вистина, а не преку конфронтација или идеолошки поделби.
На 30 ноември, на празникот на светиот апостол Андреј Првоповиканот, основачот на Црквата во античкиот град Византион (подоцна Нов Рим/Константинопол), во патријаршискиот храм на свети Георгиј се отслужи патријаршиска и синодална литургија, на чело со патријархот Вартоломеј, со сослужение на патријархот Александриски Теодор, во присуство на папата Лав XIV и бројни архиереи, претставници на други Цркви, дипломатски корпус и верници.
Во своето слово, Вселенскиот патријарх истакна дека заедничкото одбележување на 1700-годишнината од Никеја ја зајакнува црковната свест за повикот на единството, коешто не е опционално, туку неопходна потреба, особено во денешните времиња, обележани со војни и секоја форма на дискриминација произлезена од незаузданата желба за доминација. Тој исто така, јасно укажа дека не можеме да бидеме соучесници во крвопролевањето во Украина и на други места, туку сме должни пророчки да ги осудиме неправдите и да сведочиме мир.
Папата Лав XIV во своето обраќање подвлече дека иако минатото познава конфликти, а и денес постојат пречки на патот кон полно општење, христијаните не смеат да го напуштат подвигот на љубовта и помирувањето, туку да продолжат да се гледаат едни со други како браќа, повикани да му служат на светот, да го штитат општеството и да градат единство.
На крајот, двајцата претстојатели ги благословија верните од балконот на Патријаршискиот дом и братски се прегрнаа, по што папата замина за Бејрут, продолжувајќи го своето прво патување како претстојател на Римската Црква.
НАШ ОСВРТ ЗА НАСТАНИТЕ
Следејќи ги настаните поврзани со посетата на папата Лав XIV на Вселенската патријаршија, но и бурните реакции на социјалните мрежи, во кои (често неинформирано и острастено) се зборува за „предавство на Православието“, „сатански екуменизам“ и „кршење на каноните“, и тоа не само од страна на лаици, туку и од поединечни членови на клирот, чувствуваме должност да дадеме еден мирен и трезвен осврт, со надеж да ги успокоиме срцата на православните верници.
Најнапред, треба јасно да се каже дека во последните случувања не се работи за никакво соединување на Римокатоличката и Православната Црква, и не станува збор за потпишување на унија, ниту за измени во догмите или во литургискиот и канонскиот поредок на православната Црква. Тука станува збор за израз на добра волја, дијалог и братска средба, наспроти духот на фанатизмот, непријателството и омразата.
Всушност, православието нè учи дека Црквата, во својата најдлабока природа е заедница – икона на Троичниот Бог, во Кого личноста постои преку односи на љубов и слобода. Ние не можеме да сведочиме за Бог Кој е љубов и за Црква која е заедница, ако нашето однесување кон оние што не се во полно општење со нас е обележано со презир, омраза, фанатизам и отфрлање. Единството е дар на Светиот Дух, а не резултат на човечка дипломатија; но токму затоа, ние сме должни да соработуваме со тој дар преку разговор, трпение и смирена љубов, а не преку затворање и осуда.
Една суштинска точка што тенденциозно се премолчува на социјалните мрежи е тоа дека во Никеја, папата Лав XIV јавно го исповедаше Никео-Цариградскиот Символ на верата, во неговата изворна форма, односно истиот оној што и денес го исповедаме во православната Црква. Не е ли тоа, за секој трезвен ум, благословен знак на приближување „во духот и вистината“, а не причина за соблазна?
Доколку тоа што некој пред целиот свет ја исповеда верата во Христа како „Бог вистински од Бог вистински, едносуштен со Отецот“ и во „Светиот Дух Кој исходи од Отецот“, го прогласиме за „сатанизам“, значи, во најмала рака, дека покажуваме големо незнаење за значењето на Никејско-Цариградскиот Символ и за историјата на Соборите.
Што се однесува пак до „прекршувањето на каноните“, канонскиот поредок јасно разликува меѓу евхаристиско сослужување (коe НЕ СЕ СЛУЧИ меѓу Православната и Римокатоличката Црква) и други форми на молитвена и братска соработка, какви што се доксологијата, заедничката молитва „Оче наш“, потпишувањето на заеднички апели за мир, заштита на човековото достоинство и осуда на насилството. Во Никеја и во Цариград немаше литургиско сослужување, ниту „мешање“ на свештенодејствија; имаше доксологија, пријателска средба, заедничка молитва за мир и потпис на декларација која го осудува злоупотребувањето на религијата за оправдување војни.
Да го наречеме ова „кршење на каноните“ значи да ги изедначиме каноните со тесно човечко правило, независно од духот на љубовта и икономијата, и да ја заборавиме нивната вистинска цел: да го чуваат евхаристиско-догматското единство на Црквата, а не да служат како оружје за идеолошки напади и осуди.
Од друга страна, потребно е да се запрашаме како ние, православните, ќе ја сведочиме Христовата заповед „сите да бидат едно“, доколку одбиваме да разговараме со другиот, доколку го гледаме само како непријател, а не како брат што се наоѓа во рана, во отуѓеност, но кому сме должни да му посведочиме за полнотата на вистината во љубов? Како ќе ја проповедаме љубовта, ако во нашиот јазик преовладуваат зборови на презир, крајност и омраза? И не е ли многу полесно да се мрази отколку да се љуби, да се осудува отколку трпеливо да се сведочи?
Православната духовност не е духовност на страв, паника и теории на заговор, туку на доверба во Христа и на смирено, евхаристиско сознание дека ниедна човечка средба, ниеден потпис, не може да ја промени верата на Црквата, која е втемелена „врз апостолите и пророците“ и запечатена од Светиот Дух.
Но нашата нељубов, неинформираност и гордост можат сериозно да ја повредат мисијата на Црквата во овој свет.
Затоа, ние како православни теолози, со сета почит кон светото Предание и кон светите канони, апелираме до верниците: да не подлегнуваат на сензационалистички и манипулативни објави за наводна „унија“ со Рим; да се воздржат од осудување и омаловажување на црковните великодостојници; да се молат Светиот Дух да ги просветлува сите христијани, „во вистината и љубовта“, и да се стремат кон точно и целосно информирање и сериозна духовна анализа, а не кон површни пароли и слогани.
Вистинското православие не е идеологија на ексклузивност, затвореност и страв, туку живот во Христа Кој „ измири сè со Себе…, творејќи мир со крвта на Својот крст“ (Колослјаните 1:20), и Кој нѐ повикува да бидеме добри соработници на благодатта Негова преку молитва, трпение и љубов кон ближниот и кон далечниот.
Со тоа сознание, да ги примиме овие настани не со паника и страв, туку со молитвена будност, смирение и доверба во непобедливоста на Црквата којашто ни „вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мт. 16:18), како и со желба да бидеме соработници во она за кое се молеше самиот Исус Христос: „да бидат сите едно… за да поверува светот“ (Јн. 17:21).
/Од група православни теолози и верници

