Православието денес е во многу незавидна состојба. Националните интереси „проголтаа“ цели цркви. Прашањата кои нè болат не само што не можеме да ги решиме — повеќе не признаваме и дека постојат, а внатрешниот „раскол“ се вкоренува сѐ повеќе со секој изминат ден, при што Москва „сече“, а другите Цркви одбиваат да „зашијат“. Освен, се разбира, оние што помагаат да сече подлабоко.
И сега, кога историјата е напишана, Папата се врати дома и ние се вративме на своето секојдневие, мислам дека е време да се пружи „мала помош“ на реалноста што секој од нас, од свои причини, не сака да ја види или се преправа дека не гледа.
Јас припаѓам на оние кои веруваат во дијалогот, во потребата од неговото постоење дури и кога паѓаат бомби. Особено дијалогот меѓу христијаните, го сметам не само за неопходен, туку и за императив за оние на одговорни позиции.
Но, како и сè во животот, мислам дека мора да има приоритети во дијалогот. На пример, новите проблеми не можат да се покриваат под тепих, бидејќи веќе има некои постари и доста сериозни.
Ако, на пример, пациент со рак кој е на долготраен третман ја скрши ногата, тој нема да каже „дозволете ми прво да го лекувам ракот, а потоа ќе се справам со ногата“. Секако, ако ставите рак и фрактура на вага, страната со фрактурата дури и нема да ја помрдне иглата во однос на ракот. Но, ако ја оставите, продолжувајќи да се посветувате на посериозното, покрај тоа што ќе бидете куци, едно утро може да се разбудите со ракот оставен во втор план, затоа што можеби се откачил тромб поради скршеницата.
Во нашиот случај, „ракот“ е расколот меѓу Западот и Истокот, со кој, за среќа, некои просветлени свештеници и теолози од двете страни решија да се соочат. Оние кои работат на ова прашање се можеби најмечтателните луѓе на светот затоа што „планината“ што решија да ја срушат за да можеме повторно да се видиме е огромна. И тоа се луѓе со длабока вера. Знаете ли зошто? Затоа што она што логиката не може да го направи, која во нашиот случај смета дека потфатот е, благо речено, невозможен, може да се направи само со вера, која може да помести планини, како што самиот Христос еднаш им кажа на Своите ученици.
„Скршената нога“, од друга страна, е внатрешната состојба во православниот свет. Помесните Цркви кои во последниве години научија да живеат сами без да чувствуваат потреба за евхаристиска заедница, и христијаните кои научија да ја практикуваат религијата „како бездомници“, усвојувајќи сè што ќе се напише или каже, и клирот од сите степени, од кој голем дел, наместо да водат луѓе, се прогласуваат за „изгубени некаде на непозната локација“.
И да не генерализирам, дозволете ми да разјаснам.
Прво поглавје: Календарот
Православните денес не го слават Божиќ на ист ден. За среќа, секако, постојат и старокалендарци на кои Црквите им ги припишале сите проблеми од промената или корекцијата на календарот, па затоа мирно спиеме. Но, кажете ми, ако се разбудиме утре наутро и старокалендарците ги нема, дали сè ќе биде во ред? Дали е во ред што половина од Православието го слави Божиќ со 13 дена разлика од другата половина?
Зошто Православната Црква не успеа да се справи со ова прашање веќе 100 години? Зошто дури и не се осврна на него? „Денес горните и долните заедно празнуваат“, пеат нашите свештеници пред осветените води секој 6 јануари, а во Москва, Белград, Ерусалим, Тбилиси, Киев… тогаш ги пеат божиќните каланди.
Ако не ни пречи тоа што го славиме Божик одделно, тогаш зошто се „палиме“ за заедничка Пасха?
Второ поглавје: Црковни јурисдикции
Десет века поминаа од расколот во христијанството, па дури и Црквите што постоеле пред него, заедно со оние што се „родија“ по него, не успеале да стават мапа на масата и да кажат „јас сум од тука до тука, ти од таму до таму, итн.“ Пет митрополити во Париз, седум митрополити во Рим, исто толку јурисдикции во САД.
Ние сме во 21. век и православните Цркви функционираат како првите доселеници во Америка кои трчале со знаме во рака за да пред сите го забодат во земјата што ја сакале и стоеле со двоцевка под рака за никој да не им ја ‘нагази’.
Велат дека Етнофилеизмот е осуден… во кој универзум?
Трето поглавје: Рим и… неговото место во редоследот
Ова можеби е и „мајка на проблемите“ бидејќи откако Рим почнал да се „репродуцира“, започнале проблемите на христијанството. Кога Цариград станал Новиот Рим или втор Рим, оригиналниот се почувствувал засегнат. Потоа Москва, која помина низ искуството на опасна прегратка со државната власт, но не научи ништо од тоа, реши да биде ‘Трет Рим’. Нашиве велат дека не постои трет, затоа што не постои втор – туку постои нов. А ако Русите решат да го именуваат својот како ‘Понов Рим’ наместо Трет, ќе биде ли тогаш сè во ред?
Значи, Москва, седиштето на „Света Рус“, нешто налик на „Светото Римско Царство“, каде и да забележи дека нешто добро се случува во православниот свет – го уништува до темел, едноставно затоа што не ѝ одговара. Да направиме исчекор во однос на католиците? Не! Не ми се допаѓа моделот на обединување. Дали ќе ги надминеме перцепциите што ги држат умовите на луѓето затворени? Не! Ако ги отворат своите умови, како ќе ги контролираме? Дали ќе разговараме за прашања што го засегаат современиот свет? Не! Ако не кажам јас како да биде, не важи.
Многу пати мислиме дека целата проблематика поврзана со Москва има врска со административниот дел на Православната црква, но повеќето од вас не можат ни да замислат колку овој конфликт што трае прави да стагнираме на сите полиња. Тоа ви е како да е откриена електричната енергија, а семоќниот сопственик на фабриката за свеќи води кампања против неа.
Четврто поглавје: Колку „православија“ постојат?
Навистина ни се допадна фразата на Вселенскиот патријарх за време на пандемијата „не е верата во опасност, туку верниците“ и сите се фокусиравме на значењето што го носеа тие денови. Но, сега, кога пандемијата помина, да погледнеме на работите малку потрезвено.
Во 21 век. со целото знаење на дофат на раката, со технолошките откритија што нè испратија на Марс, колку е логично Вселенскиот патријарх да треба да се појавува јавно за да им порача на луѓето дека треба да си ги земаат лекарствата? Разбирливо да треба да го каже тоа патријарх од 17. век, 18. век, дури и од 19. век, но во 21.век?
Седиме и дискутираме со католиците од кого произлегува Светиот Дух (и добро е што дискутираме), а овде, меѓу нас, не можеме да се договориме дали Светиот Дух ги „стерилизира“ храмовите.
Што се однесува до Светата Причест? Малку недостасуваше уште да ги земеме лажиците и копјата од проскомидијата и да почнеме „борба“ (во смисла Стигнавме дотаму што замалку ќе почневме апсурдни расправии околу лажиците за причест).
Значи, колку и да е тешко и ризично, треба да ги погледнеме богословските разлики во рамки на самото Православие? Дали Православието, во крајна линија, не е едно, туку се повеќе?
Петто поглавје: Ние и католиците
За крај, всушност, го оставив поглавјето што ми даде повод за овој текст – обидот за зближување со Рим. Мислам дека многумина ќе се согласат со мене дека во моментот кога богословскиот дијалог и историските иницијативи на Претстојателите затвораат делови од јазот меѓу Истокот и Западот, истовремено се отвораат нови пукнатини во рамките на Истокот.
Од причини што не ми се познати, комуникацијата се фокусира исклучиво на врвот, додека базата целосно се игнорира. Барем во Грција, во нешто помалку од 30 години колку што ги следам црковните прашања, не сум бил сведок на ниту една седница на Светиот синод посветена на тема дијалог. Не сум видел ниту еднo официјалнo соопштение до луѓето. Нешто каде што би се рекло: „Христијани, во овие 20-30-40-50 години колку што разговараме со нашите браќа римокатолици, презедовме вакви и вакви чекори“ – нешто што барем би објаснило што се случува.
Сосема ја опишува состојбата забелешката на Митрополитот Нефпактски Јеротеј, кој во напис за Orthodoxia In Forum вели:„Овој богословски дијалог започна кога бев млад клирик и продолжи до денес – веќе сум 54 години во свештенството и 30 години како митрополит – а ниеден од текстовите поврзани со дијалогот не се разговарал на Синодот.“
Тие од другата страна, пак, односно оние кои не сакаат, кои се плашат, или од разни логички или сосема ирационални причини се спротивставуваат на каква било комуникација со „другите“, сиве овие години истураат тони мастило, трошат милијарди килобајти на интернет и посветуваат бесконечни часови говори за да го кажат своето.
И да бидеме реални дека мнозина од нив никогаш нема да го сменат своето мислење. Но, дали сме сосема сигурни дека во оваа голема толпа луѓе што се зголемува секој ден, нема такви кои, доколку имаат соодветни информации, не би разбрале што точно се случува? Како (црковното) раководството очекува народот, и тие со расо и лаиците, да ја разберат оваа ситуацијата, кога самото не вложува ни малку напор да каже неколку зборови?
Да, да се разбереме, да се обединиме и да ги надминеме сите наши проблеми со другите христијани – илјада пати да. Но, по која цена?
Една сурова вистина
Православието денес е во многу незавидна состојба. Националните интереси „проголтаа“ цели цркви. Прашањата кои нè болат не само што не можеме да ги решиме — повеќе не признаваме и дека постојат, а внатрешниот „раскол“ се вкоренува сѐ повеќе со секој изминат ден, при што Москва „сече“, а другите Цркви одбиваат да „зашијат“. Освен, се разбира, оние што помагаат да сече подлабоко.
Кога легатот на Папата во 1054 ги положи римските анатеми на Светата Трпеза во „Света Софија“, на Истокотникој не зборуваше за раскол. Им требаа повеќе од 200 години за да сфатат и да прифатат што навистина се случило.
Изминатиот октомври се навршија седум години од прекинатата евхаристиска заедница меѓу Москва и Цариград. И сè уште не кажавме ниту една формулација за тоа како да се надмине овој раскол. Се навикнуваме да живееме со оваа реалност. Дури не го ни нарекуваме раскол. Сепак, како ќе го наречеме ние или идните историчари, има сè помала важност.
Ако утре наутро Папата ги собере сите кардинали и епископи во „Свети Петар“, свика Трет Ватикански собор, и објави дека Рим се откажува од сите промени и погрешни учења и е подготвен за единство — со кое Православие точно ќе се соедини?
Оправдани и вредни се сите напори за приближување со Римокатолиците, и тие не смеат да се напуштат. Но,сега мора да се погледнеме себеси. Православието премногу долго оди со „скршена нога“, обидувајќи се да се справи со „карциномот“ — но не може да чекори напред ако најпрво не најде начин да застане цврсто на двете свои нозе.
Андреј Лударос


Боготрагателот е вдлабочен во својот разговор, во својот танец со Бог во овој живот, во својот подвиг, во нуркањето на неистражените пространства на своето срце како микоркосмос. Секако, на свој начин и тој експериментира, според мерата на неговиот страв Божји или на неговата слобода во Бога, но ако барем малку ја видел неверојатната преобразба на светот околу себе во блесокот на Несоздадената Светлина во себе, ги видел таму сите: и Византијците и Русите и Римјаните и Арапите и Англо-Саксонците… Индијците и Кинезите особено, и со огромно изненадување чудесните Африканци (и покрај страшните приказни за црнците што го мачат во пеколот секој заробеник на страстите) и не нашол причина дека некој од нив (и од останатите ненабројани) треба да ги менува своите патеки и навики според некој од него набубан терк којшто нему му звучи најхристијански. Ох, да, сите тие како боготрагатели можеби и многу се разликуваат меѓусебе, но во мерата во којашто се искрени боготратели ги сведочат неисцрпните аспекти на величието Божјо. Укинувањето на нивните сведоштва, особено по насилен, авторитативен пат, настојувањето да се униформира барем христијанската традиција… сите тие пориви сведочат за духовната сиромаштија и немоќ на настојувачите. Ако човек не развил духовни сетила, ако не стекнал духовни очи со кои ги гледа својствата на другиот со нивната конкретна мистична тежина, може да плампа по средби и состаноци за единства и истоветности за да ја потврди својата беда во форма на кооперативност, бидејќи ништо друго не му ни останало. “Ајде да се договориме да бидеме исти! Тогаш ништо нема да ни пречи, ништо нема да ни ги боде очите. Какви да бидеме: како мене или како тебе? Покажи ми што правиш ти, ама и јас тебе имам нешто да ти покажам. Ќе зачекоруваме со иста нога, со иста брзина, да носиме дури и ист модел на обувки; не замерувај што ми е стапалото малку подолго од твоето, со време ќе се раѓаат деца со исти стапала и еднакви дланки, така што нема да има никакви отскокнувања, толку ќе се изедначи се’ со време што сигурно ќе настапи совршен и долготраен мир. Нека види Господ дека сме едно – исти! Адам конечно се состави себеси!” Ох, да беше Господ далтонист па да Го усреќевме со тие будалаштини.
Брат/сесро, со сета љубов ти велам: ова што го напиша е чиста духовна фантазија, убаво спакувана во поетски јазик, ама кога ќе ја тргнеш убавината – останува празна љуска полна со контрадикции и скриена гордост.
1. „Ги видел сите народи во Несоздадената Светлина и никој не треба да си ги менува патеките“ – сериозно? Значи, ти си имал вистинско обожение, вистинска Таворска светлина, и во неа си видел дека африканските шамани со жртвопринесување кокошки на духовите на предците, кинеските даоисти со чигонгот и јин-јанг, и православните исихасти со Исусовата молитва – сите се на исто ниво и никој никому ништо не му фали?
Тоа не е обожение, брат, тоа е источњачки синкретизам облечен во православен фустан.
Несоздадената Светлина не ти покажува „сите патишта водат кон Бог“, туку ти го покажува Христа како единствен Пат, Вистина и Живот.
Ако во таа светлина гледаш будистички монах како медитира на празнина и тоа ти е „исто легитимно сведоштво“ – тогаш или не си видел Несоздадена Светлина, или си ја видел, ама си ја протолкувал со мозокот на Ошо.
2. „Униформирањето на традицијата е духовна сиромаштија“ – ама брат, Христос не дојде да ни каже „секој си има своја вистина, само бидете искрени во својата заблуда“.
Дојде и рече: „Јас сум Патот“. Не „еден од патеките“. Не „мојот пат е супер за мене, твојот за тебе“. Едно е да ги почитуваш литургиските разлики меѓу Грците и Русите (календар, итн.), друго е да велиш дека е сеедно дали некој се моли на Перун, на Алах или на Исус – само да е „искрен боготрагател“.
Тоа не е богатство, тоа е рамнодушност кон вистината. А рамнодушноста кон вистината е најстрашната страст.
3. Сарказмот со „да зачекоруваме со иста нога, исти стапала“ – супер слика, ама ја користиш на погрешно место. Единството на Црквата не значи сите да носиме исти потпатици и да имаме стапала од 42 број. Единството значи сите да Го исповедаме истиот Господ Исус Христос со истото вероисповедање кое Црквата го чувала 2000 години. Значи сите да ги отфрламе истите ереси. Значи сите да се причестиме со истото Тело и Крв, а не секој со својот домашен бог.
Единството не е униформираност на фолклорот, туку единство во догмата и во благодатта.
Ако тоа ти звучи како „духовна сиромаштија“, тогаш ти си тој што не ги разликува битните од небитните работи.
4. „Ако некој бара единство – тој е духовно беден и само сака да ја потврди својата беда“ – ова е класична техника на духовна гордост: секој што не е на моето ниво на „мистична слобода“ е автоматски сиромашен, заробен, фарисеј. Ти си го ставил своето јас за мерило на духовноста. Ако некој сака догматско единство – тој е беден. Ако некој сака сите да се вратат во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква – тој е авторитарен. А ти, кој си над сите тие „ситни“ догматски разлики и гледаш како сите религии се супер – ти си слободен, просветлен, широк.
Брат, тоа се вика прелест. И тоа од најтешкиот вид.
5. Последната реченица со далтонистот Бог – чиста богохулна дрскост. Бог не е далтонист, токму затоа и не прифаќа секакво „единство“ по цена на вистината. Тој сака единство во вистината, а не единство во лагатa. Ако ние се договориме да бидеме „едно“ со еретиците, паганите и атеистите – тоа не Го прави Бога среќен, тоа Го распнува повторно.
Накратко: убаво пишуваш, ама и лажеш убаво. Она што го опишуваш не е слобода во Духот, туку духовен либерализам и индиферентизам кој Црквата отсекогаш го осудувала.
Не е грев да сакаш сите да дојдат до полнота на вистината во Христа.
Грев е да велиш дека е сеедно дали ќе дојдат или не – само да си „искрени“ во својата заблуда.
Смири се малку.
Читај ги Светите Отци, не Ошо а ко демек Григорие Палама.