Во современо време, Вселенската патријаршија доделила автокефалија на Црквите во Србија (1920), Романија (1925), Бугарија (1961), Грузија (1990), Грција (1850), Полска (1924), Албанија (1937), како и на Чешките земји и Словачка (1998). Најново, Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх Вартоломеј во јануари 2019 година додели автокефалија на Православната црква во Украина.
/од Архонтите на Вселенската патријаршија (Ортодокс Тајмс)
Многу православни христијани знаат дека Вселенскиот патријарх е „прв меѓу еднаквите“, но многумина тешко би објасниле што тоа навистина значи. Ова вообичаено означување е вкоренето во православното разбирање за природата на Црквата, како и за нејзиното единство и власт — разбирање што потекнува од самите свети апостоли и верно се одразува во Црквата до денес.
Велиме дека Вселенскиот патријарх е еднаков со другите епископи затоа што и самиот е епископ, наследник на апостолите во службата и управувањето на Црквата. Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх е еднаков со другите епископи во поседувањето на оние духовни дарови (харизми) и свети одговорности што се својствени за епископството: способноста да ракополага други епископи, свештеници и ѓакони, како и одговорноста да ја надгледува областа под негова јурисдикција и да обезбеди таму верно да се проповеда Евангелието.
Во исто време, Вселенскиот патријарх е прв меѓу овие епископи. Неговата целосена титула е „Архиепископ на Константинопол – Нов Рим и Вселенски патријарх“. Епископите на големите градови често имаат одговорност и за областите околу тие градови и ја носат титулата архиепископ.
Оние што имаат одговорност да надгледуваат огромни региони, кои опфаќаат цели народи или уште пошироки простори, се нарекуваат патријарси. Во раните векови на Црквата се појавиле пет патријарси: во Рим, Константинопол, Александрија, Антиохија и Ерусалим.
Други, меѓу кои и патријархот на Москва, се појавиле подоцна во животот на Црквата. По Големиот раскол меѓу Црквите на Рим и Константинопол во 1054 година, Црквата на Константинопол станала Прва катедра (област на јурисдикција на епископ) на Православната црква.
Основниот канонски поредок на Црквата, заснован на Вселенските собори, ѝ дава на Црквата на Константинопол светата одговорност да ги решава споровите меѓу Црквите. Оваа одговорност произлегува од 9-тиот канон на Четвртиот вселенски собор, одржан во Халкидон во 451 година: „Ако некој епископ или клирик има спор со митрополитот на провинцијата, нека се обрати до егзархот на дијецезата или до престолот на царскиот град Константинопол, и таму нека му се суди.“
Ова е најцелосното објаснување за тоа што значи Вселенскиот патријарх да биде „прв меѓу еднаквите“. Како епископи, сите членови на епископатот се еднакви, но ако има несогласувања меѓу епископите или меѓу Црквите, Црквата на Константинопол има света одговорност да ги решава.
Произлегувајќи од оваа власт за решавање спорови, Вселенската патријаршија има единствено право да свикува Свет синод составен од епископи од целиот свет, со цел да се решат спорните прашања.
Вселенскиот патријарх, бидејќи ја има оваа сеопфатна одговорност за целата Црква (оттука и титулата „Вселенски патријарх“, која потекнува од шестиот век), исто така има одговорност да доделува автокефалија (независност) на области што претходно биле дел од други црковни јурисдикции.
Во современо време, Вселенската патријаршија доделила автокефалија на Црквите во Србија (1920), Романија (1925), Бугарија (1961), Грузија (1990), Грција (1850), Полска (1924), Албанија (1937), како и на Чешките земји и Словачка (1998). Најново, Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх Вартоломеј во јануари 2019 година додели автокефалија на Православната црква во Украина.
Вселенската патријаршија ја додели автокефалијата на Руската црква во 1589 година, кога првпат беше воспоставена Московската патријаршија, повеќе од илјада години по Соборот во Халкидон кој ѝ ја додели на Црквата на Константинопол одговорноста да решава црковни спорови.
Важно е да се разбере дека овие посебни одговорности на Вселенската патријаршија не го прават Вселенскиот патријарх „православен папа“. Не постои и не може да постои „православен папа“; власта на Вселенскиот патријарх во Православната црква е суштински различна од разбирањето на Римокатоличката црква за власта на папата на Рим.
Римокатоличката црква учи дека „Римската црква поседува врховна власт над секоја друга црква, и дека оваа јурисдикциска власт на Римскиот понтиф е и епископска и непосредна“ (Првиот ватикански собор, Pastor Aeternus, 3.2). Тоа значи дека папата на Рим има директна власт над секој друг епископ и јурисдикција над сите верници.
Вселенскиот патријарх, напротив, нема непосредна или јурисдикциска власт над патријарсите и епископите кои не се во неговата канонска територија. Тој нема власт што другите патријарси и епископи ја немаат, освен одговорноста да дејствува како апелациски суд и да ги решава споровите меѓу Црквите.
Римокатоличката црква исто така учи дека папата е непогрешлив, односно заштитен од Бога од грешка кога прогласува нешто како дел од христијанската вера. Вселенскиот патријарх не претендира на непогрешливост; православните христијани веруваат дека Бог ја штити Својата Црква од грешка преку учењата на Вселенските собори.
Затоа, кога Православната црква учи дека Вселенскиот патријарх е „прв меѓу еднаквите“, таа признава дека тој е еден меѓу многуте братски епископи, а не над-епископ чија власт ги надминува сите други. Овој православен поглед е верен на канонскиот поредок на Црквата од првиот милениум, пред расколот со Рим.
Пред сè, се придружуваме на Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх Вартоломеј во непрестајна молитва за преобразувачко надминување на разликите и конечно обновување во Христа на единството во едната, света, соборна и апостолска вера.
