Руската православна црква (Московска патријаршија) како политичка религија во поддршка на политиката на Кремљ

Date:

Share post:

Проф. д-р Дилјан Николчев е професор и истражувач од областа на црковното право. За бугарскиот интернет поратл hristianstvo.bg направил анализа за улогата на Рускиот патријарх и војната во Украина. Ви ја пренесуваме во делови (ВТОР ДЕЛ)

Пишува: Дилјан Николчев

Со оглед на нејзините политички ангажмани кон политичката власт и нејзиното дејствување на политичкиот терен во Русија, како и на меѓународен и меѓуцрковен план, на најистакнато место во „ранг-листата“ на политичките религии денес стои Руската православна црква (Московска патријаршија), пред сè како верска институција, но и во поширока смисла како вероисповед и верска заедница во рамките на Руската Федерација и надвор од нејзините граници.

Политизацијата и идеологизацијата на црковниот живот се карактеристични и за православието во Русија. Религијата може да влијае врз политиката и без помошта на црквата и свештенството, дури и без посредништво на верниците – од канонска гледна точка. Но тоа во Русија ретко се случува.

Руската православна црква (Московска патријаршија) дури вгради политички елемент во 2000 година во еден од своите основни нормативни документи – „Основи на социјалната концепција на Руската православна црква“, каде во третата глава се вели дека ако власта ги принудува православните верници да се откажат од Христос и Неговата Црква, како и да вршат гревовни и душевно штетни дела, Црквата е должна да се спротивстави (III.5), а во осмата глава, насловена „Војна и мир“, се посочува дека „војната е зло“, а убиството се разгледува „како тежок престап пред Бога“ (VIII.1). Во истата глава уште се вели дека „Црквата се стреми да врши миротворна служба“, се спротивставува на „пропагандата на војната и насилството, како и на различните појави на омраза, способни да предизвикаат братоубиствени судири“ (VIII.5).

Секако, текстот овозможува широки толкувања, но поважно во случајов е што – како што ќе се види понатаму во текстот – тој јасно ја илустрира наглата промена на Руската православна црква (Московска патријаршија) за мошне краток временски период во однос на политиката во Русија и темата за војната; затоа и беше цитиран овој важен документ.

Иако РПЦ официјално нема статус на државна црква, нејзината фактичка положба во ништо не се разликува од онаа во некои држави (како што е, на пример, грчката држава), каде што црквата е издигната во статус на државна црква. Забележливо е дека обично незгодните прашања за владејачките политичари во Русија, како што се абортусите, сексуалноста, биоетиката, евтаназијата и други, најнапред се подложуваат на многу агресивна јавна расправа од страна на РПЦ, а потоа, по сомнителна дебата, се санкционираат како државнички решенија од страна на Кремљ.

Последен пример за тоа е од крајот на јуни 2024 година, кога стана познато дека Кремљ ѝ ветил на Руската православна црква (Московска патријаршија) дека нема да донесе закон за семејно насилство. Всушност, властите уште во 2023 година им дале ветување на црковните претставници дека законот за семејно насилство нема да биде усвоен. Зошто Руската православна црква (Московска патријаршија) се спротивставува на такви законски предлози? Според неа, „едно е да се зборува за оваа тема [јавно], а друго е да им се даде на феминистките и прозападните сили закон што тие можат да го вртат како што сакаат“ – одговор кој повеќе прилега на руски владејачки политичари отколку на православни христијани и православни богослови.

Како пред распадот на СССР, така и потоа, во условите на политичкиот живот на Руската Федерација, Руската православна црква (Московска патријаршија) доследно се придржуваше кон политиката на поддршка на државната власт. Уште повеќе, таа отворено учествуваше во непосредните политички избори со повици да се поддржи власта – на пример за време на претседателските избори во 1996 година, кога рускиот патријарх Алексиј директно им се обрати на жителите на Москва дека не смеат да направат грешка и треба да гласаат за Елцин. Во исто време, свештенството од пониските нивоа и значителен дел од мирјаните симпатизираа на претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација, Генадиј Зјуганов.

Оваа традиција на поддршка на централната власт или на водечките политички сили од страна на раководството на Руската православна црква (Московска патријаршија) продолжи и во следниот период. Како пример ќе го наведам само повикот на рускиот патријарх Алексиј од 31 декември 1999 година да се поддржи Владимир Путин „во неговиот подвиг“, што и да значело тоа, но во секој случај имајќи ги предвид политичките дејствија на Путин.

Сето тоа се случуваше паралелно со оживувањето на култот кон Сталин како политичка личност – процес што доведе до брзиот подем на таканаречениот „православен сталинизам“ во Русија, кој од маргинално општествено и црковно движење во последните години се претвори во дел од државната пропаганда. Тоа се случува денес во услови на оживување на „идеалот на СССР“, враќање на советската топонимија во окупираните украински области, подигање споменици на Ленин и воспоставување нова диктатура во земјата, во која овојпат на религијата ѝ е доделена клучна улога.

На сето тоа Руската православна црква (Московска патријаршија) одговара со одобрување, што исто така е својствено за една „политичка религија“, односно за религија која всушност ја заменува вистинската религија со идеологии и дејствува присилно. Така Руската православна црква (Московска патријаршија), според зборовите на отец Кирил Ховорун, се претвори, исто како и Кремљ, во особен крвожеден составен елемент на „Рускиот свет“ („Русский мир“), кој бара сè повеќе човечки жртви и од соседите на Русија и од самите Руси.

За одбележување е и тоа што стремежот на Руската православна црква (Московска патријаршија), покрај својот природен црковен лик, да добие и политички образ, јасно се наметнуваше во високата црковна администрација уште на почетокот на овој милениум. Како пример ќе го наведам она што неодамна го забележа Борис Кноре: во Одделот за надворешни црковни односи на Руската православна црква (Московска патријаршија), кога со него раководеше Кирил Гундјаев (тогаш сè уште митрополит Смоленски и Калининградски), биле составувани списоци со најдетални информации буквално за секое службено лице, односно за секое лице што извршувало некаква функција во власта, со цел тие политички личности задолжително да бидат поздравувани за родендените, за Нова година или за други значајни празници, за да се стекне нивната наклонетост. Тоа, пак, требало да доведе до државна поддршка на политиката на Руската православна црква (Московска патријаршија) преку користење на тие личности како носители на власт и административни механизми. Очигледно, овој „административен пристап“ дал резултати.

Односите меѓу власта на Руската Федерација и власта на Руската православна црква (Московска патријаршија)

Во најголем дел, сегашните односи меѓу Руската Федерација и Руската православна црква (Московска патријаршија) претставуваат продолжение на политички традиции и елементи и од советскиот и од царскиот државен период. Црквата извонредно се окористи по распадот на Советскиот Сојуз, бидејќи, како што беше наведено, православието неофицијално стана државна религија.

Во овој случај врската меѓу црквата и државата се покажа како заемно корисна: руското православие ѝ дава аспекти на национален легитимитет на државата и на нејзините дејствија, а државата за возврат гарантира дека другите форми на христијанство ќе бидат маргинализирани во рамките на Русија.

Во оваа средина, националистичката руска политичко-управувачка варијанта на политичкото православие беше искористена и на меѓународен план преку нејзиното активирање за време на настаните во Украина, со што политичкото православие беше поставено како скриен адут и значаен фактор во меѓународните односи. Всушност, она што денес се случува во Русија во контекст на украинскиот проблем, според зборовите на рускиот дисидент, свештеникот Јаков Кротов, претставува „национализација на православието“, негово претворање во државна идеологија, при што Руската православна црква (Московска патријаршија) ги презема „функциите на полковски воен свештеник кој извршува задачи на командата“.

Во случајот со Украина повторно гледаме демонстративна инструментализација на православието од страна на Кремљ, како и пропагандна војна што Русија ја објави во врска со постоењето – според неа – на два христијански верски света во украинската држава: на истокот на Украина – проправославен и проруски ориентиран, а во западна Украина – прокатолички и прозападен. Токму ова наметнато спојување на етносот и религијата дава основа за загриженост дека веќе не станува збор само за регионална, туку и за глобална меѓународна политика, која има директна врска со безбедноста и мирот во светски рамки.

Од друга страна, проблемот се претвора во еклисиолошки, бидејќи православните христијани ширум светот денес се сведоци на тоа дека Руската православна црква (Московска патријаршија) се користи од страна на владејачките политичари во Русија како инструмент за овековечување на нивните национални, политички и културни интереси, наместо таа, Руската православна црква (Московска патријаршија), да ја следи православната традиција националниот живот да се осветува преку примената во него на високите идеали на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Со други зборови, политиката во Русија го прегрна православието за да ја користи Црквата како инструмент – како обединувачка и кохезивна сила во епохата на силна дезинтеграција на постсоветското комунистичко општество. За одбележување е и тоа што во последните години (односно во овој преоден период) официјалното раководство на Руската православна црква (Московска патријаршија), во лицето на серускиот патријарх и рускиот Свет синод, ретко изразуваше соборни црковни ставови по вистински богословски прашања, и така беше поставен почетокот на една тенденција што им овозможи на истите тие официјални црковни раководители јавно да настапуваат и да се изјаснуваат за исклучително актуелни прашања од општествениот и политичкиот живот, влијаејќи на тој начин, во помала или поголема мера, врз политиката на најпривилегираниот наследник на „нештото повеќе од Русија“, односно СССР – Руската Федерација.

Уште повеќе, поранешниот руски патријарх Алексиј II Ридигер (познат и како агент на КГБ под агентурното име „Дроздов“ – во превод „Кос“) со години беше член на Советот за национална безбедност при претседателот на Руската Федерација, орган од првостепено геополитичко, економско, разузнавачко и воено значење. Овој пример покажува како Руската православна црква (Московска патријаршија), преку својот највисок претставник, се претвори во еден од главните политички фактори во креирањето на политичката стратегија во сите сфери на државниот живот на руската држава.

Во оваа ситуација на политичка поврзаност на Руската православна црква (Московска патријаршија), уште одамна во православниот свет се поставуваа прашања како: Каква е денес Црквата во Русија и што се крие зад поимот „црква“ во руските политички услови?; Дали во тие услови таа го обединува или го разединува руското општество врз политички принцип кој се прикрива зад православно-религиозни пораки?

За многумина православни набљудувачи уште тогаш беше јасно дека типологијата на религиозната свест и дисциплина го одвоила раководството на Руската православна црква (Московска патријаршија) од канонската црковна традиција и дека тоа повеќе ја прифатило улогата на политички „извршител“ од времето на теократската Византија со нејзиниот дуалистички модел на црковно-државни институционални врски.

Кулминацијата на овој модел дојде во 2011 година, кога Кирил, избран за руски патријарх две години претходно (исто така агент на КГБ, познат под агентурниот псевдоним „Михајлов“), доби највисока покана да ја премести својата резиденција во Кремљ. Од своја страна, Кирил тогаш го пофали тогашниот премиер Путин, нарекувајќи го „Божјо чудо“ – сето тоа наспроти позадината на кагебеовските биографии на двајцата водачи – световниот Путин и црковниот Кирил, кои и двајцата, според зборовите на Л. Фурман, „излегле од шинелот на Џержински“, еден од главните џелати на Руската православна црква.

(ПРОДОЛЖУВА)

1 COMMENT

  1. Сите кои го слават Св. Цар Јустинијан како Светител (и тоа особено оние кои го оспоруваат неговото македонско потекло и го нарекуваат вистински Византиец) нека погледнат макар во неговото кратко житие. Таму стои дека завојувал со дунавските варвари само затоа што тие ги кастрирале своите заробеници. Исто така во житието стои дека тоа е знак за неговото големо човекољубие. Внимавајте: завојувал! Значи, војна како војна: паднале мртви, ранети, бегалци на војната итн. Инаку, јас го обожавам Св. Јустинијан, немам никакво сомнение во неговата исклучителна светост.
    Е сега, нека се обидат великите современи православни или други христијански аналитичари да го споредат тој потег на еден мошне почитуван Светител со денешните мотиви за руската воена операција во Украина: биолаборатории за производство на биолошко оружје финансирани од Пентагон, убиства на илјадници руски деца во Донбас заради отпорот на нивните родители кон експлоатацијата на наоѓалиштата на шкрилци за производство на гас во нивната непосредна животна околина, оспорување на правото на милиони Руси да го користат својот мајчин јазик во нивните вековни огништа кои денес припаѓаат на украинската држава, трупање огромни количини странско оружје на границите со Русија, обид да стане територија на НАТО за вдомување висока странска технологија за антиракетни системи кои би ја онеспособиле севкупната одбранбена моќ на Русија итн.
    И нека размислат тие возвишени високоумни аналитичари дали би го осудиле и Св. Јустинијан кога би биле негови современици. Нека размислат и како би постапил тој кога би бил на местото на Владимир Путин или на Московскиот Патријарх Кирил.
    Ниедна војна не е лесна и пријатна. Бог нека ги чува сите народи од тоа зло, но најнапред сите нека внимаваат да не ја изгубат духовната војна со ѓаволот до таа мера што светлината да ја прогласуваат/сметаат за темнина, а темнината за светлина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img