Група романски поклоници од Архиепископијата Роман и Бакау безбедно се вратија во својата татковина во вторникот наутро, откако доживеале напнати моменти за време на своето поклонение во Светата земја.
Свештеникот Валентин Кирку, кој ја придружувал групата, изјави дека ситуацијата се влошила во последниот ден од поклонението. „Додека учествувавме на Божествената литургија во Ерусалим, се огласија предупредувачки сирени и се слушаа експлозии надвор“, изјави тој.
По богослужбата, поклониците добиле помош од архимандритот Јоан Меиу, претставник на Романската патријаршија во sветите места. Групата привремено била сместена во Витлеем, додека туристичките агенции и другите поклонички групи во Израел ги разгледувале можностите за заминување.
„Одлучивме по копнен пат да заминеме за Египет, за оттаму да можеме да земеме летови назад кон дома“, објасни отец Кирку.
Тој додаде дека Архиепископијата Роман и Бакау формирала и посебен фонд за да се обезбеди безбедното враќање на сите членови на групата во Романија.
Преминувањето на границата со Египет траело околу пет часа, бидејќи многу групи се обидувале да го напуштат Израел. По влегувањето во Египет, поклониците го продолжиле патувањето кон Каиро, придружувани од претставници на романската амбасада во Египет и со поддршка од локалните власти.
Отец Кирку изрази благодарност до архиереите на Архиепископијата Роман и Бакау за внимателното следење на ситуацијата, како и до романските државни институции кои помогнале за безбедното враќање на поклониците.„Му благодариме на Бога што се вративме дома безбедно и им благодариме на сите кои нè имаа во своите молитви и нè поддржуваа на секој можен начин во овие денови“, рече тој.
Во меѓувреме, Претставништвото на Романската патријаршија во светите места продолжува да обезбедува материјална и духовна поддршка за поклониците кои сè уште се наоѓаат во Израел, во услови на безбедносни тензии што избувнаа на 28 февруари.

