Дејм Сара Мулали е устоличена како 106-та надбискупка на Кентербери, со што стана првата жена на чело на Англиканската црква во нејзината 500-годишна историја. Својата служба како поглаварка на Англиканската црква и водач на светската Англиканска заедница ја почна вчера со свеченост во катедралата во Кентербери, пишува Sky News.
На свеченоста присуствуваа повеќе од 2000 луѓе, вклучувајќи го принц Вилијам и премиерот. Меѓу гостите имаше и претставници на 42 цркви членки на Англиканската заедница, како и делегации од Ватикан и Православната црква.
Dame Sarah Mullally is installed as the Archbishop of Canterbury in a ceremony at Canterbury Cathedral.
She is the first woman to lead the Church of England.https://t.co/PAiZ4D1jU3
📺 Sky 501, Virgin 602, Freeview 233 and YouTube pic.twitter.com/jmn2MEU5dd
— Sky News (@SkyNews) March 25, 2026
Според традицијата, новата надбискупка трипати тропнала на западната врата на катедралата пред да влезе. За време на обредот, на кој се насмевнувала додека присутните ја поздравувале, за свечената заклетва ја користела Библијата на Свети Јован, што е првпат таа Библија да се користи за таа намена.
Од медицинска сестра до поглаварка на Црквата
Назначувањето на 63-годишната Мулали е историски момент за Англиканската црква, што го потврди и деканот на Кентербери, Дејвид Монтејт, кој изјави дека прва жена надбискупка „била речиси незамислива дури и пред 50 години“.
Нејзиниот подем е извонреден, особено ако се има предвид дека Англиканската црква ги ракоположила првите жени свештеници дури во 1994 година, а првата жена епископ во 2015 година. Мулали и претходно ги рушела бариерите. По професија е онколошка медицинска сестра, а на 37 години станала најмладата главна медицинска сестра на Англија во историјата.
Во спомен на својата поранешна кариера, својот свечен плашт го прицврстила од ремен што го носела како медицинска сестра. Свештеничка станала на 40 години. За епископ била назначена во 2015 година како четврта жена што го достигнала тој чин, а три години подоцна станала епископка на Лондон, што е една од најистакнатите позиции во Црквата.
Сексуални скандали
На должноста надбискупка на Кентербери, Мулали го наследува Џастин Велби, кој оставка најави во ноември 2024 година. Неговото повлекување следеше по критики дека не реагирал одлучно и не ја известил полицијата за обвинувањата за физичко и сексуално злоставување извршено од волонтер во летен камп поврзан со Црквата.
Затоа, една од првите задачи на новата надбискупка ќе биде справувањето со загриженоста дека Црквата не успеала да се соочи со скандалите за сексуално злоставување што ја потресуваат повеќе од една деценија. Таа е свесна и дека нејзиното назначување може дополнително да ги продлабочи веќе постојните поделби во рамки на Англиканската заедница, чии членки се длабоко поделени околу прашања како улогата на жените и односот кон ЛГБТ+ лицата.
/индекс.хр

