Почетна Анализа Обрезаниот Христос и неговите следбеници
Обрезаниот Христос и неговите следбеници

Обрезаниот Христос и неговите следбеници

1.96K
0

Православната црква денеска го чествува обрезанието христово. Многумина се прашуваат зошто ако Христос бил обрежан, денеска Црквата тоа не го практикува. Како овој обичај станува чин во муслиманството. Дали е грев христијанин да биде обрежан. Што вели Православното учење, што Исламот.

Во календарот на Македонската православна црква-ОА на 14 јануари (секогаш на ист датум) со црвени букви се обележани три празници, различни едни од други. Тоа се Обрезание Христово, Свети Василиј Велики и Стара Нова година. Кај верниците најмногу се познати Василица, која се слави во чест на Свети Василиј, следбеник на Исусовата вера и Стара Нова година (по јулијанскиот календар). Но според Црквата најмногу значење има празникот Обрезанието Господово.

Меѓу верниците постојат дилеми зошто обрезанието не го практикуваат христијаните, особено поради податокот дека и Исус бил обрезан. Многумина имаат одбивност кон обрезанието, дури и ако на нивното дете од медицински причини мора да му биде извршен таков зафат.
За тоа зошто обрезанието го практикуваат само муслиманите и дали е грев ако дете од православно семејство биде обрежано од медицински причини разговаравме со теолози од Македонската православна црква-ОА и Исламската верска заедница во Македонија.

КРШТЕВКА НАМЕСТО ОБРЕЗАНИЕ

Според теолозите од МПЦ велат дека обрезанието воопшто не е ексклузивен муслимански обичај. Тоа е произлезено како заповед Божја, односно видлив начин на прикажување на заветот меѓу луѓето и Бога. Потенцираат дека ако некое дете мора да биде обрезано од медицински причини, тоа е се во ред и не претставува грев за обрезаниот. Но, без причина нема зошто некој христијанин да се обрезува, оти тие го имаат чинот на крштевање.

Отец Бобан Митевски - теолог
Отец Бобан Митевски – теолог

– Кога Авраам, по едно Божјо јавување го прифатил Бога како единствениот и вистински Бог, Бог му ветил дека воспоставува завет со него, дека ќе го размножи и дека Аврам ќе стане татко на многу народи, односно од него ќе издигне многу народи, големо потомство. Оттогаш му го менува името од Аврам во Авраам. Истовремено, Бог му вели на Авраам: А ова е заветот Мој меѓу Мене и вас и потомците твои во нивните родови: секое машко од вас нека биде обрезано. А ќе обрезувате краче од телото свое; тоа ќе биде знак на заветот меѓу Мене и вас (1. Мојсеева 17/ 1- -11) – објаснува отец Митевски.

Раскажува дека муслиманите се потомци на Исмаил, синот на Агара, слугинка на Авраам и Сара, кои немале деца, па затоа Сара му позволила на Авраам да биде со слугинката Агара која му родила син, а Авраам го крстил Исмаил.

-И Исмаил е обрезан, бидејќи се раѓа пред заветот за обрезанието. Оттаму, мислиманите кои се сметаат за потомци на Исмаил, а со тоа и на Авраам, чиј син е Исмаил, се обрезуваат. Исто така и Евреите, кои се сметаат за потомци на Авраам, се обрезуваат до ден денес-надласува отецот.

На прашањето зошто тоа не го практикуваат христијаните, отец Митевски вели и тие се потомци на Авраам, зашто тој ја чуваше верата во ветениот Спасител, Господ Исус Христос, ја исповедаше и Христос е од Авраамовото потомство, се разбира, по тело. Матеј на почетокот на своето Евангелие ни го докажува тоа со Христовиот родослов, каде ги кажува потомците на Пресвета Богородица, а со тоа и на Исус Христос по тело.

Христос, како очекување на старозаветниот закон, но и како исполнување на истиот, се обрезал. Секое машко дете се носело во храмот на осмиот ден за да биде обрезано. Така било постапено и со Христос, зашто како што Самиот Тој вели: јас не дојдов да го нарушам старозаветниот закон, туку да го исполнам. Но, Христос воспоставува едно ново обрезание, а тоа е крштението. Тоа што е старозаветното обрезание, за нас христијаните е крштението. Зашто истото е завет со Бога. Крштевајќи се во името Христово, ние воспоставуваме завет со Бога дека сме Негови потомци и последователи, стануваме христијани-објаснува теологот.

На почетокот, кога христијанството почнало да се шири, се покрстувале и Евреи и незнабошци (назив за сите тогашни народи што не биле Евреи). Евреите биле или веќе обрезани, или кога ќе добиеле деца, а веќе биле христијани, повторно ги обрезувале. Незнабожците не го правеле тоа.

„-Затоа настанала препирака, односно Евреите – христијани тврделе дека секој треба да се обрезе. Тогаш, апостолите, во 51 година свикале Собор (познат е како апостолски собор и по негов пример се подоцнешните Вселенски собори) во Ерусалим и по опстојна дискусија, по испитувањето на Светото Писмо и волјата Божја, заклучиле дека нема потреба да се наметнува таков јарем, односно обрезанието и на незнабошците, а со тоа и дека обрезанието веќе не е потребно. Оттогаш христијаните не го практикуваат, односно не се обрезуваат-додават Митевски.“

СУНЕТОТ Е КУЛТУРНА ТРАДИЦИЈА

Битолскиот муфтија, Плуми Велиу вели дека сунетењето (обрезувањето) не е некоја нова појава за човештвото со доаѓањето на исламот.

-Сунетењето датира уште од пратеникот Ибрахим (Аврам) кој се сунетел на осумдесет годишна возраст, односно обрезувањето е присутно и кај Евреите и кај Христијаните. Евреите своите машки деца ги обрезуваат на осмиот ден од раѓањето, додека кај христијаните обрезувањето е многу ретка појава, иако и самиот Иса (Исус) бил обрезан. Сунетењето во праксата на муслиманите е верска обврска, односно кога Возвишениот Аллах и пратеникот Мухаммед нешто ќе наредат, тогаш нема сомнеж дека тоа е добро, затоа што Аллах е Тој што го створи човекот, и Тој најдобро знае што е добро за човекот, а што не е-објаснува муфтијата Велиу.
Според него, првата и основна причина за примената на сунетот е Аллаховата наредба, односно таа наредба е за доброто на човекот.

Муфтијата Плуми Велиу - Теолог
Муфтијата Плуми Велиу – Теолог

– Обрезувањето е еден мал хирушки зафат со кого се отстранува вишокот кожа од полниот орган на машките деца (ако не се отсрани тоа ќе остане како едно џепче на самиот полов орган и ќе биде гнездо на милиони штетници кои ќе му наштетат на необрезанио,т а после и на другите преку пренесување при полни општења), со што се заштитуваат од разноразни болести и мажите додека се деца, а после, а од кога ќе стапат во брак се заштитуваат и нивните сопруги. Впрочем, медицината за ова зборува доволно многу, така да секој еден би требало да го применува-нагласува Велиу.

Вели дека во праксата на муслиманите сунетот има и културно значење, односно родителите посебно се среќни кога ќе го обрезат својот син, што претежно се прави во предшколска возраст, иако има и малку повозрасни, а тоа се должи на материјалната можностна родителите.

-Сунетот е попратен со посебна семејна веселба, речиси како свадба. Откако детето ќе биде обрезено се канат роднините и пријателите и заедно со уште еден верски чин – мевлуд се прави општа веселба, а сунетеното дете се дарува со подароци и пари-додава муфтијата.

Сунетењето е еден благороден чин, кој опфаќа повеќе аспекти, односно се исполнува Аллаховата наредба, од здравствен и хигиенски аспект се заштитува човештвото, а и се одржува една убава и корисна културна традиција

МУСЛИМАНИТЕ ПРАВАТ СУНЕТ ОД ВЕРА, ХРИСТИЈАНИТЕ ЗА ЗДРАВЈЕ

Докторите во Македонија велат дека најчесто се обрезуваат децата до десет годишна возраст кои потекнуват од муслимански семејства, но често има и такви кои тоа го прават подоцна од најразлични причини.
Најмногу се обрежуваат децата во пролетниот и летниот период, кога завршува училишната година.

-Некои ги оставаме ден-два во болница, а некои уште истиот ден ги пуштаме на болничко лекување – потенцираат докторите.

Според нив, овој зафат муслиманите го прават од тадиционални и верски причини, а православните од медицински причини.

Медицинските информации, наменети за родитеите, укажуваат на тоа дека обрежаните деца се помалку изложени на инфекции на уринарниот тракт, особено во првата година од животот. Тие инфекции се околу десет пати почести кај необрежаните деца. Аргументот губи на сила ако се знае дека машките носат помал ризик од рак на пенисот, иако болеста е ретка и кај обрежаните и кај необрежаните деца.

Некои истражувања укажуваат дека обрежувањето може да претставува дополнителна одбранбена линија од полово преносливите болести, вклучувајќи го и ХИВ-от. Проблемите од типот на иритациите како што се воспаленијата и инфекциите се чести и кај необрежаните машки деца. Хигиената се одржува полесно, иако и необрежаните учат како да ја одржуваат. Според некои тврдења, обрежувањето ја намалува (или зголемува) осетливоста на врвот од пенисот, намалувајќи (или зголемувајќи) го сексуалното задоволство. Станува збор за недокажани субјективни оценки.

Иако обрежувањето има некаква медицинска корист, тоа носи и потенцијални ризици, како и секој друг хируршки зафат. Компликациите кај обрежувањето на новороденчињата се ретки и се јавуваат кај околу 0,2 до 3 проценти од случаите. Кај нив најчесто се појавувало мало крварење и локална инфекција, кои лекарот лесно може да ги санира.

Р.З.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *