Муслиманските семејства во Русија и понатаму имаат поголем раст на многудетноста

Date:

Share post:

Иако стапката на наталитет опаѓа и кај муслиманските народи во Руската Федерација, слично како и кај традиционално православните христијани, речиси половина од муслиманското население во земјата сака да има семејства со три или повеќе деца. Тоа е повеќе од двојно поголем удел во споредба со етничките Руси, покажуваат анализи на експерти.

Иако оваа желба не значи дека сите такви семејства ќе ја остварат целта, демографите истакнуваат дека муслиманските народи во Русија и натаму ќе имаат повеќе многудетни семејства. Со оглед на демографскиот пад кај етничките Руси, оваа тенденција укажува дека нивниот удел во вкупното население на земјата ќе продолжи да расте во иднина.

Овие податоци се дел од поширока анализа објавена на порталот Милосердие, поврзан со Руската православна црква, чија цел е да разјасни и да ги разбиe распространетите митови за многудетните семејства во Русија.

Според анализата, денес во Русија има околу 2,9 милиони многудетни семејства, во споредба со 1,1 милион во 2013 година. Зголемувањето се должи на фактот што семејствата со две или повеќе деца учествуваат со околу 30 проценти од сите раѓања, додека семејствата со едно или без деца имаат значително помал удел.

Истовремено, статистиката за ваквите семејства долго време била нецелосна и неусогласена, бидејќи до минатата година регионите самостојно одредувале што се смета за многудетно семејство. Во некои региони тоа биле семејства со најмалку пет деца, во други со две, а постоеле и разлики во старосната граница до која децата се земале предвид.

Анализата покажува и дека причините за три или повеќе деца во руските семејства се разновидни – од свесни планови и вредносни определби, до непланирани бремености. Сепак, секое трето многудетно семејство во Русија живее во сиромаштија, при што ризикот од економска несигурност расте со зголемувањето на бројот на деца.

Во исто време, се забележува и мал, но растечки број добро ситуирани семејства кои имаат три или повеќе деца. Психолошките истражувања дополнително укажуваат дека луѓето без деца или оние со три и повеќе деца во просек имаат подобро чувство за сопствената благосостојба отколку семејствата со едно или две деца.

Според експертите, овие податоци ја нагласуваат сложеноста на демографските процеси во Русија и покажуваат дека религиозните, културните и социјалните фактори и понатаму играат значајна улога во обликувањето на семејните модели.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img