Во сите православни храмови на територијата на Русија ќе биде поставена информација за црковната бесплатна телефонска линија за социјална помош. Соодветно циркуларно писмо на 27 јануари 2026 година беше испратено до сите епархии на Руска православна црква.
На линијата може да се обрати секој човек, без разлика на верската припадност, националноста или социјалниот статус. Повикот е бесплатен од сите региони на Русија, а линијата работи 24 часа дневно.
Обраќајќи им се на учесниците на XII Општоцрковен конгрес за социјално служење, Патријархот Кирил нагласи дека е неопходно сите вработени во храмовите – од продавачите во црковните продавници до дежурните и свеќарките – да го знаат бројот на црковната линија и да можат да им го препорачаат на луѓето кои имаат потреба од помош.
Црковната телефонска линија за социјална поддршка е основана во 2021 година од Синодалниот оддел за добротворна дејност со благослов на Патријархот. Преку неа може да се побара духовна поддршка, повик на свештеник за извршување на свети тајни, како и хуманитарна, прехранбена или друга социјална помош. Операторите даваат и информации за црковни социјални проекти, како што се прифатилишта за жени, центри за рехабилитација на зависници, засолништа за бездомници и установи за грижа за стари лица.
Секојдневно на линијата пристигнуваат повеќе од 220 повици. Осумнаесет оператори работат непрекинато, додека 12 координатори ја следат реализацијата на секое барање во соработка со епархиите на Руската православна црква. Во полесните случаи помошта ја обезбедуваат локалните епархиски служби, а во посложените интервенира Синодалниот оддел за добротворност.
За пет години работа, црковната линија примила повеќе од 350 илјади повици, а десетици илјади луѓе добиле помош, во одредени случаи и поддршка од која зависеле нивниот живот и здравје.

