Вчера, 8 февруари 2026 година во Струмица беше промовирана новата книга на епископот Јаков, насловена „Мистичниот и литургиски живот во делата на старец Емилијан Симонопетритски“.
Настанот е во организација на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследство на пустината“. За книгата говореа проф. д-р Владимир Вукашиновиќ од ПБФ во Белград и проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Богословскиот факултет во Скопје.
Промоцијата претставува продолжение на заедничката соработка меѓу архиереите, свештенството, монаштвото и богословите на Српската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Оваа соработка започна во септември минатата година со големата научна конференција „Балкански монашки светови – дијалози за монаштвото, теологијата и културата“, одржана во манастирот Водоча кај Струмица.
Новото издание на епископот Јаков е посветено на богословското и духовното наследство на старец Емилијан Симонопетритски, еден од најзначајните современи духовни учители на Света Гора, и претставува значаен придонес во современата православна теолошка мисла и литургиска духовност.

