Почетна Вести Христијанство МПЦ-ОА доби уште еден Архимандрит и уште еден Јеромонах
МПЦ-ОА доби уште еден Архимандрит и уште еден Јеромонах

МПЦ-ОА доби уште еден Архимандрит и уште еден Јеромонах

816
0

Македонската православна црква – ОА, доби уште еден Архимандрит во своите редови. Јеромонахот Доситеј од Бигорскиот манастир, доби архимандритски чин на Литургијата за Иванден, на која служеа Дебарско-кичевски Митрополит г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, и со Епископот Антаниски г. Партениј, како и со игуменот на Беровскиот манастир г. Фотиј.

На истата литургија Бигорската Обител доби уште еден јеромонах. Станува збор за Отец Анатолиј, кој беше ракоположен во возвишениот свештенички чин.

-Ја користам оваа прилика на отецот Доситеј да му го честитаме одликувањето од страна на САС на МПЦ-ОА со достоинство на архимандрит, кое ќе го носи како почесно достоинство, останувајќи собрат на оваа обител како и досега. Му посакуваме ова достоинство да го носи за просперитет на овој манастир и за спасение на неговата душа. На новоракоположениот јеромонах Анатолиј, во името на собраќата свештенослужители и од свое име му посакуваме ревносно служење на Црквата Божја и духовно растење во христијанските добродетели. Свештеничкиот чин, пак, да го носи во служба на Бигорскиот манастир и на братството, за афирмација на МПЦ и за спасение на неговата душа. По охридски – носи го достоинството со бел образ, изјави наделжниот Митрополит г. Тимотеј.

Епископот г. Партениј пак, кој му подари архимандритски крстови на г. Доситеј, потенцира дека неслучајно ова се случува во годината кога Митрополитот Тимотеј славите седумдесет години живот и четириесет години архипастирска служба

– Нешто што е навистина големо, бидејќи Вие сте архипастирствувале во многу тешко време за нашите народ и Црква, уште од времето на комунизмот. Притоа, Вие направивте големо дело: успеавте да ни го пренесете светото предание, да ја зачувате чистотата на верата, секогаш да се грижите за нашето братство, услишувајќи ги нашите молби како татко на оваа богочувана епархија. Уште еднаш посебно Ви се заблагодарувам за тоа што благоизволивте потврдно да одговорите на моите смирено барање и да го произведите нашиот собрат, икономот отец Доситеј, во архимнадритско достоинство. Во изминативе дваесет и шест години тој се покажа како мој верен сотрудник и соподвижник, па затоа, во оваа прилика сакам да му го подарам крстот што го носев дваесет години на моите гради и редовно на Света Пасха, а ми беше подарен од него и од братството по повод петте години возобновено монаштво. Тогаш на овој крст братството ми ја напиша следнава посвета:

Како вистински богоносец,
чија љубов го воскресна Претечевиот дом
и го посеа во нас семето на верата,
ги принесовте нашите срца како жртви сепаленици пред Бога,
со татковска радост и веселие.
Од Вашите рожби, за нашиот мил отец Партениј,
со љубов од братството, 2000 година – пет години возобновено монаштво, изјави г. Партениј.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *