Почетна Коментар Единство во Бога – I дел
Единство во Бога – I дел

Единство во Бога – I дел

154
0

Бог е заедница и извор на целата заедница. Ова е тајната која светото Предание во III век на Запад и во IV на Исток, го нарече Света Троица или „Троединиот Бог“.

Во Евангелието Христос постојано го потврдува своето единство со Првото Начело, Изворот на Божеството, Кого Го нарекува свој „Отец“. „Никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.“ (Матеј 11:27) Се чини дека Христос постои само во овој однос, и преку обраќањето „Авва“ го изразува Своето синовско битие.

Значи, единствениот Бог не е осамен Бог. Толку е прекрасен во Своето единство, Својата „совршена заедница“ како што вели Дионисиј Ареопагит, која го носи во себе самиот импулс на љубовта.

Истовремено, самото Христово постоење е постоење во Духот, Духот на Отецот, кој почива на Христа и се предава преку Него. Евангелието според Лука, Му го припишува на Светиот Дух зачнувањето на Христа, како и пројавите и зборовите кои го најавуваат или слават Неговото раѓање. „Духот на Севишниот е врз Мене.“, изјавува Христос кога за прв пат ќе се обрати во синагогата. Синоптичките Евангелија истакнуваат дека Он „скока од радост“ во Духот. Токму во Духот Христос се моли, зборува, дејствува, се соочува со ѓаволот, ги исполнува „знаменијата“ кои го најавуваат и предвестуваат Царството. „Затоа бивајќи вознесен и седнат од десната страна на Бога, и откако го прими од Отецот ветувањето за Светиот Дух, тој го излеа ова што го гледате и слушате“, вели светиот Апостол Петар во Делата Апостолски. Последниот разговор, раскажан од Свети Јован Богослов, содржи поопширно учење за Духот. Христос го ветува како „друг Утешител“ (застапник, заштитник,) во Кого Он ќе остане присутен тука и после Неговото заминување. „Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал.“ (Јован 14:26) „Он ќе сведочи за Мене.“ (Јован 15:26) Една вечер после Неговото Воскресение, Христос им го вдахна Светиот Дух на Апостолите. „Седнат оддесно на Отецот“, Он посредува пред Отецот за да се случи Педесетницата, или за Светиот Дух да дише слободно во единството на Неговото тело кое е Црквата. И во Делата Апостолски имињата на Христос и на Светиот Дух се заменливи.

Секоја Божествена Ипостас не е дел од Божеството, туку уникатен неспоредлив начин на пројава на Бога, на примање и давање на единство. „Секоја Ипостас е во единство во однос на другите исто толку колку и во однос на Себе си“ вели свети Јован Дамаскин. Три е „мета – математички“ број кој иако останува идентичен на Еден, го означува вечното надминување на спротивноста, не со реапсорбирање во безличното, туку во полнотата на заедницата, каде секој наместо да се спротивставува, ги прифаќа другите. Троичниот начин на живот со постигнување на полнота ги надминува и осаменоста и изолираноста на едниот, како и спротивставеноста и слеаноста на двајцата. Фактот дека Отецот е непресушен извор на Божеството и праизвор на Синот и Духот, не значи ни малку Негова супериорност. На Неговото Слово, Неговото второ Јас, Отецот Му дава сѐ што и Самиот е, и прави Духот да почива врз Него. Ова е вечното помазание на Синот и исто така Царството на Отецот. „Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене.“ , вели Христос и Му се обраќа на Отецот: „Се Мое е Твое и Твоето е Мое“ и Оној во кого тие се љубат еден друг е Светиот Дух, здивот што го одржува созданието.

(Продолжува…)

/Пишува: Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *