Почетна Коментар Ловци на луѓе
Ловци на луѓе

Ловци на луѓе

463
0

Зошто во денешното евангелие Христос вели дека Своите ученици ќе ги направи „ловци на луѓе“, а не, на пример, нивни учители, водачи или нешто слично? Ајде да видиме – зошто.

Да почнеме од самите себе, како што е редот, и да се запрашаме: дали сме носители на дарот на умно-срдечната молитва, односно дали нашиот ум може молитвено да престојува во нашето срце и дали таму се просветлува? Очигледно, не. Причината е заробеноста на нашето срце од бесловесните страсти. И знаеме убаво дека, пред сè, тоа е бесловесната страст на славољубието, на високото мислење за самите себе или гордоста, односно фактот дека нашиот острастен разум (без оглед на нивото на нашата интелигенција) го поставуваме за врвен критериум на сè она што го перципираме околу нас и врз основа на него донесуваме заклучоци.

Посебно, проблемот се состои во тоа што, ако стварноста е сосем поинаква од тоа што ние си мислиме, не се ни запрашуваме за негативните последици од погрешните заклучоци по нашиот духовен развој. Лекот го знаеме, а не го користиме. Тоа е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, т.е. ставање на умот во процес на исцеление преку послушанието кон духовниот отец – до просветлувањето на умот.

Сега, ако ние кои сме свесни дека сме заробени од бесловесната страст на високоумието и се бориме против неа, а сѐ уште не можеме да се ослободиме, тогаш што ли се случува со оние кои ниту се свесни дека се заробени од бесловесните страсти, ниту се свесни дека се водени преку нив во пропаст? Посебно, пак, кога знаеме дека поттикнувач на секоја бесловесна страст е демонот. Затоа и гледаме дека како што бесловесното животно бега од ловецот така и луѓето, заведени од бесловесните страсти (славољубието, среброљубието и сластољубието), демонот ги води далеку од Црквата и од духовните отци. И затоа, како што обичниот ловец треба да биде искусен за да го фати својот плен така и ловецот на луѓе, односно духовниот отец треба да биде опитен за да ги приведе луѓето кон спасение. Духовниот отец е, всушност, сведок Христов и истерувач на демони, па затоа и ловец на луѓе – заробеници на демоните.

Духовен отец може да се нарече само човек кој со помош на Божјата благодат се подготвил за тоа и е повикан за тоа. Човек кој го просветлил својот ум молитвено во срцето. Човек со слово што извира од неговото очистено срце и кое допира до длабочината на срцето на ближниот; човек со присуство во силата на благодатта Божја. Во негово присуство страстите се парализираат, демонот бега далеку, а неговото слово внесува светлина, сила и надеж во срцето на другиот човек.

Но, и кога некој ќе се оддалечи физички од духовниот отец и кога страста повторно ќе живне, и кога демонот повторно ќе се врати, тој не е оставен сам. Духовниот отец со молитвата во своето срце, во доволна мера, ги одржува светлината, силата и надежта, односно духовното семе што го посеал во срцето на својот ближен, така што семето во содејство со слободната волја на оној во кој е посеано и со помош на благодатта на Светиот Дух може да изрти, да порасне и да донесе плод – ослободување на срцето од страстите и демонското влијание.

Значи, демонот од другите можеме да го истераме само ако претходно сме го истерале од себе. Ако не допреме до своето срце, преку умно-срдечната молитва, не можеме да допреме ни до срцето на другиот. Јасно ли е сега зошто немаме успех во проповедта и зошто кога некој и ќе ни пристапи го правиме сличен на нас или и полош, а не сличен на Христос? И зошто ги одбиваме луѓето од Богочовекот Христос, наместо да ги придобиеме за Него и за нивно спасение?

Денес, „ловците на луѓе“ се реткост. Повеќе Божјата благодат ги носи луѓето коишто Го бараат Бог во Црква и кон духовниците на Црквата, отколку што се тие самите „ловци на луѓе“. Поинаквото мислење за самите себе – е прелест.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *