Монаси од Света Гора сослужуваа во Киево-Печерската лавра на ПЦУ

Date:

Share post:

Игуменот на светогорскиот манастир Есфигмен, архимандритот Вартоломеј, престојуваше во Украина, каде што со делегација монаси учествуваше на богослужбите по повод празникот на свети Антониј Киевски – основачот на Киево-Печерската лавра.

По покана на поглаварот на Православната црква на Украина, митрополитот Епифаниј Киевски и на цела Украина, игуменот Вартоломеј началствуваше на празничната вечерна, утрената и Божествената литургија во Киево-Печерската лавра. На литургијата молитвено присуствуваше и митрополитот Епифаниј, додека богослужбените песнопенија ги изведе хорот на архонт-протопсалтот на Вселенската патријаршија, Григориос Дараваноглу.

Во соопштението на Православната црква на Украина се нагласува дека присуството на игуменот и светогорските монаси од манастирот во кој свети Антониј го примил монашкиот постриг претставува силен симбол на вековните духовни врски меѓу Света Гора, Вселенската патријаршија и Црквата во Украина.

Во своето обраќање по литургијата, архимандритот Вартоломеј потсети на животниот пат на свети Антониј Киевски, кој заминал од Киев на Света Гора, се замонашил во манастирот Есфигмен, а потоа, со благослов на игуменот Теоктист, се вратил во својата татковина за да го пренесе светогорскиот монашки дух и да ја основа Киево-Печерската лавра.

Осврнувајќи се на војната во Украина, игуменот Вартоломеј порача дека монашкото братство на Есфигмен не се двоумело да отпатува во Киев и покрај воените опасности.

„Совршената љубов го изгонува стравот“, истакна игуменот, додавајќи дека болката и страдањето на украинскиот народ не можат да ги остават рамнодушни православните монаси од Света Гора.

Тој оцени дека автокефалната Православна црква на Украина претставува враќање кон своите автентични црковни и духовни корени, а воедно говореше и за духовната поврзаност меѓу Света Гора, Вселенската патријаршија и Киевската црква преку личноста на свети Антониј.

Како знак на духовно единство и поддршка, игуменот Вартоломеј му подари на митрополитот Епифаниј архипастирски жезол и копија од чудотворната икона на Пресвета Богородица Арсаниотиса – главната икона на манастирот Есфигмен.

На крајот од посетата, игуменот порача дека борбата на украинскиот народ за својата вера, слобода и идентитет е и борба на братството на манастирот Есфигмен, нагласувајќи ја подготвеноста на светогорските монаси да останат духовно блиски со украинските православни верници и во време на војна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img