Со Света Златоустова Литургија во Македонски Брод беше одбележан празникот Успение на Пресвета Богородица – патрон на храмот и на градот. Со празничната богослужба чиноначалствуваше надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј.
На празничниот ден храмот беше исполнет со верници кои во молитвена атмосфера заеднички го прославија празникот посветен на Пресвета Богородица.
Посетата на Митрополитот Георгиј и неговото служење на Светата Литургија му дадоа посебна свеченост на празнувањето, на кое присуствуваа бројни жители на Македонски Брод и верници од околината.
Од храмот упатија молитва по застапништвото на Пресвета Богородица Господ да им дарува на сите мир, здравје, љубов, благодат и секое добро.
„Ви благодариме на сите кои со своето присуство ја збогативте оваа наша заедничка духовна радост“, порачаа од храмот по повод празникот.
Голема Богородица е еден од најзначајните празници во православниот календар, а во Македонски Брод празникот има посебно значење бидејќи Пресвета Богородица е патрон на градот и на храмот.







