Романската патријаршија јавно застана во одбрана на верската настава во државните училишта, откако Романското секуларно-хуманистичко здружение (ASUR) објави извештај за нејзиното спроведување и искуствата на учениците.
Во официјалното соопштение, Романската православна црква потсетува дека верското образование е загарантирано со Уставот на Романија, поточно со членот 32, став 7, во кој се наведува дека државата ја гарантира слободата на верското образование, согласно специфичните барања на верските заедници, а во државните училишта тоа се организира и гарантира со закон.
Патријаршијата се повикува и на Законот за верска слобода и статусот на верските заедници од 2006 година, Законот за предуниверзитетско образование од 2023 година, како и методологијата за изведување на наставата по предметот Веронаука, усвоена во 2025 година.
Притоа, прави разлика меѓу законската обврска на државата да обезбеди верска настава и доброволното право на учениците да ја посетуваат.
„Доколку обезбедувањето верско образование претставува законска обврска на државата, учеството на учениците претставува слободно остварување на едно право“, наведува Романската патријаршија.
Оспорена методологијата на истражувањето
Романската православна црква ги оспорува и методолошките основи на извештајот на ASUR, кој се темели на одговори од 526 лица што доброволно пополниле онлајн прашалник.
Според Патријаршијата, самите автори на истражувањето признаваат дека примерокот не е репрезентативен, дека постои можност за прекумерна застапеност на негативните искуства и дека пријавените случаи не можеле независно да ги проверат.
Како дополнителни слабости се посочуваат нерамномерната географска застапеност на испитаниците, вклучувањето искуства од периоди пред актуелната законска регулатива, нејасното дефинирање на одредени поими и прашањата формулирани на начин што може да влијае врз одговорите.
Поради тоа, Патријаршијата смета дека поединечните случаи не можат да се генерализираат и да се претстават како слика за целиот систем на верска настава во Романија.
Во соопштението посебно се разјаснува и прашањето за запишувањето на учениците на веронаука.
Според важечката законска регулатива, изборот се потврдува со писмена изјава на полнолетниот ученик, односно на родителите или законските застапници на малолетните ученици. Поднесената пријава останува важечка во текот на целото предуниверзитетско образование, сè до евентуална промена на одлуката.
Оттука, според Романската патријаршија, нема законска обврска родителите секоја учебна година повторно да поднесуваат барање за запишување на веронаука.
Одговорноста за информирање на родителите, спроведување на постапката за пријавување и организирање активности за учениците кои не ја посетуваат верската настава е на самите училишта.
Патријаршијата исто така се спротивставува на воведување различен или дискриминаторски систем на оценување за предметот Веронаука. Според нејзиното образложение, фактот што посетувањето е доброволно не значи дека предметот треба да има поинаков образовен статус од другите училишни предмети. Оценките по веронаука се вклучуваат во пресметувањето на општиот успех на учениците.
Романската патријаршија се повикува и на европската практика
Во одбраната на верската настава, Романската патријаршија се повикува и на практиките во другите европски држави.
Според нејзините наводи, верското образование како посебен училиштен предмет, организиран според верската припадност, постои во повеќето европски земји.
Во Австрија, Белгија, Кипар, Хрватска, Германија, Грција, Ирска, Италија и Малта, за верската настава се предвидени по два часа неделно, додека во Австрија, Хрватска, Германија и Романија таа може да биде избрана и како предмет на завршниот средношколски испит.
Патријаршијата наведува дека и податоците од самиот извештај на ASUR покажуваат високо учество на учениците во верската настава. За учебната 2023/2024 година, стапката на запишани ученици се движела меѓу 87 и 92 проценти, зависно од образовното ниво.
Во завршницата на реакцијата, Романската православна црква нагласува дека во демократско и плуралистичко општество слободата на совеста подразбира истовремено почитување на изборот на оние кои не сакаат да посетуваат верска настава и гарантирање на правото на оние кои ја бараат.
Патријаршијата повикува на одговорна јавна дебата заснована врз проверливи податоци и почитување на законската регулатива, нагласувајќи ја потребата од соработка меѓу семејството, училиштето и Црквата во воспитувањето на младите генерации.

