„Шаховската игра“ ја играме бестрасно – како спортски интелектуален и духовен натпревар, со љубов и почит, затоа што сме деца на иста Мајка – Црквата. Колку посилен „противник“, толку повеќе учиме. Играта, значи, не е завршена. Не знам дали играњето од позиција на Царството Небесно носи некоја предност. Лично, мислам дека – не мора да значи; но, ќе видиме. Можеби ќе значи и промена на „страна“.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Пред еден месец се јавив кај сестра Филотеја да ја замолам да го праша владиката Бачки Иринеј дали може на враќање од Кучанци да поминам од кај нив и да служиме заедно на Ѓурѓиц – денот на соборниот храм на Нови Сад. Еднаш – порано, ме беше поканил, но Дедо Стефан испрати други епископи и тогаш не отидов. Таа ми одговори дека владиката најверојатно нема да може тој ден, но дека ако има нешто ново – ќе ми јави. Не знам како испадна да ѝ речам дека, со помошниот владика Даманскин ќе имам прилика и другпат да служам, но мојата желба беше да служам со владиката Иринеј.
И еве денес, владиката Иринеј ми ја исполни таа желба. Дедо Стефан нѐ прати дедо Петар и мене на Литургијата и опелото по повод неговото упокојување, во Господа. Во Христос се сите живи, а нашиот собрат и сослужител знаеме дека денес беше со нас на Светата Литургија – пожив од кога било другпат. Впрочем и самото мое доаѓање сведочи дека владиката Иринеј почна да ги слуша и исполнува нашите желби. Се случија и многу други олеснителни околности – при доаѓањето, но тоа нека остане тајна…
Уште како студент, многу бев поврзан со тројцата ученици на преподобниот Јустин Ќелиски. Ги читав нивните книги, ги слушав нивните предавања на факултетот во Белград и во манастирот Велика Ремета и се исповедав кај еден од нив. Такви беа условите на почетокот од осумдесетиите години на минатиот век и Му благодарам на Бог за тоа.
Од отец Јустин учевме за тајната на соборниот живот на Црквата, дека – во Христос, секој еден од нас, живее и расте во сите и преку сите; и дека сите живеат и растат во секого и преку секого, сѐ додека Христос не стане сѐ во сѐ.
Од отец Атанасиј учевме за еклисиологијата; до толку што – целата одбрана на автокефалноста на МПЦ-ОА, ја темелевме на неговото оправдување на автокефалноста на Пеќската Архиепископија – која се одвои од Охридската Архиепископија.
Од отец Амфилохиј учевме за исихазмот на свети Григориј Палама и за разликувањето на Божјата суштина – за нас непричесна, од Божјите несоздадени енергии – за нас причесни, кои ни носат битие, благобитие, како и вечно благобитие.
Отец Иринеј ни ја всади љубовта кон свети Марко Ефески и кон неговата ревност за чистотата на нашата православна вера.
Но, подоцна, од истиот, но сега – владика Иринеј, а и ние веќе епископи, бевме принудени – сето дотогаш научено, низ огинот на теолошкиот дијалог за надминување на расколот, да го провериме и разјасниме.
Тој беше главниот човек што ги влечеше потезите во „шаховската игра“ чиј крај формално требаше да биде автономија или автокефалност на МПЦ-ОА, Јустинијана Прима, а суштински – требаше да биде: колку е убаво кога браќата живеат заедно.
Одговарајќи на потезите што, притоа, беа влечени од другата страна разјаснивме дека:
Прво: на административна црковна одлука, не се одговара со светотаинска мерка – тоа е многу несоодветно однесување. На пример, на евентуално неправилно прогласена автокефалност се одговара со непризнавање на истата, а не со прекин на сослужување на Литургија и со неспомнување на истата.
Второ: варењето на свето миро не е средство за контрола над една Помесна црква, туку е средство на контрола од страна на Епископот врз презвитерите; и е во власт на секој Епископ, без тој да има потреба од истото.
Трето: позицијата на Епископот по чест и позицијата на Епископот по власт си имаат свој литургиски израз – местото на првата позиција е на „Великиот Вход“, а на втората на „најнапред спомни го“.
Четврто: православната еклисиологија е таква што секој обид на првенството по чест да се претвори во првенство по власт над еднаквиот со тебе е еклисијална ерес.
Петто: „првенството по чест“ – без оглед дали во Соборната или во Помесната црква, го одржува единството на Црквата и секој обид да се измести би значел опасност од раскол.
Шесто: титулите на сите Поглавари го покажуваат само нивното првенство по чест, не по власт; на пример, Вселенски, Македонски, Руски, Српски, Бугарски, Албански, Романски, на цела Елада итн. Тие имаат власт само во епархијата со која раководат.
Седмо: најголема опасност за единството на Црквата е немањето на внатрешно духовно покритие за високите свештенички чинови што ги носиме, односно – отсуството на царското, есхатолошко и внатрешно свештенство, што значи – отсуството на умно-срдечната молитва и на просветленоста на умот. Итн., итн… работи кои на оние што не поминале низ раскол, не им паѓаат ни на памет.
„Шаховската игра“ ја играме бестрасно – како спортски интелектуален и духовен натпревар, со љубов и почит, затоа што сме деца на иста Мајка – Црквата. Колку посилен „противник“, толку повеќе учиме. Играта, значи, не е завршена. Не знам дали играњето од позиција на Царството Небесно носи некоја предност. Лично, мислам дека – не мора да значи; но, ќе видиме. Можеби ќе значи и промена на „страна“.
Владико возљубен, моли се за нас…

