Почнува прославата на празникот на Вселенската патријаршија во Фенер

Date:

Share post:

Вселенската патријаршија на 30 ноември ќе го одбележи празникот на светиот апостол Андреј Првоповиканиот, својот патрон, а во центарот на вниманието ќе биде и најавената средба на поглаварите на древните православни патријаршии. На свеченостите ќе присуствува и грчкиот претседател Константинос Тасулас, кој доаѓа во Константинопол на покана на патријархот Вартоломеј.

Патронскиот празник на Вселенската патријаршија, посветен на светиот апостол Андреј Првоповиканиот, на 30 ноември повторно ќе ги насочи погледите на православниот свет кон Фенер, седиштето на Цариградската патријаршија.

Централниот настан ќе биде свечената Божествена литургија во Патријаршискиот храм „Свети Георгиј“, со која ќе началствува Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Празнувањето годинава привлекува посебно внимание и поради најавената средба на поглаварите на четирите древни православни патријаршии – Константинополската, Александриската, Антиохиската и Ерусалимската.

Од досега објавените информации, Александрискиот патријарх Теодор II го потврдил своето присуство, додека Антиохискиот патријарх Јован X писмено го известил патријархот Вартоломеј дека нема да учествува на средбата. Учеството на Ерусалимскиот патријарх Теофил III засега не е потврдено.

Отсуството на Антиохискиот патријарх и неизвесноста околу учеството на Ерусалимскиот патријарх му даваат дополнителна тежина на собирот, кој се одржува во период на чувствителни односи меѓу помесните православни цркви. Затоа, освен самото празнување, особено ќе се следат составот на црковните делегации, разговорите меѓу поглаварите и евентуалните заеднички пораки од Фенер.

На покана на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, од 28 до 30 ноември во Константинопол престојува и грчкиот претседател Константинос Тасулас. Неговото присуство на празничната литургија ја нагласува поддршката на грчката држава за Вселенската патријаршија и нејзината историска и црковна улога во православниот свет.

Во рамките на посетата, Тасулас заедно со патријархот Вартоломеј ќе ја отвори изложбата „Сјајот на Фенер – богатства на византиската и поствизантиската уметност“, посветена на уметничкото и духовното наследство на Патријаршијата.

Предвидена е и средба на грчкиот претседател со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Со тоа, покрај црковното значење, празничните денови во Фенер добиваат и дипломатска димензија, особено во контекст на односите меѓу Грција и Турција и прашањето за положбата на Вселенската патријаршија во Турција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img