Патријархот московски и на цела Русија Кирил оцени дека развојот на вештачката интелигенција (ВИ) го приближува човештвото кон сценарија опишани во апокалиптичните пророштва, предупредувајќи дека постои опасност човекот постепено да ја изгуби способноста самостојно да размислува, да одлучува и да презема одговорност за своите постапки.
Говорејќи на пленарната седница на XXVIII Светски руски народен собор, одржана на 26 ноември во храмот „Христос Спасител“ во Москва, Кирил посочи дека вештачката интелигенција веќе станува сила на која луѓето ѝ ги доверуваат своите одлуки, прифаќајќи ги нејзините совети како објективна вистина.
„Сега имаме работа со сила која донесува одлуки наместо луѓето, лишувајќи ги од потребата да размислуваат и да преземаат одговорност“, рече рускиот патријарх.
Тој предупреди и на можноста вештачката интелигенција, доколку добие контрола врз клучните процеси за функционирање на општеството, да го смета човекот за непотребен елемент во системот.
„Каква судбина тогаш го очекува човештвото? Како никогаш досега, се чини дека е блиску остварувањето на пророштвата на Апокалипсата на свети Јован Богослов“, изјави Кирил.
Според него, предизвикот не е само технолошки, туку пред сè антрополошки и духовен. Вештачката интелигенција може да биде супериорна во логиката, обработката на информации и пристапот до знаења, но човекот располага со две особини што машинскиот разум не може да ги замени – слободната волја и моралноста.
Токму преку нив, смета патријархот, човештвото може да ја задржи контролата врз новата технологија.
„Токму на полето на волјата и моралноста човекот може да се покаже посилен и да ја задржи силата на вештачката интелигенција под своја контрола“, порача Кирил.
Тој нагласи дека зачувувањето на овие човечки својства е невозможно без верата во Бога, посочувајќи дека современото општество, со културата на неограничено потрошувачко задоволство и постојаните искушенија, ги ослабува моралноста и човечката волја.
„Оваа можност ја дава само верата во Бога“, рече рускиот патријарх, повикувајќи на зачувување и зајакнување на религиозниот светоглед.
Во тој контекст, Кирил оцени дека токму врз христијаните Бог ќе ја положи мисијата за „скротување“ на новата моќ и спречување на најлошото сценарио, во кое човекот, создаден според Божјиот лик и подобие, би можел да биде потиснат на маргините на постоењето, отстапувајќи му го местото на вештачкиот разум.
Во својот говор тој ѝ додели посебна улога и на Русија, оценувајќи дека таа, како технолошки развиена држава во која сè уште се зачувал религиозниот поглед на светот, може да понуди алтернатива на цивилизацијата на потрошувачката, заснована врз духовни и морални вредности.

