Тресонче и Бигорскиот манастир денеска стануваат средиште на истражувачи од Македонија и регионот, кои шест дена ќе го проучуваат богатото духовно, уметничко и книжевно наследство на Малореканскиот и Дебарско-мијачкиот крај.
Во црквата „Свети Апостоли Петар и Павле“ во Тресонче денеска започнува седмото издание на Малореканската летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, по што програмата продолжува во Бигорскиот манастир.
Школата годинава е посветена на Петре Р. Коловски (1931–2025), последниот зограф од старото поколение на дебарско-мијачките зографи, кој бил долгогодишен пријател и соработник на школата.
Во програмата учествуваат околу дваесет историчари на уметноста и филолози од Македонија, Србија и Бугарија. Тие во текот на шест дена ќе посетат повеќе цркви и значајни локалитети во Малореканскиот, Дебарскиот и Мавровскиот Регион.
Токму овие простори во XIX век биле значајни центри на преродбенските процеси, а од нив произлегле познати дебарско-мијачки зографи чие творештво оставило силен белег во македонските цркви и манастири, но и во поширокиот балкански простор.
Вечерните научни сесии ќе се одржуваат во Бигорскиот манастир, каде истражувачите ќе ги претстават своите најнови сознанија за творештвото, уметничката активност и влијанието на дебарско-мијачките зографи.
За првпат годинава школата добива и филолошка секција, посветена на јазичното и книжевното наследство на Малореканскиот Регион. Ќе се истражуваат ерминиите од дебарско-мијачкиот зографски круг, но и особеностите на малореканскиот говор.
Бигорскиот манастир и Тресонче, како едни од најзначајните места поврзани со духовната и уметничката традиција на овој крај, така повторно стануваат места каде што се среќаваат науката, црковното наследство и живата традиција на Мијаците.

