Ерусалимскиот патријарх Теофил III го примил рускиот архимандрит Васијан (Змеев), раководител на Руската духовна мисија во Ерусалим (МИСИЈА), соопшти „Orthodox Times“.
Средбата се одржала на 24 ноември во Ерусалим. Во кратката информација објавена од Ерусалимската патријаршија не се наведуваат детали за темите на разговорот.
Името на архимандритот Васијан е познато во црковните и дипломатските кругови на Балканот по неговото протерување од Бугарија во септември 2023 година. Тогаш бугарските власти го прогласија за непожелна личност, заедно со уште двајца свештеници на Руската православна црква, меѓу кои и двајца белоруски свештеници.
Во тоа време Змеев беше претставник на Московската патријаршија во Софија и раководеше со рускиот црковен метох. Бугарската Државна агенција за национална безбедност соопшти дека тројцата свештеници биле вклучени во спроведување на руската „хибридна стратегија“, со цел влијание врз општествено-политичките процеси во Бугарија во интерес на Кремљ.
По протерувањето, на Васијан му беше забранет и влез во Македонија. Во тогашните медиумски извештаи во Македонија неговото име се поврзуваше со руското влијание врз црковната дипломатија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и процесот на нејзино целосно признавање на автокефалноста.
По заминувањето од Софија, Васијан ја презеде функцијата раководител на Руската духовна мисија во Ерусалим, со што продолжи да дејствува во рамките на црковните структури на Московската патријаршија во Светата земја.
Средбата со патријархот Теофил III се случува во период на интензивирани контакти меѓу Ерусалимската и Руската православна црква. Само неколку дена претходно, Теофил III престојуваше во Москва, каде што учествуваше во одбележувањето на 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил. Во руската престолнина тој се сретна и со рускиот претседател Владимир Путин.
Во истиот период, Ерусалимскиот патријарх е меѓу поглаварите поканети од Вселенскиот патријарх Вартоломеј на братска средба во Фенер, најавена за 30 ноември, на празникот на светиот апостол Андреј, патрон на Вселенската патријаршија.
Инаку, при приемот на 24 ноември, патријархот Теофил III примил и други гости. Меѓу нив биле професорот по теологија и доктор по психологија Спиридон Цицигкос од Атинскиот универзитет, на кого му било доделено одликувањето Витез на Крстот на Редот на витезите на Светиот Гроб, како и Николаос Хури, раководител на одделот за арапски преводи на официјалната интернет-страница на Патријаршијата.
Ерусалимската патријаршија не објави дополнителни информации за разговорот меѓу Теофил III и рускиот архимандрит.

