Митрополитот Анастасиј од Корча го обвини Таулант Бала, шеф на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија во Албанија, за омаловажување на православното свештенство, откако политичарот по повод Денот на азбуката на албанскиот јазик објави сцена од филм од периодот на социјалистичкиот реализам. Во реакцијата, митрополитот го отвори и прашањето за иселувањето и демографското празнење на земјата.
Станува збор за сцена од филм во која е прикажан православен свештеник на начин што, според митрополитот, го омаловажува и исмева православното свештенство. Објавата на Бала предизвика реакција кај поглаварот на Корчанската митрополија, кој ја доведе во прашање соодветноста на користењето вакви филмски сцени за одбележување на националниот празник посветен на албанскиот јазик.
„Кога преку депопулација правиш сè за Албанија да зборува на секој јазик освен на албанскиот, а работната позиција ти налага да глумиш патриот на националните празници. Не можете да го обесчестувате православното свештенство со филмови од социјалистичкиот реализам, господине Бала“, напиша митрополитот Анастасиј во својата реакција.
Со оваа порака митрополитот не само што се спротивстави на начинот на кој во филмската сцена е претставен православниот свештеник, туку упати и политичка критика кон Бала, поврзувајќи ја неговата патриотска реторика со проблемот на иселувањето и намалувањето на населението во Албанија.
Филмската сцена што ја споделил Бала е од продукција на албанската кинематографија од времето на комунистичкиот режим, период во кој религијата и верските заедници беа предмет на државна репресија и антирелигиозна пропаганда. Во 1967 година комунистичките власти ја забранија верската дејност, затворија верски објекти и започнаа систематски прогон на свештенството.
Претставувањето на свештениците во тогашните филмови често било дел од идеолошката пропаганда на режимот, кој настојувал да ја дискредитира религијата и нејзините претставници.
Реакцијата на митрополитот Анастасиј доаѓа токму во контекст на одбележувањето на Денот на азбуката, кој во Албанија се празнува на 22 ноември и е посветен на историскиот Конгрес во Битола од 1908 година, на кој била стандардизирана албанската азбука.
Прашањето за односот меѓу албанскиот јазик и православната црква има и поширока историска димензија. Православни свештеници и духовници имале значајна улога во развојот на албанската писменост, преведувањето на црковни текстови и богослужбената употреба на албанскиот јазик.
Реакцијата на митрополитот Анастасиј повторно го отвора прашањето за историското претставување на православното свештенство во албанското општество, особено кога станува збор за периодот на комунистичката диктатура и државниот атеизам.

