Митрополитот Григориј од Перистери, архијереј на Грчката православна црква и професор по канонско право, ја оцени идеологијата на таканаречениот „Руски свет“ како современа еклисиолошка ерес, обвинувајќи ја Руската православна црква дека ѝ дала предност на државната идеологија пред богословието и црковното сведоштво, пренесува libertasfidei.org.
Григориј ова го изјавил на семинарот „Улогата на црквите и религијата во услови на криза на демократијата и манипулација со информациите“, организиран од Полската амбасада во Атина.
Според митрополитот, проблемот настанува кога автокефалната црква, под влијание на државната идеологија, се претвора во национална црква, со што се нарушува нејзината суштина.
„Очигледно е дека во Руската црква идеологијата има предност пред богословието. Она што го ставаат на прво место е националната идеологија на државата, а не вистината за која сведочи Црквата“, истакнал Григориј.
Тој нагласил дека христијанскиот идентитет треба да биде пред националната и државната припадност, а христијаните имаат обврска да се спротивстават на авторитарните режими кога тие ја газат демократијата.
Митрополитот се осврнал и на изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека Украинците треба да се идентификуваат со руската идеологија. Според него, Путин како политичар има право да изнесува такви ставови, но проблемот е што патријархот московски Кирил ја споделува таа позиција и ги повикува верниците да ја прифатат.
Коментирајќи ја изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека државата и Црквата „одат рака под рака“, Григориј оценил дека тоа всушност значи потчинетост на Црквата кон државата.
Како пример за последиците од ваквото поврзување на Црквата со државната политика, тој го посочил и сопственото четиригодишно црковно служење во Естонија. Раскажал дека луѓе кои не го познавале, гледајќи го како свештеник на улица, го нарекувале „окупатор“.
Според него, Руската црква дозволила свештенството да биде поврзувано со окупаторската власт, без соодветно да се спротивстави на таквата перцепција.
„Токму затоа таканаречениот ‘Руски свет’ е современа еклисиолошка ерес“, порачал митрополитот Григориј.
Неговите ставови се дел од пошироката критика на црковното потчинување на националните и државните идеологии и на нивното влијание врз единството и соборноста на Православната црква.

