Каде беа сиромасите на ручекот во „Хилтон“?

Date:

Share post:

Ридот наречен Голгота стоеше соголен и незаинтересиран како да чекал за овој единствен чин од почетокот на времето.

Пишува: Денко Малески (за Либертас.мк)

На покана на премиерот, претставници на власта, црковните великодостојници, бизнисмените и новинарите се собраа на ручек во хотел „Хилтон“ во Скопје, по повод христијанскиот празник Велигден. Недостасуваа само претставниците на сиромасите. Оти, да не заборавиме, прославата е во чест на „Исус, шампионот на сиромашните“. И повеќе од тоа: Исус Христос е еден од тие сиромасите.

Некој кој, како што кажуваат преданијата, постојано ги прозивал религиозните и политичките елити за нивното лицемерие и експлоатација, особено кога се злоупотребува религијата за да се оправда нееднаквоста меѓу луѓето. Некој кој го бранел достоинството на сиромасите и се борел против неправдата и лагата. И конечно, некој кој своеволно се изложил на страдање, распнување и смрт за да ги откупи гревовите на човештвото.

Гледајќи ги фотографиите од свечениот ручек во хотел „Хилтон“, мислите ми одат кон вистинското значење на денот кој Христијаните го обележуваат како Голем ден. Разбирливо, во оваа дигитална ера, прво помислувам на сцените од филмот „Страдањето на Христос“ во режија на Мел Гибсон, а потоа се потсетувам на некои прочитани литерарни фрагменти.

Во Библијата пишува: „Кога дојдоа до местото наречено Черепот, го распнаа, заедно со криминалци – еден на неговата десна страна, еден на неговата лева. Исус рече ‘Татко, прости им, зашто не знаат што прават’“. Во својата книга „Последното искушение на Христос“, пак, Никос Казанѕакис го нуди следниот литерарен опис за тој ден Велигден: „Небото се стврдна како олово, а светлината на сонцето паѓаше безмилосно. Ридот наречен Голгота стоеше соголен и незаинтересиран како да чекал за овој единствен чин од почетокот на времето.

Го фрлија долу врз дрвото. Звукот на чеканот одекна – остар, метален, финален. Секој замав како да удираше не само месо. Туку по тишината на светот. Толпата се помести неугодно, некои навиваа, други гледаа како хипнотизирани, немоќни да го свртат погледот.

Болката дојде како оган – ненадејна, целосна. Неговите раце, растегнати врз грубата греда се тресеа под железото. Неговото дишење се искрши во делови. Сепак, неговите очи останаа отворени барајќи по лицата пред него – не како обвинување туку во едно чудно, неразбирливо сочувство.

Крстот беше кренат.

За момент се чинеше како самата земја да се тргна назад во ужас. Лебдејќи помеѓу небото и прашината, тој висеше – не целосно меѓу живите и се уште не меѓу умрените. Времето успори, се згусна. Секоја секунда се растегна до вечност.

Се слушнаа гласови: потсмешливи, молебни, незаинтересирани. Војниците играа коцка. Една мајка плачеше. Еден од осудените покрај него го псуеше светот; другиот прошепоти скршена желба.

Неговата жед гореше. Неговото тело ја издаде сопствената тежина свлечена врз клинците. Секоја воздишка беше борба, секој момент одлука да се издржи…“.

Честит празник.

1 COMMENT

  1. Навистина трогателно. Беше убаво да се чита. Колку лесно писателот не’ враќа во атмосферата на оние времињ! И природно, имагинацијата продолжува кон неверојатната лика и прилика на Првата Црква. Се разбира, помислуваме дека и писателот на овој текст е секако еден од оние што го дале сиот свој имот, од оние кои се’ што имале во овој свет оставиле пред нозете на апостолите, за да станат Христови, дел од таа Прва Црква. Или сепак не? Сепак единствено срцето барем во некој миг Му го дал на Христос, а останатото би го сторил, кога би живеел во времето на Првата Црква, но не и денес. Денес тоа го прават сепак само монасите, оние кон кои во моментов свесно или несвесно, тој ги адресира овие реминисценции. И нека не заборави: епископите, митрополитите, и самиот Архиепископ, се монаси: сите тие во еден клучен миг од нивниот живот го сториле истото што и христијаните на Првата Црква. Останатите се дел од толпата која одвреме навреме со восхит извикува ‘Осана!’, а понекогаш со едни или други мисли, зборови, или дела/процеси ‘Распни Го, распни!’

    Во оваа Страдална седмица пред Христос сиромасите како врховно значајни ги постави Јуда Искариот, велејќи: “Зошто не се продаде ова миро” (скапоцено миро со кое покајаната блудница Му ги изми нозете на Господ Исус Христос) “за да им се разделат парите на сиромасите?” Ги доведе во прашање правдољубивоста, подвигот на самоодрекување, човекољубивоста и најважно од се’ исклучителноста, Божествената природа на својот Учител и Господ, на Оној Кој му подарил и нему власт мртви да воскреснува, болни да исцелува и безброј други неверојатни чуда да извршува со Името Негово и со неизмерната благодат Божја Чиј Носител Е Самиот.
    Знаеме, на ова Јудино барање Исус одговорил: “Сиромасите се секогаш со вас, Јас не Сум секогаш со вас. Таа денес го приготви Моето Тело за погребение.”
    Трпезата Господова никогаш не се поставува специјално за сиромасите, особено Христос не го сторил тоа. Нахранил многубројни гладни (Негови ученици, неуморни слушатели на Неговото Слово) со два леба и пет риби, бесплатно воскреснувал, бесплатно исцелувал, им наложил на апостолите да им раздаваат на сиромасите од ковчежето со прилозите од благодарноста на народот, особено често на исцелените или на оние што ќе посакале да Го следат како Негови ученици подготвени за највисок духовен раст им наложувал да им го раздадат својот имот на сиромасите итн., но не поставувал трпези според критериум богати/сиромашни.
    Трпезата Господова е Литургијата на Црквата, односно Светата Тајна Христова предадена на Дванесеттемина Апостоли на Тајната Вечера на Велики Четврток. Значи, само дванаесетмина претставници на Израилевите колена биле поканети на Таа Вечера, само дванаесетмина најблиски ученици. Трпезата Господова се готви со претворање на Леб и Вино во Тело и Крв Господови, во спомен на Исус Христос, за да можат Неговите ученици да јадат и пијат од Неговото Тело и Крв, заради стекнување непропадлив, вечен Живот во себе.
    Кога царевите, владетелите, претседатели, премиери угостуваат црковни великодостојници во спомен на спасителното дело Христово, недоволно ли е што е повикан Самиот Христос на таа нивна трпеза? Доволно е. Бидејќи е извршена заарди Него и во Негово Име, ќе им даде и мир и вдахновение и сила да се грижат за сиромасите, и не само за сиромасите, туку како Негови крепки, светлоносни борци да ревнуваат за Правдата, Вистината, Мирот и полнотата на животот како дар Божји. Познавам сиромаси кои ја живеат таа полнота. И богати коишто немаат поим што е тоа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img