Почетна Коментар Интеграција или инфилтрација?
Интеграција или инфилтрација?

Интеграција или инфилтрација?

3.40K
0

“Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, соопшти денеска Тимотеј, и се донесени неколку одлуки со поделбата на епархиите… меѓутоа сè уште не може да ги сподели со јавноста затоа што е потребно да се усогласат со Српската православна црква.”

Со истата онаа “мајка-црква СПЦ, која нели и го додели “томосот” за афтокефалност на “ќерката-црква МПЦ-ОА”, но се чини дека од “афтокелноста” нема ништо, штом се уште се бара усогласување, односно одобрение од “менторот и газдата”. Со други зборови, носи ли или не носи автономни одлуки МПЦ-ОА, во однос на СПЦ, и каква јурисдикција воопшто може да има СПЦ над епархиите, имотот и црквите во Северна Македонија?

Иако, кога се чита “томосот” на СПЦ, таа ја третира Северна Македонија само како територија каде што “светите храмови и манастири, особено оние од немањичкиот и доцниот период на српското присуство, црквено-градителското и културно творештво на тлото на Северна Македонија, како и вкупниот имот на СПЦ, во нејзините граници, се отстапуваат на користење, на новата автокефална, сестринска црква”. Добро е, барем од “ќерка” МПЦ-ОА стана “сестра”, ќе каже некој, но пречи ли некому во нашата држава што СПЦ практично целата наша територија ја третира како сопствена, ако веќе не и пречи на МПЦ-ОА, чија афтокефалност беше оспорувана токму од СПЦ?

И токму затоа, прашањето за интеграција на ПОА, со свои “фиктивни дупликати епархии”, во МПЦ-ОА со реални епархии, повеќе наликува на инфилтрација, или “контролирана автокефалност” отколку на интеграција. Затоа, што на страна од титуларите и надлежностите на “епископите и архиепископот” на ПОА, како точно епархиите ќе се интегрираат, сопствената територија ли ќе си ја интегрираме во нас самите?

Затоа што во оваа лимбо ситуација помеѓу два томоса, оној “фингираниот и неканонски” на СПЦ и оној вистинскиот и канонски на Вселенската Патријаршија, не е до крај јасно, што се подразбира под “интеграција на ПОА”, односно на црковни лица кои и до сега се сметале за дел од СПЦ, но уште поважно ги сметале и македонските цркви и манастири за дел од СПЦ, или со зборовите на “томосот”, “светите храмови и цркви на српското присуство” во МПЦ-ОА? Дали тоа значи дека СПЦ се интегрира во МПЦ, преку “давање на формална автокефалност”, ама со суштинско присуство, преку имотот, кој патем речено формално-правно е доделен и доделуван на МПЦ, во континуитет од независноста од 1991 година до денес, дури и “надградуван и прошируван” (Плаошник), од страна на македонската држава.

На СПЦ ли го доделувала имотот македонската држава сите овие години, според “томосот на СПЦ”? Затоа што како инаку СПЦ може да полага право на туѓ државен имот, освен ако континуирано не не перцепира како сопствена (црковна) територија? Чудна некоја автокефалност, со целосна зависност. Вака ли се разбраа упатствата на Вселенската Патријаршија за “регулирање на административните односи”, кога МПЦ беше вратена во канонско единство?

Во меѓувреме додека го чекаме мајскиот собор на СПЦ, и нејзиното произнесување за “прераспределба на сопствените епархии, отстапени на користење на МПЦ-ОА”, добро е да ја измериме и претпоставиме “цената на признавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ. Пред да почне “играта” околу името, тој “ас” оставен за крај. Слично, како и “одбраната на идентитетот”, кој во хармонија со ваквото “признавање” од страна на СПЦ, станува совршено јасен: ексклузивноста на македонското секогаш доаѓа со ограничувања, без разлика дали е “македонска црква”, или “македонски идентитет”.

И тие се обична алатка, во рацете на оние кои јавно, јасно и гласно, полагале и полагаат право на нашата држава, како територија и култура. И токму затоа “името” е мамката, на која се ловат емоциите. Или со познатата фраза, која ја слушавме со години “име за внатрешна употреба”. Дилемата за црквата “интеграција или инфилтрација”, е всушност лакмус за државата, “изолација преку инфилтрација или интеграција во ЕУ” како вистински независна Северна Македонија. Од самите нас зависи.

Пишува: Никица Корубин (фејсбук статус)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *