
Чудотворната икона на Богородица Скоропослушница пристигна во Струмица. Во чест на големиот настан од страна на Струмичката епархија беше организиран голем побожен пречек на кој присуствуваа неколку илјади верници од целата држава.
Иконата на Богородица Скоропослушница е копија на нејзиниот оригинал кој што се чува во светата обител на Светите Архангели, односно манастирот Дохијар на Света Гора.
Струмица ја добива како подарок и по иницијатива на братството од манастирот и со благослов на старецот на манастирот високопреподобниот отец Григориј.
За верниците кои дојдоа да је пречекаат иконата, нејзиното доаѓање во Струмица претставува голем настан и голема радост, не само за Струмица туку за сите верници во Македонија.
После побожниот пречек со благослов на Митрополитот Струмички господин Наум беше формирана свечена литија.
Литијата на чело со иконата, владиците, монаштвото и свештениците и народот низ централните улици на Струмица се упати кон храмот на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици каде што ќе биде вечниот престој на иконата.
Таму таа ќе биде изложена на поклонување и на целивање на верниот народ.
Прекрасни се Твоите тајни Пресвета Богородице, зашто Ти на чудесен начин им се јавуваш на сите оние кои те почитуваат и искрено те љубат. На чудесен начин ни дојде и кај нас во нашата мила татковина, кои верните чеда во неа искрено те љубат. Да Му благодариме на највозвишениот и најславен наш Создател Господ Исус Христос Кој благоволи да ја имаме прекрасната икона на прекрасната и полна со благодат и добродетели Божја Мајка и наша Мајка.