Икона на Богородица, поврзана со Свети Сава Српски ќе биде пречекана во Охрид

Date:

Share post:

Иконата на Пресвета Богородица „Млекопитателница“, која православното предание ја поврзува со Свети Сава Српски и неговото духовно наследство, на 29 јули ќе биде пречекана во храмот „Воведение на Пресвета Богородица“ во населбата Рача, во Охрид.

Пречекот на иконата е предвиден во среда со почеток во 18:00 часот, а организаторите ги повикаа верниците да присуствуваат на настанот со порака: „Со радост да ја пречекаме Царицата Небесна“.

Иконата „Млекопитателница“ е една од најпочитуваните Богородични икони во православниот свет, а нејзината историја е неразделно поврзана со Свети Сава Српски, првиот архиепископ на Српската православна црква.

Според светогорското предание, Свети Сава ја донел иконата од манастирот „Свети Сава Осветен“ во близина на Ерусалим и ја положил во својата испосница во Кареја, на Света Гора. Со тоа, според преданието, било исполнето пророштвото на свети Сава Осветен, кој осум века претходно претскажал дека во неговиот манастир ќе дојде монах по име Сава од српскиот народ, кому ќе му бидат предадени иконата и жезолот на светиот основач.

Кога Свети Сава го посетил манастирот, монасите се сетиле на старото предание и му ги предале иконата и жезолот. Иконата била поставена во неговата испосница во Кареја, од десната страна на царските двери, додека жезолот бил чуван во ќелијата наречена „Патерица“.

Поради врската со Свети Сава Српски, „Млекопитателница“ има посебно место во духовната традиција на Српската православна црква и меѓу верниците кои го почитуваат светителот како основоположник на црковниот живот кај Србите.

Православната црква празникот на оваа икона го одбележува на 25 јануари.

Името „Млекопитателница“ потекнува од претставата на Пресвета Богородица која го дои Младенецот Христос, мотив што во православната иконографија ја нагласува мајчинската љубов, грижата и блискоста на Богородица со човечкиот род.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img