Почетна Анализа И религијата повикана да решава општествени проблеми
И религијата повикана да решава општествени проблеми

И религијата повикана да решава општествени проблеми

124
0

Државата верува дека авторитетот на верските заедници може битно да влијае врз штедењето струја

Зошто државата бара помош од верските заедници во процесот на справување со енергетската криза? Дали институциите на овој начин признаваат немоќ и бараат поткрепа од верските претставници како авторитети кај граѓаните? Легитимно ли е носителите на државни функции да сметаат дека со обраќањето на верските заедници, владините политики за штедење енергија ќе бидат поефикасни и посилно ќе допрат до свеста и одговорноста на граѓаните/верниците?

Овие дилеми ги наметнува најавата на државните претставници за помош од верските заедници за штедење струја. Анализите на јавното мислење многупати потврдиле дека верските заедници уживаат многу повисока доверба кај граѓаните од институциите и тоа е една од причините зошто политичарите се потпираат на таа доверба. Но, сепак, прашање е како и во кој обем можат да ѝ помогнат на државата, ако се земе предвид фактот дека и самите верски заедници веќе со години имаат отворено прашање со државата околу моделот за плаќање на електричната енергија. Познато е дека голем број од манастирите и џамиите месечно за струја плаќаат и по две-три илјади евра.

Во секој случај, министерот за економија Крешник Бектеши завчера побара поддршка од поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реисот Шаќир Фетаху, за почитување на мерките за штедење струја од страна на ИВЗ, како и од страна на нејзините верници. Тој најави дека ќе разговара и со Македонската православна црква-ОА за поддршка во активностите за справување со енергетската криза. Целта е да се намали потрошувачката и да се ослободат повеќе количества струја за индустријата.

– Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ, а тоа ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се тоа Албанци, Турци… Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, наедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката поради тоа што имаме одредена потрошувачка што е на регулиран, а другата на слободниот пазар, за да се ослободат количества со кои може да ѝ се помогне на индустријата, која креира работни места и на таков начин приходите во нашите семејства да не се скратат-рече Бектеши.

Фетаху од своја страна апелираше до сите граѓани во овие тешки моменти да бидат свесни за улогата и придонесот што може да го имаат. Тој најави дека веднаш ќе преземат мерки како да ја рационализираат потрошувачката на струја, иако, како што нагласи, внимаваат во тој дел.

– Имаме над 700 објекти, 13 муфтивства, со сите ќе разговараме како да се придонесе во ова, а и јас како поглавар на ИВЗ секој петок ќе бидам заедно со моите соработници и верниците и ќе зборуваме на оваа тема и за излез од кризата – изјави Фетаху.

Како што информира Бектеши, неговиот тим денеска разговара со МПЦ за да се одреди термин за средба на оваа тема, а очекува таа да се реализира неделава.

Религијата е релевантен референцијален ентитет

Социологот и универзитетскиот професор Али Пајазити вели дека посетата на министерот за економија во Исламската верска заедница е во кохерентност со истражувањата што кажуваат дека сме едно од најрелигиозните општества во светот.

– Барањето помош во кампањата за штедење струја покажува дека религијата и теолошкиот дискурс имаат големо влијание во заедницата или кај граѓанинот, кој ги следи стапките на „пастирите народни“. Обично религијата е релевантен референцијален ентитет, особено во конзервативните општества, а политичките партии знаат многу добро да ги направат овие калкулации, па кога е кризно, веднаш тропаат на портата на светињите, т.е. верските заедници, иако во последно време и овие институции не котираат баш добро – посочува Пајазити.

Според него, како било, ИВЗ и МПЦ се големи актери на нашата сцена, и само миопите можат да го превидат овој факт.

– Големите партии се прагматични, многу добро се офајдуваат од оваа соработка – заклучува социологот Пајазити.

И за справување со енергетската криза не важи секуларноста…

Зоран Матевски, професор по социологија на религија, вели дека на Западен Балкан, секако и во земјава, се случува преклопување на религиската и политичката елита.

– Ние, социолозите по религија, велиме дека токму поради тоа секуларизација во државите нема, односно таа е мит, во реалноста е сосема нешто друго. Има и позитивни и негативни страни од тоа преклопување. Секогаш кога има општествени проблеми и кризи, како што беше здравствената криза со пандемијата, политички конфликти, еве сега и економска криза, се бараат политичарите и верските лидери, заеднички да дејствуваат – посочува Матевски.

Според него, во Европа секогаш тоа е случај, кога имало проблеми, се барало заедничко решение меѓу политичката елита и религиозните заедници.

– Во Македонија околу 90 отсто од граѓаните се изјасниле за религиозни, без разлика што најголемиот број се традиционални верници. Нормално е политичката елита да бара помош од верските заедници. Сосема е јасно дека верникот има поголема доверба во верските лидери отколку во политичарите. Религиските институции се повикани и имаат кредибилитет, тие треба да се грижат за сите проблеми во општеството. И без да им беше побарано од државните институции, самите верници требаше да го направат тоа – објаснува социологот по религија.

Граѓаните имаат доверба во верските лидери

Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека во однос на тарифирањето на верските субјекти по однос на искористена електрична енергија со оглед на променливоста и комплексноста на регулацијата комисијата упатува да се добие одговор од надлежната Регулаторна комисија за енергетика.

– Изминативе години немаме оформен предмет со формално барање од верски субјект што го третира тарифирањето како прашање што треба да се отвори во односите со државата – Сотировски.
Според него, барањето поддршка од црквите и верските заедници во соочување со предизвиците од енергетската криза, сметам дека произлегува од неоспорливиот авторитет и довербата што во висок процент ја уживаат истите тие кај граѓаните.

Оттаму, нивниот придонес може да биде само позитивен во насока на повикување на домаќинствата за рационализација на трошењето на електричната енергија, која е недоволна и многукратно поскапена – заклучува директорот.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *