Почетна Репортажа Фреските во Побожје добија нова светлина
Фреските во Побожје добија нова светлина

Фреските во Побожје добија нова светлина

614
0

„Сега може во целост да се види фреската на патронот на црквата ’Св. Петка’, која во десната страна држи крст, а со левата е отворена кон верниците. До св. Петка е претставата на св. Никола, а до него е св. Сава. Се гледа и оригиналниот натпис на кој стои дека црквата е посветена на св. Петка и дека е изградена во втората половина на 15 век. И натписот е конзервиран“, рече Стојмир Стојанов, советник – конзерватор во Конзерваторскиот центар – Скопје објаснувајќи што се’ излегло на виделина во оваа црква во село Побожје во Скопска Црна Гора.

pobozje-2Неодамнешната промоција на завршените конзерваторско-реставраторски работи ни го привлече вниманието токму со убавината на презентираните фрески кои како и што можевме на лице место и да видиме, внеле нова светлина во стариот дел од оваа црква која во 19 век била надградена. Но во тој, прв дел од црквата од 19 век фрескоживописот е се’ уште темен и со патина, а според Стојанов, во план е и негова конзервација.

„Претходно и стариот дел од црквата изгледаше вака, па ако не запалевме светло едвај можеше да се препознаат светителите, која фреска е која! Сега старата црква е комплетно завршена со последната фаза во конзервацијата, со ретушот, а тој е правен со акварелни и темперни бои во техника тратежо. Над долната зона каде што се претставите на св. Петка и св. Никола се претставени свети војници“, напоменува конзерваторот, а ние со восхит на северниот ѕид во наосот до иконостасот ги гледавме претставите во цел раст на св. Јован, на Исус, на св. Јован и Павле и др. Во горниот дел се и претставите на св. Меркурије, св. Пантелејмон, св. Дамјан и Кузман…

pobozje-2-3По стилот и начинот на сликање се гледа дека биле двајца сликари, едниот работел на јужниот ѕид и е доста препознатлив, а на северниот ѕид фигурите делуваат поскулптурално, нив ги работел друг мајстор. Гледате, боите се целосно сочувани, руменилото на ликовите се’ уште се познава, автентични се, нема ретуш. Тоа се оригинални бои од 15 век. Ретуш има на фрексоживописот во старата црква само таму каде што е интервенирано на китираните места“, рече конзерваторот кој ни откри дека иконостасот (со желба да бидат прикажани што повеќе икони од северната и јужната страна) бил продолжен со уште по две икони. „Но тие стоеја до конзервацијата и јас ги извадив за да можеме да ги конзервираме фреските кои беа со многу големи оштетувања од клинците со кои дрвените носачи на иконите биле прицврстувани на ѕидот“. Всушност, дел од фреските на кои им се восхитувавме биле целосно затворени со држачите на иконостасот за по две престолни големи икони од двете страни. И тие икони од 19 век сега се наоѓаат во црквата додека повторно не се направи иконостасот датиран од истиот период. „И тие икони треба да се конзервираат“, рече Стојанов, кој смета дека е потребно да се направи проект за конзервација на иконите и на иконостасот.

Реализираниот реставраторско-конзерваторскиот проект во црквата финансиран од Министерството за култура бил всушност одобрен за работа во 2007 година, а од 2011 до годинава го реализираше стручен тим составен и од историчар, хемичар и фотограф. Станува збор за прва конзервација на фрескоживопис во црквата кој имало многу големи оштетувања. Мали конзерваторски интервенции се правени пред околу 25 години од истиот Конзерваторски центар. „Реставрацијата започна во 2011 година“, како што рече Стојанов, „поради тоа што има голем број на цркви, а мал број на конзерватори“.

Конзерваторот укажа и дека на стариот дел од црквата во 19 век е дограден нартексот, кој е во ширина колку и самата таа.

pobozje-3„Црквата ‘Света Петка‘ е тробродна. Старата црква била еднокорабна веројатно и пред обновата во 19 век со денешните постоечки димензии. Пред конзервацијата беше во многу лоша состојба, во сводот имаше повеќе длабоки пукнатини кои можеше да се затворат, а во долниот дел на апсидата имаше отпаднато малтер по што се виде дека е градена од камен, поврзано со варовит малтер кој е потполнуван со животински влакна, а во него имаше и ситно дробен, зеленикав камен. Фрескоживописот беше покриен со малтер што ние по механички пат го симнуваме. Фреските не можеа да се видат бидејќи единственото светло во делот од старата црква доаѓа од еден правоаголен отвор, а освен тоа врз нив имаше и голема патина од чад од свеќи. А некој невешт, можеби обичен мајстор, со мрсна боја ги премачкал и сите ореоли со што нанел голема штета. И на дел од бордурите имаше мрсна боја“, рече конзерваторот, покажувајќи на местата каде таа била исчистена. Конзервирани се и поголем број фрески кај кои е евидентирано потклобочување (одвојување на малтерот заедно со живописот од камениот ѕид).

Стојанов не одведе и до јужниот ѕид од надворешната страна над првоаголниот отвор во нишата на старата црква каде што постои претстава на св. Никола како архијереј. „Под фрескоживописот од втората половина на 15 век кој е доста измиен и оштетен се гледа дека има постар слој фрескоживопис претпоставуваме од 12 век“, рече и ни го покажа местото од каде што се наѕираше сина боја. „Покрај отворената голема сонда, отворивме и помали сонди каде што се потврдува дека постариот слој е со поголема сочувана површина. „Има индикации дека постарата фреска под него е исто така со претстава на св. Никола што ни говори дека и во 12 век тука имало активен живот. Меѓутоа, добро би било кога би се направиле хемиски анализи со откриените постари пигменти со пигментите од ‘Свети Пантелејмон‘ да се споредат дали се исти. Да се види дали станува збор за иста боја, ист колорит“.

Во стариот дел на црквата станува збор за фрескосликарство, а во нартексот, напомена конзерваторот, е сликано со ал секо техника, сликање на сув малтер. „Направени се и хемиски анализи, отворани се сонди при што е констатирано дека и во делот од 19 век има постар живопис од тој период“, рече тој и ни покажа дел од ѕидот со розова боја. Укажа и дека веќе е изготвен проект и поднесен за конзервација на овој фрескоживопис до Министерството за култура.

pobozje-4Бројот на посетителите во црквата „Света Петка“ (над чиј влез, да напоменеме, некој исто така со несоодветна боја насликал нов лик на познатата светица врз стара фреска) се зголемил по објавените информации во медиумите за извршената конзервација.

Живко Мисердоски еден од двајцата домаќини, заедно со Зоран Бојчевиќ кои постојано се грижат за оваа, и за црквата „Свети Димитрија“ во Побожје е видно задоволен што во стариот дел на црквата сега може да се види целосно откриената фреска на св. Петка во цел раст. Напомена дека жителите на селото убаво реагираат на она што сега го гледаат во црквата.

„Тука се вршат крштевки и венчавки“, рече, информирајќи дека не се раѓаат малку деца, пет-шест годишно, а во негово време се раѓале триесетина. „Сега Побожје има повеќе население, 750 жители, а се раѓаат помалку деца. Сите работат во град, земјоделство работат мал број жители“. Бројот на жителите во ова село кое се наоѓа на 588 метри надморска височина на Скопска Црна Гора, посочува Стојмир Стојанов, и се зголемува. „Во втората половина на 15 век кога е обновена црквата имало 62, а сега 180 семејства“, рече тој. „Да, но многумина се иселени, околу 100 семејства се иселени во Радишани, Бутел, а по Втората светска војна се селеле и на други места“, потенцираше, пак, домаќинот Живко Мисердоски.

ФРЕСКИ СО ЗАТВОРЕНИ ОЧИ 

Богородица со Исус Христос во медалјон на градите, повеќе впечатливи фрески дел од кои се и со затворени очи се наоѓаат во нишата на олтарот: Постои легенда дека очите на светците биле вадени за здравје на жените кои не можат да имаат деца!.

/УТРНСКИ ВЕСНИК/ Катерина Богоева 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *