Епископот Делчевско-каменички Марко од Македонската православна црква – Охридска архиепископија престојуваше во посета на Српската православна црква, каде што учествуваше во богослужбените свечености по повод празникот на Светиот великомаченик Прокопиј – небесен заштитник на градот Прокупље.
Посетата започна на 20 јули, кога епископот Марко ја предводеше празничната вечерна богослужба во храмот „Свети великомаченик Прокопиј“ во Прокупље. На богослужбата молитвено присуствуваше Архиепископот и митрополит нишки Арсениј, а на епископот Марко му сослужуваа свештенослужители од Нишката епархија на СПЦ и од Делчевско-каменичката епархија на МПЦ-ОА.
По вечерната служба, митрополитот Арсениј се обрати пред верниците, честитајќи им го претстојниот храмов и градски празник, а прославата продолжи со свечена академија во Домот на културата, посветена на светиот великомаченик Прокопиј.
На самиот празник, 21 јули, митрополитот нишки Арсениј чиноначалствуваше на Божествената литургија во храмот „Свети великомаченик Прокопиј“, при што повторно сослужеше и епископот Делчевско-каменички Марко, заедно со свештенослужители од двете епархии.

