
Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската патријаршија е гостин на МПЦ-ОА и за Крстовден сослужувал со Епископот Антаниски г. Партениј во манастирот во Рајчица. На литургијата сослужувал и Епископот Дремвицки, г Давид, викарен епископ на Архиепископот г.г. Стефан. Ова е прво заедничко сосолужување на владиката Давид со монасите од Бигорскиот манастир по обединувањето на МПЦ-ОА, а воедно и прво заедничко сослужување и со Владика на Вселенската патријаршија на епископот Давид како сега како Владика на МПЦ-ОА. На големата слава за Крстовден за прв пат после 20 години во Македонија биле присутни и дел од монахињите кои ја напуштија МПЦ-ОА и поминаа во ПОА, а подоцна премина во Бугарската православна црква. Игуманијата Таиса била во Рајчица заедно со сестрите монахињи од Клисурскиот Манастир СВ.Кирил и Методиј од Бугарија.
По литургијата беседела Епископот Партениј и Епископот Давид.
-Исклучителен благослов за годинешнава слава на оваа Свештена Обител на славниот Великомаченик е присуството на нашиот драг и возљубен во Христа брат и сослужител, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил. Светиот Имвроски, пожртвуван и трудољубив работник на Господа и докажан пријател и спомагател на нашата Црква, ни доаѓа за празникот на Чесниот Крст од една распната Црква, но која постојано го наговестува и го живее Воскресението. Ни доаѓа од Мајката Црква Константинополска, која се распнува и бдее за своите рожби, за тие да напредуваат во добро и да растат во слобода и вистина. Навистина неизречива е нашата благодарност кон Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, што повторно ни го испрати својот татковски благослов преку Архиерејот на неговиот роден Имврос. Ви благодариме, Ваше Високопреосвештенство, за трудот што го понесовте, за да дојдете како драг претставник од центарот на вселенското Православие и како благослов од Неговата Сесветост. Посебна радост вечерва за нас преставува и присуството на Преосветениот Дремвицки г. Давид, викарен Епископ на Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан. Со Светиот Дремвицки се знаеме долги години, уште од почетокот на обновувањето на монашкиот живот кај нас. Впрочем, тој е една од првите рожби на возобновеното општежително монаштво во нашата татковина и тоа ја прави нашата чест уште поголема што го имаме вечерва заедно со нас. Ерудит, елоквентен теолог, поет на црковното слово, врз кого во еден дел од неговиот живот исто така падна неблагопријатниот товар на денешните мачни состојби во Православието. Знаете, отците учители на монаштвото говорат дека монасите се посебната духовна војска на Црквата, би рекле нејзината авангарда, кои се секогаш на првите борбени линии против злото во овој свет, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. И токму затоа, копјата и стрелите од разните искушенија и бранувања што ја зафаќаат Црквата, паѓаат најмногу врз нивниот грб. Оти, многу луѓе даваат многу за Црквата, но монасите даваат сѐ – се даваат себеси целосно во жртва жива. Следствено, нашата благодарност кон помирителот и дародавец Христос Бог е бездруго неизмерна, што по толку години со братот во Христа, Преосветениот г. Давид, се наоѓаме под истата сеница, на патот кон едното заедничко смествувалиште на благословот и благодатта Божји – точната и права еклисиологија. А тој пат бездруго води кон свештениот центар на Првиот Престол во Православието, градот на Великиот Константин, од каде што и очекуваме да се потврди и запечати нашата црковна постојба, со Томос за автокефалија, заверен од светите канони и од свештеното предание на Црквата од Исток, вели отец Партениј во беседата.
-Оваа вечерна богослужба и Литургијата на којашто, со Божја помош, утре ќе се причестиме, сведочат за единството на нашата помесна Црква, за единството и соборноста коишто, како што на сите многу добро ви е познато, не се само некаков непотребен надворешен украс за Црквата, туку се самата суштина на Црквата, без коишто Црквата и не би можела да се именува како Црква. И затоа сите сме должни, со саможртвена љубов токму овие соборност и единство да ги чуваме како зеница во окото. Прегрнувајќи го Крстот како начин на постоење и преку него победувајќи ги сите искушенија, односно ползувајќи ги за наш раст како литургиски битија, значи преку Крстот, сите овде заедно да се покажеме воскреснати деца на воскреснатиот Христос, во Бога Отца, преку несоздадената благодат на Духот Свети, сега и секогаш и во вековите на вековите. За многу и благи лета празникот на Воздвижението на Чесниот Животворен Крст, вели владиката Давид во беседат.
Митополитот Кирил од Вселенската патријаршија досега имал неколку посети на МПЦ-ОА, по враќањто на црквата во канонско едиство од страна на Вселенската патријаршија на 9 мај 2022 година.