
Епископ г. Партениј: Скромниот и благодарен човек носи благослов и за својата душа и за луѓето околу себе
Ексклузивноста на разговорот со Игуменот на Бигорскиот манастир, Епископ г. Партениј, е врзана за неговата ексцепционалност (извонредност, исклучителност), во секој поглед. Оттаму и желбата да го интервјуираме, не само за читателите на нашиот портал – Машки магазин, туку и за останатите, на другите.
Манастирот во кој централното место го зазема црквата посветена на Свети Јован, чија икона, моштите се чудотворни, заедно со придружните објекти, вклучително и триесетмината членови на братството, во присуство на голем број верници, во 2020-та ја прослави илјадитата годишнина од неговото постоење, како дел од македонската културна баштина. Со него, веќе дваесет и пет години, а може и повеќе, игуменува Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, кој во рамките на неодамнешната посета на Ерусалим, за време на празнувањето на Крстовден, ја имаше честа да го носи Чесниот Крст на својата глава, што за првпат ќе се запише во аналите на МПЦ-ОА. Претходно сослужуваше на Голгота со свештенослужители оттаму, од Грција и од Романија. Се разбира, неизоставни се и секојдевните обврски во Бигорски во чиј метох спаѓа и женскиот манастир во Рајчица, меѓу останатите. А, богослуженијата (службите во чест на Бога) се духовно поврзување со него, вистински.
Муабетот е сеопфатен. Хронолошки. Разговаравме и за детството, и за престојот на Света Гора, и за обновата на Бигорскиот манастир по неговото враќање од Атос, и за монашкиот живот, и за особеностите на мажите христијани, кои се идентификуваат со православието, и за смртта – најголемата мистерија на животот (Херби Бренан).., во целост. А, не ги заобиколивме ни средствата за масовна комуникација, особено социјалните мрежи, т.е. нивната (зло)употреба на верата и на побожноста за поголема читаност, повеќе лајкови.
ММ: Христос е централната фигура во христијанската религија. Кога се пројави Вашата љубов кон него, уште во раното детство или..? Можете да се присетите на времето кога се одлучивте за целосно да му се посветите на Бога, подоцна и да заминете на Света Гора? Родителите, како ја примија Вашата одлука?
Епископ г. Партениј: Богочовекот Христос е краеаголниот Камен, темелот на нашата вера и на нашиот живот, кој секогаш треба да биде христоцентричен. Убавината и таинственоста Христова, Неговата едноставност и возвишеност го привлекувала или поскоро била копнеж на моето срце уште од најмладите мои години, од времето кога најрано можам да ги лоцирам своите сеќавања. Помнам, на пример, кога ќе си игравме со другарите од маалото, јас секогаш бев свештеник; ќе земев еден плетен џемпер од баба ми, ќе го свиткав некако надве и така тој ми служеше како епитрахил. Впрочем, мојата покојна баба Менка Фидановска, длабоко побожна и смерна жена, беше, несомнено, човекот кој најсилно ми ја всади во душата љубовта кон Господ Исус Христос. Таа имаше пријатели од соседството, благородни битолчани, со кои често се собираше на дружба и заедно говореа за Евангелието, за христијанските празници, за житијата на Светиите. Доста од тие разговори ми останаа засекогаш врежани во меморијата. А, имајте на ум дека во тоа време во општеството владееше атеистичката теорија на историскиот материјализам, односно безбожниот социјализам, во кој верата и Црквата беа крајно маргинализирани, па дури до извесен степен и забранувани, а да се говори за Бога се сметаше за нешто назадно, нездраво, дисидентско. Така, со тој дуализам меѓу духовното и материјалното, меѓу верата и неверието, се соочив уште како мало дете. Се сеќавам, бев уште во забавиште кога за прв пат ја чув фразата: „Бог не постои“. Се вратив дома со плачење и веднаш ѝ се пожалив на баба ми. Таа ме утеши со зборовите: „Не грижи се, дете мое, тоа не е вистина. Ти знај секогаш дека има еден Бог на небото, Кој е наш Татко и многу нè сака“. Оттогаш мојата вера во Бога никогаш повеќе не беше разнишана. Баба ми и подоцна, кога ќе зборуваа возрасните за комунистичкото општество, велеше: „Земјата наша сега се наоѓа во мрак, во лага и меѓу народот владее големо незнаење, но ќе дојде време кога сето тоа во прав ќе се распадне. Општество без Бога не може да опстане, нема благослов“. Колку што паметам, јас бев единствениот во друштвото кој живеев воцрковено, па поради тоа често наидував на прекори од постарите и на подбивања од помладите. Еднаш, на пример, додека бев на училиште, го носев својот вратен крст над блузата, па кога наставникот по физика го виде, ми се приближи, го откина насила од мене, зеде да ме тегне за косата и започна да ми вика дека било срамота да се носи крст, дека Бог не постои, дека вербата во Него е нешто нездраво за иднината на комунистичката младина и слични такви флоскули, типични за тоа време. Меѓутоа, мојата вера во Бога не можеше ништо да ја расколеба. Уште оттогаш во мене се појави решителноста дека кога ќе дојде времето, ќе се запишам да учам за свештеник. Слава Му на Бога, така и би. Се запишав во Богословското училиште, со помош на мојот исклучително побожен чичко, д-р Душан Христов Константинов, угледен граѓанин и мошне сериозен и познат научник, кој влијаеше позитивно кај моите родители, та да ме пуштат да учам за свештеник. Додека учев во Богословијата, во мене се роди голем интерес за православното монаштво; читавме за него во книгите, се восхитувавме и си замислувавме со некои соученици како еден ден и ние ќе бидеме монаси. Го имавме и тој благослов, наш воспитувач да биде отец Нектариј, сегашниот Игумен на Манастирот „Свети Наум Охридски“, а во тоа време, си чинам, единствениот монах во државата. Сепак, за суштината на општежителното монаштво не знаевме речиси ништо. Со овој ангелоподобен подвиг вистински се запознав кога за првпат отидов на Света Гора, некаде во средината на осумдесеттите години од минатиот век. Кога го видов тоа непроценливо духовно богатство, таа света красота и возвишеност, веднаш со срцето се прилепив за таа чудесна Градина на Пресвета Богородица, како што се нарекува Света Гора, натопена со монашки труд и со светост. Кога на моите родители Борис и Живка им соопштив дека сакам да заминам на Атос за монах, се разбира, наидов на отпор и неразбирање. Иако тие беа побожни луѓе за тоа време, сепак, тогаш за монаштвото кај нас не се знаеше ништо, па дури се сметаше и за нешто лошо. За да ги успокојам пред заминувањето, им се заколнав пред икона на Пресвета Богородица дека ќе се вратам за една година и дека сега одам за да научам грчки јазик и византиско пеење. Така и ме пуштија со благослов.
ММ: Кога е Атос во прашање, каде престојувавте – во кој манастир? На Хиландар или пак во друг? Ќе ни го претставите животот во него, накратко? Аскетски е, нели!? Под чии закрила бевте? Искушенијата, какви беа? Вештината на изработка на митри ја совладавте таму?
Епископ г. Партениј: На Света Гора престојував во манастирот на Свети Николај, наречен Григоријат, под духовното раководство на сега веќе блаженоупокоениот Старец Архимандрит Георгиј Капсанис, кој воедно беше и Игумен на манастирот. Старецот Георгиј беше исклучително силна духовна личност, маркантна фигура за целото Православие во 20 век. Широкосрден, вистинољубив и посветен Христов ученик и проповедник, и со зборови и со дела, тој ги отвори портите на својот манастир за вљубеници во монашкиот живот откај нас – што во тоа време, имајќи ги предвид особено тешките и заплеткани политички и меѓудржавни односи, беше речиси невозможно. Но, на дедо Георгиј, очигледно, Христос му беше над сè од овој свет, па така тој во својот манастир безусловно прими за монаси неколку млади луѓе од тогашна социјалистичка Македонија. Затоа него го чувам во своето срце како една света икона и ќе му бидам вечно благодарен. Меѓу првите кои заминавме на Света Гора беа и сегашните наши владици и мои особено драги собраќа, Митрополитот г. Наум Струмички и Епископот г. Климент Хераклејски. Впрочем, дедо Наум беше првиот кој појде во Григоријат и со своето повеќегодишно беспрекорно монашко поведение го отвори патот и за другите и ни беше пример на сите.
Се разбира, животот во Манастирот беше строго аскетски, со долги богослужби, бројни послушанија и молитвословија. Се стануваше рано во ноќта, длабоко пред да зазорат мугрите и започнуваше долгото повеќечасовно богослужение. Денот беше исполнет со послушанија, односно работни активности низ Манастирот, а кон приквечерината повторно богослужение. През ноќите – непрестајна Исусова молитва во скромната монашка ќелија. Интересно е да напоменам дека во тоа време сè уште не беше извршена целосна електрификација на повеќето светогорски манастири, па така во ќелиите немавме струја. Читавме на светлина од газиени ламби, но и тоа не можеше да трае долго, затоа што чадот од газијата беше особено задушлив и доколку бевме изложени на него подолго време, неизбежно нè обземаше страшно главоболие. Следствено, ноќе не можевме да правиме ништо друго, освен да се молиме. Спиењето беше сведено на минимум, колку да се обноват, малку од малку, телесните сили. Му благодарам на Бога што го фатив тоа време бидејќи навиката за молитва и духовното богатство што го насобрав на Света Гора многу ми помогнаа понатаму во мојот личен духовен живот и, секако, за обновата и за духовното раководство на Бигорски. Што се однесува до искушенијата, тие беа исти како и кај секој монах: борбата со стариот гревовен човек во себеси, кој се распаѓа во лажните похоти од овој свет, подвизите за да се совладаат страстите и егото, односно аскезата да се стекне блаженото смирение.
Умешноста за изработка на митри не ја научив на Света Гора, ами неа великодушно ми ја пренесе блаженоупокоениот Митрополит Геласиј од православната Црква на Бугарија, а по потекло од Ресен. Со него имавме добри пријателски односи и тој, познавајќи ја мојата желба да основам женски манастир, ме научи на вештината за изработка на митри, што подоцна, кога беше основано сестринството на Манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, им ја предадов на сестрите, за тие, со текот на време, да ја усовршат и да го постигнат тоа што го имаме денес.
ММ: По враќањето од Света Гора, како изгледаше Бигорскиот манастир? Кога се замонашивте? Може да ни кажете всушност како се одвиваа настаните до 2009-та, кога се опожари дел од комплексот?
Епископ г. Партениј: Со мојот прв собрат, сегашниот Митрополит г. Иларион Брегалнички, Бигорскиот Манастир го затекнавме во лоша состојба. Оставен на немилосрдноста на времето, речиси пет десетлетија без монашки живот во него, тој имаше мошне оскудни услови за живот. Храмот беше, исто така, прилично запустен, нечист и осквернет. Чудотворната икона на Свети Јован беше целосно потемнета и крајно валкана. Во олтарот немаше ни крст, ни Евангелие, односно ги немаше основните работи, та да може да се отслужи една богослужба. Познатиот иконостас го глодаа штетници и го уништуваше секаква нечистотија. Доволно е да се напомене дека во времето на комунизмот во самата црква бил чуван добиток. И конаците, исто така, не беа во нешто подобра положба. Во Горни Палат, на пример, немаше ни електрична енергија, ни водоводна инсталација, ниту, пак, санитарни јазли. За сето ова сочувана е и фото и видео документација, на која јасно се гледа запустеноста на целиот комплекс.
Мојот монашки потстриг се случи на 5 август 1995 година, на Вечерната богослужба во чест на светата Христова маченица Христина. Ме замонаши мојот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со чијшто благослов дојдов во Бигорски и станав негов старешина, а потоа и игумен.
Уште од самиот почеток, веднаш се зафативме со многу работа. Најнапред со чистење на храмот. Прво ја исчистив Чудотворната икона на Свети Јован, просејќи од него благослов, а потоа сè друго. Истовремено, како старешина го воведов истиот богослужбен ред што го видов и живеев на Света Гора. Долготрајните богослужби од една страна и бескрајните напорни работи во манастирот од друга, делуваа навистина исцрпувачки за сите нас, првите населници на Бигорски од поново време. Велам на сите нас, затоа што по неколку месеци од моето замонашување, на Братството му се приклучи и нашиот собрат, отец Доситеј, сега со чин Архимандрит, па следната година отец Макариј – вистински столбови на нашето братство, а потем следуваа и други браќа. На почетокот, значи, беше неподносливо тешко, но Божјата благодат, која ги надополнува недостатоците, ги обновуваше и нашите сили. Од денешна гледна точка, уверен сум дека токму тие големи трудови и таквата саможртва од наша страна ги поставија темелите на духовниот живот на Бигорската Обител денес.
ММ: Пожарот беше големо искушение, кој предизвика и бурни чувства. Денес манастирот сјае од убавина. Колкумина го сочинуваат братството, сосе послушниците (искушениците)? И што сѐ влегува во комплексот? На пример и библиотеката е восхитувачка, меѓу другото. Ја користите? Старите книги се зачувани, од кога датираат?
Епископ г. Партениј: Целотонаше братство денес брои триесетина членови. Сите тие извршуваат разни послушанија низ манастирскиот комплекс од 10.000 м2 корисна површина, во која свое место заземаат: соборниот храм посветен на Свети Јован Претеча, конакот Горни Палат со монашките ќелии, магерницата, пекарницата, двете трпезарии, гостинската одаја, малиот и големиот синодикон, големата сала за свечености, манастирската канцеларија, шивалната, пералницата, амбулантата и др.; конакот Долни Палат со игуменскиот кат, параклисот Благовештение, владичката одаја, чардакот, гостинските соби итн.; конакот Источни Палат со монашките и гостинските соби, параклисот на Свети Николај и, како што споменавте, Бигорската книгохранителница. Таа служи за потребите на Братството, но и на заинтересираните љубители на словото, на истражувачите, писателите и сл. Стариот фонд што до денес се чува во библиотеката содржи ракописи и старопечатени книги што датираат од 17 век па наваму.
ММ: Активностите на монасите навистина се бројни, големи. Исто така и Вашите, несомнено. Како изгледа вообичаено денот во манастирот, кога нема луѓе однадвор, кога не е празник? На што сте посветени максимално? Евхаристијата, исихазмот, сликањето икони.., какви се монашките правила?
Епископ г. Партениј: Еден монашки ден започнува и завршува со главната дејност на монасите – молитвата. Вообичаено, стануваме секое утро во 5 часот или нешто порано, започнувајќи го молитвеното правило, па одиме во храмот на Утрена богослужба, по која веднаш следи Светата Литургија. Го имаме тој голем Божји благослов во нашиот Манастир секој ден, без исклучок, да се совршува Божествената Евхаристија, која е Тајна над сите таинства, средишно богослужение во Црквата Божја и срж на духовниот живот на секој верник. Пред првата трпеза служиме Молебен канон на нашиот небесен Застапник, Свети Јован Крстител. По трпезата сите браќа се распоредуваат на своите послушанија, односно задолженија, кои се многубројни и разновидни. Севкупниот монашки живот е устроен така што да биде во служба на Бога и на ближните, со акцент на молитвата. Така, и при извршувањето на послушанијата главниот нагласок останува врз молитвата. Монасите во себе непрестајно ја творат Исусовата молитва, за што даваат завет при монашењето дека од утро до вечер и, ако е можно, и през целата ноќ ќе се трудат во изговарањето на оваа кратка по форма, но совршено целосна по содржина молитва, која е, патем, основата на исихазмот. Впрочем, со Исусовата молитва започнува и завршува работниот ден на монахот, кога тој се повлекува во својата скромна ќелија и останува сам со Бога, на тихување и молитвено бдение.
Да, меѓу другото, имаме и браќа кои се занимаваат со иконопис и со изработка на мозаици. Монашките правила се водат според древните монашки устави, се разбира, прилагодени на условите и околностите во кои живееме.
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ОВДЕ