Почетна Проповеди Да бараме вистинско покајание
Да бараме вистинско покајание

Да бараме вистинско покајание

543
0

Г. Тимотеј, митрополит дебарско-кичевски, на патрониот празник на Бигорскиот манастир, 2017 година

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква прославува трагичен ден. Денеска си спомнуваме за отсекувањето на главата на св. Јован Крстител и Претеча Господов. Овој настан тешко може да се нарече празник. Но, сепак, го прославуваме онака како што го прославуваме и Велики петок, а и целата страсна седмица. Тој се разликува од останатите празници по тоа што не го прославуваме со веселби, онака како што ги прославуваме останатите празници, туку, со пост, и тоа, строг. Но, истовремено, ние, си спомнуваме што се случило на овој ден во минатото.

Св. Јован Крстител и Претеча Господов проповедал покајание. На луѓето им велел дека по него доаѓа Христос и Нему треба да Му се покоруваат. Мисијата на светиот пророк и Претеча била поврзана со проповедта за покајание. Без сознанието за покајание, човекот е неспособен да ги осознае и сопствените гревови. Таквиот човек е неспособен да го открие своето срце пред Севишниот Бог. Покајанието е неминовно и тоа е прв чекор кон спасението. Покајанието не е едновремен чин, туку, чин кој се повторува низ целиот наш живот, односно, од млади години па сè до длабока старост.

Со идејата и со идеалот за потреба од покајание, треба да се започнува и да се завршува секој ден. Ако ние, секој ден се обраќаме со молитва и со покајание кон Бога, а за простување на нашите гревови, тогаш, нема да живееме во гревот, туку, ќе живееме во Бога. Нашето покајание не треба да биде, како што често пати знаеме да го правиме механички, вербално, или пак, според утврдените молитви во молитвениците и слично, бидејќи тие молитви не извираат од длабочината на душата. Доколку само така се каеме, покајанието нема да го опфати нашиот живот. Но, ако ние се молиме и бараме опростување на нашите престапи, гледајќи го нашиот живот во поширок контекст на севкупен живот и се молиме искрено со отворено срце и душа за нашето сознание дека сме грешни во секојдневниот наш живот и ако сите наши постапки ги подложуваме на Божјиот суд, тогаш нашиот живот ќе биде поинаков. Тогаш нашите постапки ќе бидат различни. Само тогаш ќе добиваме опростување на нашите гревови и ќе ја почувствуваме Божјата благодат врз нас.

Тоа покајание и таквата молитва, на почетокот, можат да ни изгледаат нерационални, контрадикторни со секојдневниот живот. Колку повеќе ќе се обидуваме да се издигнеме кон височините, кон Бога, толку посилно ќе бидеме искушувани од непријателот на родот човечки, кој како лав рика и сака некого да проголта (1. Петр. 5, 8). Но, кога ќе постигнеме навика, која заради вистината, не се постигнува лесно и едноставно, туку со голем труд и истрајност, тогаш, нашата молитва на секое место и во секој миг ќе биде непопречувана, независно во каков момент и место се наоѓаме. Тогаш, секој ден ќе ни започнува и завршува со сознание за нашата гревовност и за потребата од искрено и вистинско покајание. Само преку тоа покајание ќе можеме да  се здобиеме со Божја благодат за надминување на сите препреки во нашиот живот.

Светиот пророк, Претеча и Крстител Јован, проповедајќи го покајанието ги подготвувал срцата на луѓето за восприемање на Евангелието. Така, и ние, преку покајанието се подготвуваме да ја примиме Божјата благодат. Верата, којашто е посредник, му се нуди на човечкиот род, која помага постапно, но сигурно да постигнеме искуство кон тоа покајание.

Но, што се случило со св. Јован Крстител? Тој бил почитуван од народот. Водел аскетски живот. Отишол во пустината и јадел тоа што таа му го дава. Во Евангелието се вели дека јадел скакулци и див мед и не пиел вино (Мт. 3, 4). Го поразувал народот со својот аскетски живот, со својата вера и со дарот пророчки. Многуброен народ доаѓал на реката Јордан да се крсти и да добие опростување преку покајание. Претечата својот живот го завршува трагично од пијан управител. Оние што немаат вистинска вера и разбирање за христијанството, онака како што го имаме во секојдневниот живот, си поставуваат многу прашања: Зошто Бог допуштил таков праведник, така да го заврши својот овоземен живот? Но, тие не знаат дека за Бог и за христијаните, покрај овоземниот живот постои вечен живот, и св. Јован се наоѓа токму во тој живот. Затоа е толку славен и прославуван и од Бога и од светата Црква.

Да се обратиме и ние со искрена молитва кон св. Јован Крстител. Тој да биде наш молитвеник и поткрепувач на нашата вера. Та и ние да ги отвориме нашите срца и души со искрено покајание, за да добиеме простување на нашите престапи, грешки и гревови, а преку тоа да се здобиеме со благодатта Божја и да одиме по вистинскиот пат кон царството небесно. Амин!“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *