Бугарската црква го покани Вартоломеј да ја посети Бугарија – се посилни односите Софија – Фанар

Date:

Share post:

Светиот синод на Бугарската православна црква официјално го покани Вселенскиот патријарх Вартоломеј да учествува во прославата по повод 1150 години од раѓањето и 1080 години од упокојувањето на преподобниот Јован Рилски Чудотворец – небесниот покровител на бугарскиот народ.

Одлуката била донесена на седницата на Светиот синод одржана на 26 јуни, а свеченостите се планирани да се одржат од 16 до 20 октомври во Рилскиот манастир.

По одлуката, црковна делегација предводена од Русенскиот митрополит Наум, во која беа и Мелничкиот епископ Герасим, главен секретар на Светиот синод, и патријаршискиот советник д-р Александар Смочевски, отпатува во Истанбул каде лично му ја предаде поканата на Вселенскиот патријарх.

Средбата се одржала во храмот „Света Недела“ во истанбулската населба Кондоскали, по светата литургија по повод празникот на светата великомаченичка Недела.

Обраќајќи им се на членовите на бугарската делегација, Вселенскиот патријарх Вартоломеј истакнал дека посетата на бугарскиот патријарх Даниил на неговиот роден остров Имврос, по повод неговиот именден, оставила силен духовен впечаток и придонела за зацврстување на односите меѓу двете цркви.

„Нашите две Цркви се поврзани со свети и нераскинливи врски – врски на заедничката вера и љубов, која, според апостол Павле, никогаш не престанува“, нагласил Вселенскиот патријарх.

Во поканата што ја испратиле бугарскиот патријарх Даниил и Светиот синод се посочува дека духовното наследство на свети Јован Рилски претставува заедничко богатство на византиско-словенската духовна традиција и една од живите духовни врски меѓу Бугарската православна црква и Вселенската патријаршија.

Од Бугарската православна црква најавија дека целосната програма на чествувањата ќе биде објавена дополнително.

Посетата и поканата до Вселенскиот патријарх се уште еден показател за интензивирањето на односите меѓу Софија и Фанар во последните години. По изборот на патријархот Даниил, контактите меѓу двете цркви значително се засилија, а меѓусебните посети и заедничките иницијативи стануваат сѐ почести.

Дел од црковните аналитичари оценуваат дека односите меѓу Бугарската православна црква и Вселенската патријаршија денес се на највисоко ниво во поновата историја. Во исто време, овие релации внимателно се следат и во Македонија, имајќи предвид дека БПЦ традиционално покажува интерес за прашањата поврзани со историското наследство на Охридската архиепископија и идниот статус и именување на МПЦ-ОА во рамките на православниот свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img