Почетна Коментар Аскетска болка и духовна сладост
Аскетска болка и духовна сладост

Аскетска болка и духовна сладост

369
0

Рековме дека главна мотивација при извршувањето на гревот или задоволувањето на страстите е гревовната сладост. Дар Божји и истовремено Негово допуштение, за оттргнување на човекот од гревовните наслади, е освестувачката болка што секако потоа следува. При духовниот развој на личноста се случува обратен, но исцелителен процес. Прво ни се случува  аскетската болка при подвигот на преобразувањето на страстите, а дури потоа освестувачката благодатна сладост.

Нашиот подвиг може да биде волен – кога со благослов, односно во послушание на духовниот отец, сами си го наметнуваме. И може да биде неволен – кога со благодарност и смирение го трпиме сето она што Бог ќе допушти да ни се случи, а кое го помага процесот на нашето очистување, преобразување и исцеление.

Никогаш не можеме толку совршено да се подвизуваме колку што тоа може да ни го подготви Божјата промисла. Затоа, секоја лоша вест за нас или лошо случување, како внатрешна борба, човечка навреда, болест или неуспех и слично, треба да ги прифатиме како дар Божји и најсрдечно и со доверба да Му благодариме на Бог. Преку неволните страдања ни  се надополнува она што ни недостасува во квалитетот на волевиот подвиг.

Сега е поразбирливо зошто велам освестувачка благодат Божја. Кога ќе се пројави од нашето срце, благодатта нѐ утешува, ни објаснува низ што сме поминале, нѐ одмора, нѐ утврдува во духовниот опит и знаење, ни носи мир, нѐ утврдува во довербата кон духовниот отец – со еден збор, ни прави сѐ обратно од она што демонот се обидува да нѐ натера сами да си го направиме, откако ќе ги прифатиме неговите помисли, а со тоа ќе се одречеме и од Божјата благодат.

Не постои такво нешто како што често се слуша – негативна (демонска) енергија, тоа е учење на дуалистичките ереси. Во нашиот живот се случува или пројавување на благодатта – поради подвигот на очистување на срцето од страстите, а понекогаш и нејзино криење – кога Бог сака да нѐ научи да не бидеме наемници, туку деца Негови (само тогаш духовно растеме); или повлекување на благодатта – поради нашето гревовно одрекување од неа, од Бог. Сладоста и болката, начелно, се должат на присуството или отсуството на Божјата благодат.

Треба да разликуваме болка која произлегува од подвигот на преобразување – таа болка никогаш не е без утеха, односно сладост, од болка која е последица на гревот – таквата болка е без утеха. И треба да разликуваме сладост која произлегува од подвигот на преобразување – таа сладост никогаш не е без болка (тага), но поради нашата гревовност и поради тоа што другите страдаат, од сладост која се доживува при вршење на гревот – таквата сладост е илузија која носи само поголема празнина.

naum 1Богочовекот Христос, преку Пресветата Богородица, а по молитвите на сите Свети, да ни дарува, преку распнување на умот, душата и телото, односно преку болката што ќе ја претрпиме при исполнувањето на Неговите заповеди, непрестајна сладост – не на ветениот рај или вечниот живот и на сите вечни убавини, добра и ветувања што се спомнуваат, туку на гледањето на Неговото лице и лицето на Неговата Пречиста Мајка во вековите на вековите. Амин.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *