Кога пред една година, Археолошкиот музеј на Северна Македонија ја одбележуваше “100-годишнината од основањето”; оваа државна институција, која е дел од системот за заштита и управување со културното наследство или една од институциите која се грижи за “нашиот идентитет”; всушност тивко, неетички и незаконски ја илустрираше на дело идејата за “српскиот свет”.
Поефективно од сите прослави и одбележувања на датуми и настани од Првата светска војна, важни за српската историја и прилично агресорски за македонската историја. Ама, ретко кој ја забележа, флагрантната правна и политичка недоследност: чиј институционален и државен континуитет прослави Археолошкиот музеј, кога македонска држава пред 100 години немало?
Приказната е многу едноставна и стриктно базирана на факти, Археолошкиот музеј на Македонија е формиран 1949 година, и уште прилично време треба да се чека за јубилијната 100-ка; а она што се формирало во 1924 година, било Музејот на Вардарска Бановина во тогашното Кралство Југославија, во која како што кажува и самото име на музејот, ништо македонско не постоело.
Во меѓувреме, до постоењето на “македонско” после 1945 година во форма на република во рамки на федерацијата, музејот го менувал името во Музеј на јужна Србија, Народен Музеј; во која разбирливо нема никакви назнаки за “македонско” – а, како и би имало во сржта на идејата за териториите на “српскиот свет” во неговите најјужни краишта.
И оваа едноставна приказна, целосно спинувана и претставена како “прослава на музејската и археолошката дејност”; е претворена во експлицитен пример на суштинско, а не ПР делување и суштината на влијанието на синтагмата на “српскиот свет”. Со или без знаење, сеедно, со одговорност за класичен историско фабрикување во независна држава од 1991 година, со јасен уставен правен континиутет од АСНОМ и СФРЈ, пред кој никако не може да се извлекува било каков институционален континиутет. А, не па да се слави.
И ова не е изолиран случај, на “прослави” на институции пред 1945 година, кои се нормализирани последниве години, со што всушност се “извлекува” автономниот и автохтониот континуитетот од 1944/1945 година и се “позиционира” директно во “канџите” на суштината на опасноста на хегомонизмот на “српскиот свет”, веќе официјално и европска синтагма – а тоа е “континуитетот на кралството”, наместо “континуитетот на федерацијата”. Во првиот сме територија, во вториот сме држава (или дел од неа). Има разлика, зарем не?
И токму оваа суптилна, навидум невидлива и безопасна постапка, “спакувана” како прослава на континуитетот на археолошката наука; е само еден од примерите за таргетот и опасноста од “српскиот свет”; кој во времето кое се слави “годишнината” на наша врвна национална установа, зборува и делува со речникот на класичен колонијализам, на освојување, преобликување, и “чистење” на територија на брутален начин во кои ние сме биле или “бановина” или “јужна, стара Србија”. Прашањето е дали и денес, говориме за пост-колонијално или пост-федерално влијание? Во “промоцијата”, но и “одбраната” на суштината на догмата на “српскиот свет “.
Неколку години претходно, за време на Првата светска војна, се случува едно од најголемите археолошки откритија и на тлото на Македонија, но и на европско тло – архајската некропола во Трбениште. Во 1918 година, при изградба на патот Охрид-Кичево, како битен правец за стратешката делница Скопје-Призрен, двајца бугарски војници (Илија Ацев и Никола Даркев) го откриваат првиот гроб и прилозите внимателно ги собираат и на тој начин ја спасуваат самата некропола.
Денес, ретко кој ги знае нивните имиња, како и името на Евтим Спространов, тогашниот регионален управител на Охрид, чија брза и стручна реакција ја активира научната фела и трајната физичка и научна заштита на ова бесценето културно наследство, која во тоа време кулминира со првото издание за Требениште, на еден од најпознатите бугарски археолози Богдан Филов. Истиот Богдан Филов, политички контроверзен лик, е премиер на Бугарија за време на Втората Светска Војна.
Дали денес “смее” да се спомене името на Богдан Филов на пример, во позитивен контекст на “континуитетот на археолошката дејност” , дури и во строго научна смисла, не е реторичко прашање; туку прашање на флагрантен историски дисконтинуитет; кој може само да кулминира во селективен континуитет кој оди во прилог на – за нас – наметнатиот “српски свет”.
А, секогаш и секаде е до контекстот и континуитетот. И ниту една декларативна и реторичка “шминка” за “амнестија” на туѓиот хегемонизам, на штета на правниот и историскиот континиутет на денешна Северна Македонија; нема да го промени фактот за суштината на “српскиот свет” и кон нас и причината поради кој влегува во извештај на ЕУ во драстично различни гео-политички прилики, како жива реминисценција на случувања од 19-от и 20-от век; и уште поважно на конструирана нарација и фикција, која никогаш не се случила.
И кога христијанскиот свет ја слави 1.700 годишнината од Никејскиот собор, а Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Папата Лео 14-ти по прв пат после расколот од 1054 година, говорат за Филиокве (причината за расколот) – каде е, надвор од суштината на “српскиот свет” – МПЦ Охридска Архиепископија, во чија катедрална црква, охридската Света Софија симболично е претставен тој бурен период? Во томосот на Кралството на СХС од 1922 година или во томосот на единствениот надлежен, Вселенскиот патријарх, за признавање на автокефалноста на нашата црква?
И тогаш да видиме, која апологија е за што и кој има потреба од неа или право на неа. Токму преку “идентиетот” кој така “жестоко” се брани, и така лесно се принесува: како жртва или како (освоено) наследство. Ама, не културно, туку колонијално.
Пишува: Никица Корубин (Фејсбук статус)


Македонскиот народ и македонскиот идентитет не постојат од 1944 или од 1949 наваму. Ниту од 1903. Моите неписмени баби од мошне долговечни лози, како сведоци на историските настани во текот на нивниот животен век го знаеја тоа (настрана сведоштвата што ги наследиле). А госпоѓава не го знае?
Не можете да се стекнете со држава без долговековна историја. Никој никогаше не можел.
Не треба да си магистер по археологија за да го знаеш тоа. Но не смееш да си магистер по архелогија и историја на уметност, уште и независен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и да тресеш вакви зелени на Facebook, да ужаснуваш илјадници образувани Македонци со висока патриотска свест со толку мизерно сведоштво (на наемник за туѓи бели дворови) за да им илустрираш кој се’ седи во тоа Собрание.
Како дејствува еден ваков квази-експерт во сите собраниски комисии во чија работа учествува е прашање од кое на човек му се крева косата на главата.
А тие Комисии за жал се:
Комитет за односи меѓу заедниците, член
Комисија за култура, член
Комисија за еднакви можности на жените и мажите, член
Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, заменик-член
Комисија за локална самоуправа, заменик-член
Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата (ПСФ), член
Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Грција, член
Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и од Карибите, член
Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот Република Унгарија, член.
Ниту национал-романтизмот на “српскиот свет” ниту улогата на своевремениот професионален однос на неколкумина бугарски агилни војници, еден управител и еден археолог во откривањето, евентуалната конзервација и верификувањето на таа архајска некропола во Требеништа (без оглед колкава е нејзината археолошка вредност) не ви даваат за право да спинувате нешта ирелевантни за квалификување на легитимноста на севкупната македонска историја како новокомпонирана и директно зависна од ставот и одлуките на Константинополскиот Патријарх.
Во секој случај, пратеничкиот мандант треба задолжително да ви се оспори.
Таков недостаток на основна смисла за претставување (а камоли застапување) на националните бои и интереси на сопствената држава е недозволлив за позициите што некомпетентно ги окупирате.
Би бил дискутабилен дури и да бевте некој независен новинар, а камоли дел од платена политичка елита во вакво современо опкружување.
Со непоткрепено високоумие и површна ароганција ниту се брани Македонија од некаков “српски свет”, ниту се оддава чест на коректни професионалци од бугарската администрација во своевремено окупирана Македонија (мошне е веројатно дека набројаните бугарски професионалци постапиле коректноi во наведениот случај доживувајќи ја окупираната област како дел од тогашната бугарска држава, односно за разлика од вас служејќи и’ на својата држава, иако не мора да е така: постојат автентични професионалци и ентузијасти во Бугарија кои имаат здрав однос кон македонската нација и држав ост и денес). Но, идејата да кренете некаква божемна магла спуштена од македонска страна врз црковно-политичките одлуки на Цариград кон признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква ви е благо кажано рамна на велепредавство.