Почетна Коментар Ако е лакрдија, кој Владика стои зад нејзе?
Ако е лакрдија, кој Владика стои зад нејзе?

Ако е лакрдија, кој Владика стои зад нејзе?

1.47K
2

Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, во две одделни изјави за медиумите, потврди дека не постои одлука на Синодот за мое тужење пред црковен суд и целата постапка ја оцени како нелегитимна.

Во изјавата за Телевизија 24, Владиката Тимотеј вели дек Синодот не може да тужи и да суди, додека пак во изјавата за Радио Слободна Европа е подиректен и вели дека се ова е „лакрдија на некој владика“.

„Портпаролот на Синиодот, владиката Тимотеј, за ТВ 24 рече дека ова не било синодска одлука, зашто Синодот ниту имал обвинител ниту суд и дека обвинител и суд имаат епархиите и архиепископијата. Од кабинетот на поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан велат, немаат никакви сознанија за таквата евентуална одлука на Синодот, објави ТВ 24.

„Прво, Синодот не суди никого, ако треба да суди некој, треба да суди епархиски суд, а потоа имаат право да се иде на архиепископски, а Синодот никогаш ниту судел ниту ќе суди. Тоа е лакрдија мислам на некој владика“, вели владиката Тимотеј. Според него, ова е невалидна постапка, објави Радио Слободна Европа.

Овие изјави на владиката Тимотеј во потполност се поклопуваат со моите информации дека од синодската седница од 26 декември 2023 година не постои таква одлука за покренување црковен суд против мене. Идејата ја покренал Владиката Григориј, добил поддршка од Владиката Петар, но сите останти владици се спротивставиле, меѓу нив и владиката Јован, посочувајќи „Да не правиме глупости, Марјан ако пишувал против некого тоа сум јас и тоа 20 години, па на ми паднало на памет такви работи да правам“.

Но и покрај тоа што Владиката Тимотеј вели дека оваа одлука за мое црковно судење е невалидна и дека таква не постои, останува нејасно кој владика стои зад оваа лакрдија, како што оценува Владиката Тимотеј? Ќе има ли одговорност за тој владика, кој без знаење на другите владици ја втруна цела МПЦ-ОА и цел Синод во едно вакво сценарио.

Во текстот на Радио Слободна Европа има и изјава од владиката Петар, кој по острите реакции во јавноста се обидува да ретерира од намерата, но јасно потврдува дека и тој е запознаен со црковно-судската постапка против мене.

„Владиката Петар, пак, смета дека нема ништо спорно во случајот и оти станува збор само за „повикување на разговор, а не на судење“ за, како што вели, „изјави, клевети и лаги кон Синодот и архиереите на МПЦ-ОА. -Сосема погрешно се мисли дека сега ние ќе му судиме, не е формиран суд за да му се суди. Кога се суди, треба да има направен суд, да се знае кој е судот, каков е судот и меѓу другото секако ќе има и црковен обвинител што ќе си ја преземе обврската да поднесе обвинение. Овде не се работи за црковен суд туку тој е повикан само на разговор од страна на светиот синод во врска со сите негови досега коментари и изјави што ги давал за членови на Синодот, за самиот Синод, поглаварот итн. Да не се прејудицираат работите да се претставуваат како некаква си инквизиција“, вели владиката Петар. На нашето прашање зошто не започнат граѓанска постапка за клевета пред граѓански суд, владиката вели дека „каноните велат дека ако некој е член на верска заедница, прво верската заедница да расчисти со таа работа, а потоа секако ќе има и граѓански постапки“, пишува Радио Слободна Европа во текстот.

Според оваа изјава, ако владиката Петар не е оној што ја прави лакрдијата, тогаш е јасно дека има барем двајца владици кои се дел од лакрдијата.

Владиката Петар и Владиката Григориј во понеделникот биле во Архиепископијата во Скопје и како што беше напишано во поканата го одржале доказното рочиште на кое јас не се појавив. Што одлучиле ќе почекам да видам во официјално известување до мене. Но, ако Владиката Петар сакал само да разговара со мене, како што вели тој, еве јас го поканувам и него, но и Владиката Григориј заедно да изберат телевизија, медиум, поткаст, каде сакаат и кај кого сакаат да дојдат, ќе дојдам и јас, па јавно ќе си поразговараме. Тие мене две прашања, јас нив едно. Ќе разгивараме за сите теми, и јавноста ќе гледа, ќе слуша и ќе оцени дали сум јас за црковен, граѓански или каков било суд.

Истовремено, за да се растера маглата од она што се случува во МПЦ-ОА, го канам Архиепископот г.г. Стефан на едно опширно интервју за религија.мк на кое ќе одговориме на сите прашања. Интервјуто нема да има никаква форма на докажување, надвикување, едноставно јас ќе прашувам, Архиепископот ќе одговара, бидејќи јавноста треба да има јасен увид за состојбите во МПЦ-ОА.

/Марјан Николовски

Коментар(2)

  1. Лакрдија?! Ох, колку Ви се допадна таа дефиниција! Ако некој на црковни теми се занимава со некакви лакрдии во Македонија, треба да има огледало прво за себе. Или не? Или Вашето огледало е еднострано, служи за заслепување туѓи очи со “позајмување” на сончевата светлина? Сега кога гледаме како упорствувате во “вразумувањето на македонските Митрополити” чие друштво да го прифата, а чие да го одбиваат, слободни сме да кажеме дека маската за Вашиот страв од црковен (синодски ли, епархиски ли) суд е сепак ефтина. Друга работа е како Вие го сфативте судот на Црквата. Мислите дека е малку еден г. Григориј, Митрополит Кумановско-Осоговски да Ве повика на распит за изворите и вистинитоста на фактите што ги изнесувате во јавноста без да должите никому никакво реално објаснување, спинувајќи и комбинирајќи за потребите на про-екуменистичките струи во Православието, екстремно профанизирајќи ги постапките на Епископите, па и на цели Помесни Православни Цркви коишто Вам лично не Ви се допаѓаат и не се вклопуваат во Вашата криво насадена идеја за суштината на улогата на Црквата во светот? Значи, Црквата на Која со Божјо и Апостолско Предание И’ е оставено да се грижи за чистотата на сите Нејзини членови на разни начини, но во рамките на Нејзината сфера на благодатно бивствување) а на Која во Македонија се обидувате да И’ накалемите безброј аномалии (повикувајќи се на ексклузивни извори), нормално е најпосле и да Ве повика да И’ ги изнесете своите наоди за да се погрижи за тие Свои членови, ако најде дека има основа не да се потпре на Вашите заклучоци (кои се евидентно многу често искривени), туку да ги преиспита Вашите истражувачки информации, за да може (ако има достаточно вистина во нив) да ги повика на одговорност Своите членови. Но ако не сакате да одговорите на Нејзината покана Таа се разбира ќе смета дека Вашите неосновани напади претставуваат тенденциозно ширење неоснована омраза против Нејзини клирици (што е крајно непристасен и долготрпелив став од страна на кој било Архиереј кон Вас). Е сега Вие, во Ваш стил, И’ поставувате нови услови на Црквата. Според Вас, јавноста е тој Врвен Судија пред кој Црквата треба да одговара (а јас велам дека Вие ќе се обидете пред неукиот дел од народот да се надитрувате со поканетите Епископи за да ја издигнете својата новинарска величина и да ја унижувате чистотата на Црквата). Односно, Вие Ја повикувате Црквата на суд каде што Вие сте обвинителот, Црквата е обвинетиот, а народот е судијата? Секако, кој било од посочените Митрополити е подготвен да ја прифати и таа Чаша. Само сакам да знаете дека ниту е Христос од Цариград ниту е ѓаволот од Москва. Како што тоа не Ви е јасно не може да Ви биде јасно ни каде сте Вие во сета оваа приказна, на кое место на Голгота стоите. Секако, македонскиот народ како Ваша публика притоа ќе ги има предвид и Вашите бугарофилски и “проевропски” ориентации за негово крајно поткусурување. Можеби Вие не се чувствувате така, можеби едноставно Вашите изјави се новинарски трик за провокација на извесни соговорници заради обелоденување на извесни потсокривани факти, но публиката ќе Ве перцепира според доминантниот тон. И тогаш и секогаш ќе треба да се потсетите на една Вистина Којашо Црквата постојано ја чува, а ја изговорил Христос: “Кој не е со Мене, тој е против Мене, и кој не собира со Мене, растура.” (Матеј 12, 30). А бидејќи сте Македонец и бидејќи дејствувате и се “грижите” за состојбите на Црквата во Македонија (односно за состојбите во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија), знајте дека Христос во приказнава не е ни во Москва ни во Цариград, туку овде: Тој што се обидувате да Го плукате, да Го шиканирате и да Го прашате ‘погоди, Христе, кој Те удри’, Тој на Кого се трудите да Му го оспорите Божјиот дар и богочовечкото величе, Чиј хитон сакате да го присвоите. Никој никогаш не Го победил Христос ниту ќе може. Одете, борете се, и гледајте како ќе изгубите. Таа Вистина којашто не е од овој свет, Таа ќе Ве порази и засрами.

  2. Лакрдија? Сигурно дека е лакрдија. Ама во исто време повеќе ми мириса на обид за заплашување и дефокус од низата прашања кои Петре и Гишо ги должат на јавноста, а во врска со нивната дружба со манијак- патриотите на Палчо и компанија.
    Од тоа се плашат… Да не случајно некој како последица од другарувањето со зомби бандата на Палчо им побара документи за во ПИОМ. Иако после дружбите со наведената банда ниту пензија не заслужуваат.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *