Почетна Проповеди Ајде како народ да си простиме и подадеме рака
Ајде како народ да си простиме и подадеме рака

Ајде како народ да си простиме и подадеме рака

281
0

Возљубени чеда на нашата Света Македонска Црква. Бог, Спасителот наш Исус Христос благоизволи и ние Македонците, православниот род во светот, да примиме православие од големиот Христов апостол Павле, апостолот на незнабожците. Апостолот, кој благата вест најпрво ја донесе во Македонија, го просветли нашиот Македонски народ и ја покрсти нашата мајка, првата православна Македонка, Лидија, жената која прва го прими христијанството во Македонија. Токму оттогаш, ние, како народ сме повикани кон спасение и кон ветените идни Божествени убавини.

Денес е празникот на љубовта. Ова е последната подготвителна недела од која треба да почне Великиот пост. Ова е Недела на простувањето, во која треба да си подадеме рака еден на друг, недела на помилувањето и затоа ја нарекуваме и недела на љубовта. Само ако имаме доволно љубов можеме да му речеме на братот: „прости ми брате, на сестрата – прости ми сестро“, како и на и на сите оние кои на некој начин нè повредиле. Но, најголема љубов возљубени мои, треба да имаме кон нашиот непријател. Како што Христос Спасителот наш, им прости на своите непријатели додека беше распнат на крстот и рече: „Прости им Отче, не знаат што прават“.

Ете, тоа е вистинската љубов, тоа е вистинското сакање, тоа е вистинското подавање рака на човештвото за да го избави од калта. Затоа беше распнат нашиот Господ Исус Христос, за да нè спаси нас и од првородениот грев и од гревот кој го носиме во себе, бидејќи ние луѓето сме подложни на гревот. Затоа Бог нè подготвува за Великиот пост со подготвителните недели. Првата недела беше „Неделата на митарот и фарисејот“, каде Бог нè подготвува за нашето смирение. Сите ја знаеме параболата за митарот и фарисејот. Едниот – митарот, застанува побожно во црквата и ревносно се моли: Боже биди милостив кон мене грешниот, а другиот – фарисејот со дигната глава гордо се фали пред Бога. Затоа Спасителот на крајот од оваа парабола вели: „Му се прости на оној кој понизно ја наведна главата и исповеда дека е грешен“.

Втората подготвителна недела е неделата на „Блудниот син“, каде што едниот син залудно го троши богатството на својот татко, а другиот останува при татка си. Откако блудниот син развратно потроши сè што има, се врати при татка си и му рече: „Прости ми татко згрешив пред тебе и пред небото, не сум достоен да се наречам твој син“. Токму ова е пример за покајание драги мои. Оти како што вели и Светото Писмо: „Тој син, мртов беше и оживе“. Така и нашиот Спасител бара од нас да се покаеме за да ни прости, како што ѝ прости на блудницата, на блудниот син, на Ниневјаните како народ.

Токму овде сакам да се задржам драги мои, кај Ниневјаните како народ кој многу грешел и Бог имал мисла да ги сотре како многугрешен народ. Но, да направиме споредба со нас Македонците и Ниневјаните. Ниневјаните многу грешеле и не се каеле, но ние Македонците грешиме, но ја чувствуваме потребата за покајание.

За време на комунизмот и едноумието црквите беа празни со две-три баби и тие баби останаа столб на нашето Православие, столб на нашата Македонска црква, столб на христијанската љубов и не дозволија да се уништи православната црква и ние како народ. И, еве тоа се исполнува и денес возљубени мои. Се радувам што ние како народ се враќаме кон Господа. Но, има и залутани овци кои како блудниот син се откажаа од татквото огниште и тргнаа по богатството мислеќи дека сè е во материјалното.

Ве замолувам драги мои, како што ги кажав претходните примери, да се покаеме и да имаме почит и достоинство кон нашата држава и кон нашето име. Ве молам да размислуваме сериозно и да не станеме причина за срам кон овие наши мали деца. Да не им го погазиме нивното достоинство, зошто нема поголем срам од тоа и не постои во светот ниту една нација која размислува да го промени своето име, освен ние Македонците. Ве молам имајте достоинство и не плашете се да си ја сакате својата нација, зошто ние христијаните само од Бога треба да се плашиме и од ништо друго.

Иако многумина од вас мислат дека постојано зборувам за политика, ќе ви напоменам дека ова не е политика. Ви зборувам за вистината и сакам вистината да допре до вашите срца.

Бидејќи јас не сум политичар, јас сум ваш пастир кој ви зборува за покајанието, за смирението, за љубовта, за најсовршената љубов, а тоа е нашиот Спасител Исус Христос. Ви правам парабола помеѓу Ниневјаните и нас како народ за полесно да ме разберете. Но, никако да не ја прифатиме мислата дека сме секуларна држава. Дозволете ни нас како верници кои го сакаме Бога да ни се слушне гласот и нашите желби, зошто и ние имаме достоинство и чест. Токму затоа ве повикувам на овие христијански вредности, зошто нема поголемо достоинство од унитарниот карактер на една држава, а тоа е името, јазикот, историјата и сè она што нè прави горди како народ.

Денес е ден на простувањето. Еден од светите отци вели дека на денешен ден и птиците во горите се поклонуваат меѓу себе и си простуваат. Затоа ајде и ние како народ меѓу себе да си простиме еден на друг и братски да си подадеме рака. И јас како ваш архипастир молам од вас прошка за сите мои гревови кој сум ви ги нанел, бидејќи и јас сум човек како вас и грешам. Ви простувам и јас од длабочината на мојава душа и постојано се молам за вас како мои духовни чеда.

Бог да ви дари мир, спокојство, љубов, радост во семејствата, радост во нашава општина и да се почитуваме и сакаме како народ Македонски.

Пишува: Агатангел – Митрополит повардарски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *