Петмина шпански францискански мисионери, убиени во 1597 година за време на мисионерската служба меѓу домородното население Гуале, се прогласени за блажени на церемонија во Савана, во американската сојузна држава Џорџија.
Станува збор за Педро де Корпа, Блас Родригез, Мигел де Ањон, Антонио де Бадахос и Франциско де Вераскола, познати како „Мачениците од Џорџија“. На свечената литургија во саботата, 31 октомври, претседавал кардиналот Френк Лео, надбискуп на Торонто, како пратеник на папата Лав XIV.
Петтемина францисканци пристигнале од Шпанија кон крајот на XVI век за да го проповедаат христијанството меѓу заедниците Гуале. Конфликтот што довел до нивната смрт започнал кога монахот Педро де Корпа се спротивставил на одлуката на домородниот водач Хуанило да земе втора сопруга, што било спротивно на христијанското учење за бракот. Во востанието што следувало биле нападнати повеќе францискански мисии, а покрај Корпа биле убиени и четворица негови сопатници.
Папата Франциск во јануари 2025 година го одобрил декретот со кој нивната смрт била призната како мачеништво, што овозможило да започне постапката за нивно прогласување за блажени.
Во проповедта, кардиналот Лео го истакнал нивното сведоштво како пример за верност кон верата, мисионерска посветеност и одбрана на човечкото достоинство. Тој повлекол паралела меѓу нивната служба и денешните предизвици пред Црквата, особено поделбите и поларизацијата во општеството.
„Поларизацијата не е од Бога“, рекол кардиналот, повикувајќи ги верниците на помирување, единство и конкретни дела на љубов.
Прогласувањето за блажени на петтемина мисионери е значаен настан за Католичката црква во САД, но и за францисканската заедница, која оваа година се потсетува и на 800-годишнината од смртта на свети Франциск Асишки.

