СПЦ најави молитвено одбележување од трагедијата на железничката станица, во која загинаа 16 лица.
Денеска на 1 ноември, во храмот „Свети Сава“ во Белград и во Соборниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ во Нови Сад ќе бидат служени помени за загинатите при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Во храмот „Свети Сава“ на Врачар, по Светата литургија со која ќе началствува српскиот патријарх Порфириј, ќе биде служен помен за сите пострадали. Литургијата започнува во 9 часот, соопшти управата на храмот.
Помен ќе биде служен и во Соборниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ во Нови Сад. Епархијата бачка соопшти дека, како и минатата година, по завршувањето на Светата литургија ќе се одржи молитва за загинатите. И оваа богослужба започнува во 9 часот.
Од Епархијата бачка ги повикаа верниците да присуствуваат на литургијата и заедничката молитва за упокоените.
Трагедијата се случи на 1 ноември 2024 година, кога се урна бетонската настрешница над главниот влез на железничката станица во Нови Сад. Во несреќата животот го загубија 16 лица., меѓу кои загина и еден македонски државјанин.

