Епископот Антаниски Партениј вчера во Бигорскиот манастир организираше средба со родители на многудетни семејства, на која им оддаде признание за нивната посветеност на семејството, раѓањето и воспитувањето на децата.
На средбата, организирана по иницијатива на игуменот на Бигорската обител, присуствуваа мајки и татковци кои имаат три, четири и повеќе деца. Партениј им се заблагодари за нивната пожртвуваност, нагласувајќи дека нивниот придонес има значење не само за семејството и Црквата, туку и за иднината на македонското општество.
„Според мене, вие сте најголемите патриоти, вие заслужувате секоја чест. Оние кои имаат три, и особено оние кои имаат и повеќе деца, заслужуваат уште поголема почит. Тие се мајки-херои“, рече Партениј.
Осврнувајќи се на демографската состојба во Македонија, игуменот изрази загриженост поради намалениот наталитет, сè помалиот број деца во училиштата и иселувањето на младите семејства. Тој посочи дека грижата за иднината на народот не треба да остане само на декларативно ниво, туку да се потврдува преку конкретни дела, семејна одговорност и подготвеност за жртва.
Партениј, притоа, нагласи дека љубовта кон сопствениот народ, вера и традиција не подразбира непријателство кон другите сограѓани, независно од нивната национална и верска припадност. Напротив, посочи дека почитувањето на различностите и заедничкиот живот се важни за општеството.
„Штета е, навистина е штета да не бидеме заедно“, рече владиката, потсетувајќи на вековната традиција на соживот меѓу различните народи и култури во Македонија.
Посебно внимание на средбата беше посветено на сведоштвата на родителите. Меѓу нив беше и Марија од Кавадарци, мајка на седум деца, која зборуваше за искуството од одгледувањето многудетно семејство и ги советуваше присутните мајки да се вооружат со трпение и љубов.
Нејзината ќерка, пак, сподели дека и покрај моментите кога во детството чувствувала дека нешто ѝ недостига поради големиот број деца во семејството, денес повторно би го избрала истиот дом.
„Уште сто пати да можам да бирам каде ќе се родам, пак истото би го одбрала“, рече таа, сведочејќи за вредноста на братската и сестринската блискост.
На средбата учествуваа и семејства кои пред повеќе години ги напуштиле градските средини и се преселиле во мијачките села, во близина на Бигорскиот манастир. Партениј им оддаде признание за одлуката да го продолжат животот во овие краишта, оценувајќи дека нивното присуство придонесува за обновување на селата и зачувување на православното и културното наследство.
„За опстанокот на овој крај, за зачувувањето на нашата длабока култура и православните корени овде, многу е важно што имаме и такви херои, кои ги оставија големите градови и дојдоа да живеат во мијачките села“, истакна тој.
Во своето обраќање, Партениј направи споредба меѓу монашкиот и брачниот живот, нагласувајќи дека и двата претставуваат пат на духовно усовршување и спасение.
„Ние, и мирјаните и монасите, имаме ист пат. Сите се трудиме да го стекнеме Царството Небесно. Бракот исто така е пат на спасение, затоа што е благословен пат, пат на крст. Особено кога има повеќе деца – тоа е голем подвиг и голем благослов“, рече Партениј.
Тој ги охрабри младите брачни парови да не дозволат материјалната несигурност и стравот од иднината да бидат единствената мерка при одлучувањето за создавање семејство, нагласувајќи ја важноста на одговорното родителство, воспитувањето и довербата во Бога.
„Ние го правиме нашето, а Господ го прави Неговото. Важно е на децата да им дадеме воспитување, да имаат здравје, да имаат благослов, а тие ќе си го најдат својот пат“, порача игуменот.
Средбата заврши со заедничка трпеза во „Куќата на Мијаците“. Партениј им подари цвеќе на мајките, а децата ги почести со подароци.






