Руското влијание во Финска, Литванија и Естонија, како и последиците од војната во Украина, биле меѓу темите на разговорите на архиепископот Илија Хелсиншки и на Цела Финска во Вилнус, каде што се сретнал со патријаршискиот егзарх за Литванија, епископот Панаретос Тамиски, и со финскиот амбасадор во Литванија, Јаако Лехтовирта, пишува Orthodox Times.
Според архиепископот Илија, на средбата со амбасадорот било разговарано за состојбата на православните цркви во Украина, Естонија, Литванија и Финска, но и за влијанието на руската војна против Украина врз овие земји.
Во разговорите било отворено и прашањето за, како што го опишал архиепископот, активностите поврзани со руското влијание во овие држави.
На средбата бил изнесен и извештај за актуелните случувања во војната во Украина. Свештеникот Сергеј од Киев ги информирал присутните за последните случувања, при што, според архиепископот Илија, изразил загриженост поради нова фаза на руските воени дејствија и нивното, како што рекол, приближување кон Полска и Литванија.
Архиепископот информациите од средбата ги оценил како „длабоко загрижувачки“.
Во Вилнус, архиепископот Илија се сретнал и со епископот Панаретос, на кого му подарил икона на Христос Пантократор, како и икони со постоља наменети за православни заедници кои немаат сопствени храмови и богослужат во други простории.
Посетата на Литванија продолжува денеска, 17 септември, со заедничка Божествена литургија на архиепископот Илија и епископот Панаретос во црквата „Света Троица“ во Тринаполис, со почеток во 9 часот.
На богослужбата, според најавите, ќе присуствуваат и претставници на Римокатоличката црква во Литванија, Евангелистичко-лутеранската црква и државните власти.

