Во црковната општина „Св. Петар и Павле“ и Мисионерскиот центар при храмот престојуваше поголема група млади православни христијани од Швајцарија, припадници на младинска православна христијанска организација во рамките на Српската Православна Црква.
Средбата ја предводеше отец Мирослав, а во разговорите биле разменети искуства за начините на кои Црквата може поуспешно да работи со младите и да ги вклучува во црковниот живот.
Учесниците претставиле различни модели на работа со младите, при што особено внимание било посветено на нивното активно учество во животот на Црквата.
Како една од позначајните идеи од средбата била издвоена можноста помесните православни Цркви на Балканот да воспостават посистематски контакти меѓу младите и да создадат простор за нивно меѓусебно запознавање и заедничко дејствување.
„Со молитва и прозба до Господа, а со надеж дека помесната СПЦ и помесната МПЦ – ОА ќе го започнат тој процес“, било истакнато по средбата.
Во пораката по повод средбата била упатена благодарност до професорот Момчило, кој бил посочен како иницијатор за средбата, како и до отец Мирослав за неговата „топлина, длабочина, мудрост и љубов“.
Благодарност била упатена и до младите православни христијани од двете помесни Цркви, кои со средбата и со идејата за идно поврзување го истакнале значењето на православното единство и заедничкото дејствување на младите.
„Балканот без Христос е само буре барут и нечија колонија! Балканот со Христос може да биде пријатно изненадување за светот!“, се наведува во пораката објавена од отец Ивица Тодоров.

