Кога „прогресот“ ќе ја симне маската

Date:

Share post:

По одлуката на Министерството за образование да го повлече предметот „Сеопфатно сексуално образование“, епископот Стобиски Јаков во авторски коментар се осврнува на реакциите што следеа во јавноста, но и на, како што оценува, сè поизразениот антицрковен наратив.

Јаков смета дека повлекувањето на предметот претставува чин што отвора простор за доверба и демократски дијалог, но истовремено остро реагира на дел од јавните реакции насочени кон Црквата, свештенството и религиозноста.

Во продолжение го пренесуваме неговиот коментар во целост:

-Одговор на една идеолошка хистерија-

Пишува: Епископ Стобиски Јаков 

Министерството за образование го повлече предметот сеопфатно сексуално образование. По поголеми бранувања во јавноста, реакции од родители меѓу кои беше и моето отворено писмо, власта го послуша народот и тоа е навистина чин за поздравување, затоа што отвора огромен простор за заемна доверба. Тој процес во повеќето општества се нарекува демократија, таа тема се затвора и се оди напред.

Кај нас овој чин ја соголи целата морална и интелектуална бедотија на македонскиот либерално-прогресивен естаблишмент. Оние кои со децении паразитираат врз грантови, продавајќи ни го сопствениот автодеструктивен комплекс на инфериорност, како прогресивна вредност, паднаа во дива, неконтролирана хистерија артикулирана во изјави од типот: Црквата ја води државата, попот управува со државата, науката е нападната од назадните попови, децата ќе учат од порнографски сајтови итн.

Соочени со аргументираниот отпор на Црквата и на народот, не против репродуктивното (т.н. сексуално образование), туку против идеологијата, дежурните квазиинтелектуалци не понудија ниту еден единствен логичен аргумент. Наместо дебата, сведоци сме на оркестриран псевдонаучен плотун на патетични емоционални уцени и дотраен необолшевички антицрковен рефлекс.

Многу наивно е да мислиме дека проблемот е само во еден наставен предмет. Родовата идеологија никогаш не била обичен спор за еден наставен предмет. Ова е сурова, егзистенцијална битка за тоа кој има право да го воспитува македонското дете! Така што нема повеќе простор за лажна учтивост и дипломатско премолчување.

Во текот на вчерашниот ден добив низа пораки со линкови, фотографии од ФБ реакции кои изобилуваат со омаловажување на Црквата, свештенството и воопшто религиозноста. Целта на овој текст не е да се браниме или правдаме, недај Боже, туку да се обидеме да ја разоткриеме вистинската причина за оваа омраза, но и онтолошката заднина за истата. Антицрковниот наратив ги обединува овие актери сите до еден со една совршена симфонија, но оглед на тоа дека се многу, би рекол и премногу за мала држава како Македонија, во овој текст ќе анализираме само неколку. Секој може да мисли што сака, секој може да каже слободно што сака, тоа се впрочем вредностите во кои верувам и за кои се борам, но авторите на пишаните реакции кои се доктори, универзитетски професори и новинари, би требало да имаат општествена одговорност за изговореното и пишаното повеќе од кој било друг. Токму заради тоа и нашиот избор не е случаен.

Новинарот Зоран Бојаровски во својата колумна се прашува: „Кој ја води државата: науката или црквата?“ Ова е класична, манипулативна замена на тези. Па притоа авторот уште и ја пребројува јавноста: „неколку родители, еден поп и поранешен образовен инспектор“. Кога пишувате „неколку родители, еден поп и поранешен образовен инспектор“, што точно побивате? Бројот на луѓето? Нивните занимања? Нивното право да забележат пропуст? Г-дине Бојаровски, колку родители се потребни за еден приговор да биде вистинит? Сто? Илјада? Кој го утврди тој цензус? Науката? Прашувам јавно: Која наука? Од кога тоа субјективното чувство, родовата флуидност и деконструкцијата на биолошкиот пол станаа егзактна наука?

Текстот на Бојаровски е типичен догматски секуларизам. Навидум загрижен за уставниот поредок и секуларноста на институциите, тој поставува лажна дихотомија. Од една страна ја поставува „науката, објективноста и безбедноста на децата“, а од другата страна „религиозниот догматизам, сеењето страв и мешањето во јавните политики“. Бојаровски смета дека отвореното писмо на еден епископ и искажан јавен став е теократско наметнување. Токму затоа вреди да се направи деконструкција на неговото писание.

Најпрвин, да ги отстраниме емоционалните манипулации со статистиките на УНИЦЕФ. Под површината на патетичната реторика се открива длабоко неразбирање за суштината на отвореното писмо. Има тенденциозност во дефинирањето на секуларизмот како државен атеизам кој има за цел да го исчисти јавниот простор од секаков религиозен став. Со тоа тој прави апсолутна изолација на образовните политики со вредносниот систем на мнозинството. Ексклузивизмот директно ги поткопува основните темели на либералната демократија, која самиот Бојаровски ја брани.

Во тој контекст, насилната злоупотреба на податоците на УНИЦЕФ, со цел да се оправда криумчарењето на родовата идеологија во училиштата претставува класична логичка грешка, која е недопустлива за сериозен новинар. Никој во ова општество, а најмалку Црквата, не се противи децата да бидат заштитени од дигитални предатори. Заштитата на интегритетот на децата, репродукцијата, препознавањето на насилството, спаѓаат во доменот на медицинската превенција, правната заштита и криминалистиката. За овие теми треба да се зборува со прецизни, научни и соодветни психолошки содржини. Бојаровски тенденциозно ги става овие неспорни прашања како контрапункт на традиционалните семејни вредности и биолошкиот пол.

Дали ако родителот се противи детето да му учи дека родот е социјален конструкт, тогаш тој родител тврди дека детето сака да му биде жртва на интернет-насилство?

За секуларните идеолози, слободата на верување треба да биде изолирано, приватно право. Но, овде станува збор за слободата на совеста. Тоа право подразбира родителот да биде примарен воспитувач на своите деца, заштитувајќи ги од болните експерименти кои идеолозите сакаат да ги наметнат преку државниот апарат. Децата не се сопственост на државата, ниту се материјал за експерименти на невладините организации, кои примаат енормни суми на пари од странски фондови. Кога јавниот образовен систем ќе го пречекори својот мандат (доделен од народот) на пренесување на објективни знаења, тогаш отпорот на граѓаните не е напад врз државата, туку одбрана на слободата која ја узурпирала некоја идеологија.

Бојаровски прашува од што треба да се плаши противникот на ССО?

Тоа е основно непознавање на Црквата, затоа што Црквата нема никаква врска со стравот, туку со онтолошката одговорност за зачувување на образот Божји (образование) во човекот. Целта на автентичното образование е да го развие образот Божји во детето, да го обликува како личност која е свесна за својот духовен и биолошки интегритет.

Од друга страна пак родовата идеологија го учи детето дека неговото тело е случајна биолошка обвивка, а неговиот идентитет треба да се гради на субјективни делузии. Наместо стабилност, во најранливиот период од психофизичкиот развој на човекот се наметнува тешка егзистенцијална идентитетска криза. Човекот е психосоматска целина и поседува внатрешна убавина која е рефлексија на убавината на Несоздадениот. Токму оваа хармонија е нарушена од родовата идеологија. Таа бара од детето неговата биолошка реалност да е во постојана војна со неговата психа. Ова создава внатрешен хаос на природниот поредок и така може да се заклучи дека родовата идеологија и философски не е одржлива, бидејќи ги уништува и етиката и естетиката на човечкото битие.

Слободната волја е најголемиот дар што Бог му го дал на човекот, и е основно човеково право. Сепак, слободата не означува анархичност во задоволување на страстите и инстинктите, напротив, слободата подразбира раст во љубовта и вистината. Свети Максим Исповедник разликува две волји, природна и гномичка. Природната волја не е избор помеѓу опции, туку е учество во божествената слобода. Гномичката волја е онаа која е колеблива, која калкулира и се сомнева и таа е одраз на несовршеноста и ограниченоста на вистинската слобода. Ако идеологијата, под превезот на критичко мислење, наметне императив „мора да прифати“, тогаш се укинува слободата. Црквата воспитува слободни личности, кои својата слобода ја изразуваат во релационата љубов. Кога ќе успееме на детето да му го зачуваме ваквиот идентитет, тоа ќе знае да разликува добро од зло, вистина од лага, светост од грев, бидувајќи нефлуиден во изборот.

Бојаровски вели дека „државата мора да образува граѓани“. Ајде де! Па тоа е еуфемизам за индоктринација. Државата својата сувереност ја црпи од граѓаните, државата произлегува од граѓаните, а не обратно, државата да произведува „граѓанство“. Секое одземање на суверенитетот на граѓаните е окупација. Граѓанинот не смее да биде конформистички извршител на глобални идеолошки трендови. Од друга страна, пак, граѓанинот кој не поседува вистински образ, постанува без-образен и е подложен на вистинска тиранија како духовна, така и физичка.

Врв на лицемерието е барањето на Бојаровски за „сексуални и репродуктивни права“. Да се бара од шеснаесетгодишни деца, како догматска вистина да прифаќаат дека прекинувањето (убиството) на зачнатиот живот е прогрес, додека општеството се соочува со демографска катастрофа, празни паралелки, затворени училишта, родители кои со години преку ин витро пробуваат да зачнат дете, претставува тежок морален парадокс и отворено непријателство против државата, против Црквата и конечно против Бог.

Целото создание е повикано да биде Црква. Црквата не се ограничува само во историјата, туку таа има есхатолошка перспектива. Црквата како евхаристиска заедница е во неразделно единство со светот. Ако човекот се откаже да го манифестира образот Божји и стане без-образен, тогаш Црквата се заменува со религија која има обреден облик на постоење, каде што членовите ги задоволуваат своите социјални, емоционални и психолошки потреби. Тогаш, ваквата религиозност е идеолошка алтернатива на останатите идеолошки системи. Родовата идеологија е тоа, псевдонаучен, па ако сакате и религиозен конструкт.

Кога општеството ги губи моралните ориентири, молчењето на Црквата е предавство. Црквата не е туѓо тело во светот. Мнозинството родители кои одбиваат да се поистоветат со родова идеологија се дел од Црквата. Затоа, обидот да се прикаже ова како дебата на средновековен примитивизам и модерен научен прогрес е целосно промашен.

И за крај запрепастен сум од елементарната некултура на господинот Бојаровски со оглед на тоа што е човек кого сум го гледал во активниот литургиски живот на Црквата, па за очекување е откако веќе ја ставил мојата фотографија над насловот на своето писание, да може барем да ја направи очигледната дистинкција во истото помеѓу поп (свештеник) и епископ (владика). Тоа му е потребно нему, а не мене бидејќи поголем доказ за идеолошката тенденциозност од овој, здравје. А што се однесува и до навредите кои доаѓаат од овие кругови, јас ги прифаќам како комплименти. Би се загрижил кога би почнале да ме величаат и фалат.

Втората апологетска реакција на секуларноста што ја избравме за да го илустрираме дотрајаниот антицрковен необолшевички рефлукс е ФБ статусот на професорката Тамара Јованов-Апасиева и морам да признаам дека е еден од „најинспиративните“ во тој поглед. Универзитетскиот професор г-ѓа Апасиева во својата ФБ реакција на повлекувањето на наставната програма од страна на МОН ни ја покажува својата прогресивна методологија на здраворазумна критика без многу заобиколување, но и идеално општество во кое некој има право на јавно мислење, а некој не.

Имено, таа е шокирана од тоа како програмата се повлекува „на барање на попови и веројатно родители, баби и дедовци, кои ни самите не знаат како да направат муабет на темата, оти никогаш не научиле!?“. Небаре, временската последователност значи дека Црквата нужно со своите реакции предизвикала повлекување на програмата. На таа неточна премиса се базира критиката и професорката оттука очекува да тргне дебатата. Драги мои, ова е еклатантен пример за немање капацитет за дебата, а согласно изразот и нивото на пишаното од професорката, ниту пристоен речник.

Г-ѓа Апасиева чувствува сериозен страв да не „го заменат“ предметот со „веронаука“ и уверена е дека десничарите биле „затуцана багра“ што прераснува во „општествена болест“.

Тука, колку и да сакам, просто нема што да се анализира, за разлика од писанието на Бојаровски. Таму барем имаше нешто што наликува на аргументи. Овде едноставно можеме да заклучиме дека текстот на Тамара е одраз на елитистичка надменост и сериозно недостасуваат научни аргументи. Изграден е врз класниот презир, содржи реторичка хистерија и тешки предрасуди. Постскриптумот во кој вели дека е против родовата идеологија и е поборник за критичко мислење, е своевиден логички колапс и уништува каква било основа за гнев. Кај мене додуша остана сожалувањето!

Бидејќи е на иста позиција со Црквата за родовата идеологија, нејзиното пишување не само што е бесцелно, туку укажува на личност која е заробена во идеолошка острастеност. Нејзината омраза кон Црквата е поголема од желбата да се познае вистината.

Она што е трагично, е неизбежната констатација дека пати од тешка форма на социјален елитизам. Јазикот на омраза (затуцана багра, општествена болест, глупите родители, баби и дедовци) покажува длабок презир кон маргинилизираните класи, за чии права декларативно се бори. Го третира народот како неписмена маса која не знае да разговара со своите деца, монополизирајќи се самата и нејзината врхушка како единствен критериум за прогрес и вистина.

Па овие доктрини им се познати токму на бабичките и дедовците кон кои таа има презир, бидејќи добар дел од својот живот ги живееја. Бара родителите да се откажат од сопствените деца и доброволно да и ги предадат на државата на превоспитување.

Ах, непрежален комунизам, каде и семејното живеење е државна идеологија. Нејсе, и фала Му на Бога што тоа е зад нас и нема да се врати.

Потребата на левите тоталитаристи да измислуваат имагинарни средновековни непријатели е за да си создадат маска на лажна револуционерна важност. Но, хистеријата кулминира во институционален фетишизам, сметајќи дека таму има безбедна средина и проверлива вистина. Тоа можеби би требало да е така, но „проверливите вистини“ за кои зборува г-ѓа Апасиева, во случајов ни се родовите идеологии, а „безбедните средини“ се дувла на сомнителни организации како Хера и Маргини.

Во еден дел од статусот г-ѓа Апасиев ги квалификува „родителите, бабите и дедовците кои секоја недела се по црквите, колнат сè живо по мрежите“ како неподобни да учествуваат во општествените демократски процеси.

Да не беше смешно, ќе беше навистина трагично. Од кога тоа личните падови го одземаат правото на родителите, па дури и на самите недолични верници да имаат легитимни аргументи за што било, а камо ли за образованието на сопствените деца? Тоа не ги менуваа ни онтолошките, па и научните вистини за родовата идеологија. Така, текстот на Тамара Апасиева воопшто не е критика кон лошите појави во општеството, туку напад кон правото на Црквата да има мислење. Анимозитетот пројавен кон луѓето што се секоја недела во Црква во истиот ФБ статус и нивна дисквалификација од демократските процеси е сериозна причина браќа и сестри да Му благодариме на Бог што професорката не е власт и што Голи Оток денес е само туристичка атракција.

Неуспешниот обид да се спакува овој текст во академска амбалажа и изитрено грабнување на моралната супериорност преку примери на семејно насилство, различни форми на злоупотреба, претставуваат само затскриено, подмолно спроведување на идеолошката матрица на политичката партија чие протеже е универзитетската професорка. Тоа е истата онаа радикална антицрковна и богоборна левица која негува перманентен, континуиран и хистеричен напад, особено врз Православната Црква. Нивниот наратив е директно ископан од гробиштата на Француската револуција: сè што е од Црквата мора да се ампутира, да се сведе на ништо, а природните, биолошки дадености како што се раѓањето деца и родителството да се исмеваат како патријархални заостатоци.

Речиси на крајот професорката вели: „Ужас!“. Морам да признаам дека тука нема никаков простор ова ние „назадните“ да го доживееме лично. Тоа е едноставно крик на ужаснатост од фактот што овој народ сè уште е жив и верен! Тие не поднесуваат да постои нешто повозвишено, поприродно и посилно од нивната Партија!

Постскриптумот на ФБ статусот практично вели, се согласуваме за суштината, но не се согласуваме само за тоа кој смее да ја каже. Кога тоа ќе го напише професорка на Економски факултет, па уште со (псевдо) левичарски светоглед, тоа е критичко мислење. Кога ќе го напише истото Епископ на Црквата, тоа е „поповштина“ и враќање во средниот век. Веќе видено и веќе тажно!

На крајот не можеме, а да не дојдеме до директната спојка со локалниот мизерабилизам во Струмица. Истиот идеолошки центар со истата ленинистичка реторика има свои протагонисти во Струмица и негува институционализирана кампања против Епархијата. Навидум критички спакувана, а во одбрана на секуларноста на прилично неписмен и неаргументиран начин говори против моето присуство во јавниот простор. Го спомнав „реда-ради“. Да се занимавам сериозно со нешто што однапред е осудено на пропаст немам намера, освен ако навистина не се роди некоја несовладлива желба кај борците против „клерофашизмот“, што и да им значи тоа…

Најголемото соочување со апсурдот го доживеав при читањето на реакцијата на проф. д-р Вело Марковски токму заради тоа што родовата идеологија е во директен судир со биологијата, а професорот ни понуди евтина, навредлива и лажна дилема: „Сексуално воспитание во училиште или ќе ги оставиме децата да учат од порносајтови и од улица?“ Какво поразително, мизерно деградирање на човечкото битие! Каква страшна научна и човечка капитулација!

Од кога тоа медицината стана покритие и параван за идеолошко дресирање на шеснаесетгодишни деца? Која е таа логика што тврди дека единствена алтернатива на порнографијата е НВО-индоктринацијата? Каде исчезнаа анатомијата, физиологијата, репродуктивното здравје и хигиената во предметот Биологија?

Отворено прашувам дали професорот воопшто издвоил време да ја прочита наставната програма за сексуалното образование што го брани? Според кои научни критериуми родовиот идентитет, родовото изразување, флуидните норми и субјективните чувства се научни параметри? Која е таа егзактна медицинска наука која „ex cathedra“ ги учи децата дека нивниот пол е обичен социјален конструкт, а згора на тоа и променлив?

Професор Марковски пишува долго, ерудитно, со бројки. Јас му верувам на секоја бројка. Но каква егзактност има во родовите идеи? Што е мерливо во субјективното чувство? Има ли деца родени во погрешно тело? Што е родов идентитет и родова дисфорија? Дали полот се определува при раѓање? Ако одговорот е дека не постои егзактност во родовите теории, јас го прифаќам одговорот, но тогаш не зборуваме за медицина туку за антрополошки став!

Предметот што го предава професорот никому не му е спорен и да не се грижи дека некој ќе го повлече и ќе протестира против истиот, но ако мисли дека со епидемиолошките податоци за гонореја може да ја оправда родовата теорија дека полот е конструкт, тогаш не е научник, туку обичен идеолог.

Моралните дилеми од типот што е грев, а што не е, и како да се справиме со грижата на совеста и чувството на вина е наша специјалност, а не на д-р Марковски. Ние ниту претендираме, ниту сакаме тоа да бидат теми по конкретниот наставен предмет. Тие дилеми ќе си ги расчистиме ние само со нашите верници кои доаѓаат на Црква. Оние кои не сакаат да дојдат и не ги интересираме нека се живи и здрави. Но, ние сме принудени да живееме во ова општество и имаме сериозна конститутивна улога во него. Не сакаме родителите кои ги венчаваме и децата коишто ги крштеваме да станат едни од многуте жртви на родовата идеологија. Содржината на моето писмо отвора дебата за научна основаност, емпирија и идеолошка компромитација на истата. Тоа би биле водите каде професорот би требало да плива подобро од мене и тоа го очекував. Но како да браните псевдонаука со научни аргументи?!

За волја на вистината во списокот на фаворити имав уште еден коментар на еден несреќен колумнист, предводник на шарените орди и свиркач на сѐ што е нормално на социјалните мрежи, за кого сепак одлучив дека не е релевантен да му се спомнува името, ниту пак да ја коментираме реакцијата. Важно е тоа дека на сите овие луѓе заедничка им е идеолошката рамнина на која стојат.

Идеолошката контаминација веќе одамна не се држи затворена само во политиката. Таа ги проникнува сите аспекти на општественото поимање, на општественото живеење и на политичкото делување. Токму овие и ваквите реакции се доказ за тоа. Затоа денес е доволно да се изговори најздраворазумната реченица за семејството или за детето, за да биде дочекана како напад во нашето општество. Доказ за тоа се сите политички програми што сме ги виделе досега. Единствена програма што беше идеолошки чиста и некомпромитирана од оваа неолиберална социјална зараза во сите нејзини форми беше програмата на владејачката политичка партија. Токму заради тоа очите на народот, а пред сè на родителите за безбедност на нивните деца, за училишта слободни од идеолошки концепти се вперени во нив, во оваа Влада. Јас лично верувам дека довербата нема да биде изневерена!

Јавната сфера за неолибералниот прогресивен естаблишмент никогаш не била неутрална. За нив таа е бојно поле на тотални идолопоклонички фиксации и libido dominandi (жед за господарење).

Ете го вистинското лице на либералниот прогрес! Тие го гледаат светот, телото и децата исклучиво како ресурс за експлоатација. Човекот престанува да биде личност и станува стокова резерва на неолибералната идеологија. Го фрагментираат битието, го одвојуваат полот од родот и ги претвораат луѓето во обични консументи на субјективни илузии.

Се сеќавам на една неодамнешна изјава на актуелниот премиер која гласеше: Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин! И тогаш ја видовме истата рефлексија на истиот болен, индоктриниран систем кој има своевидна алергија на животот, на Црквата, на свештенството, на раѓањето…

Да се разбереме, секој што е носител на политичка функција има одговорност за секој јавно изговорен збор, но навистина кои се аргументите против изјавата дека раѓањето деца е навистина патриотски чин?

Мој личен став е дека раѓањето деца е патриотски чин, заминувањето во манастир е патриотски чин, формирањето семејство е патриотски чин, но и доброволното одрекување од формирање свое семејство за да ѝ служиш на татковината или Црквата и да умреш за нив, како што тоа го сториле многу народни херои и монаси, е исто така патриотски чин.

Зошто реакциите на македонскиот неолиберален свет се антагонистични на оваа и ваква реторика? Затоа што патриотскиот чин во сите свои облици изискува жртва, служење и себепринесување на другиот. За жал тој свет, нивниот свет, се темели на други вредности…

Многумина, преплашени од оваа диктатура на неолиберализмот, ме прашуваат: Има ли смисла оваа борба кога однапред знаеме дека во времето и историјата всушност злото ќе кулминира и овој свет така ќе заврши?

Да, има смисла! Затоа што Црквата како икона на Царството Небесно не е евтина земска утопија. Ние не се бориме бескомпромисно на страната на доброто затоа што наивно веруваме дека ќе создадеме рај на земјата. Нашиот подвиг е охристовување, христовподобување и зачувување на ликот Божји во нас и во секое конкретно дете.

Од есхатолошка перспектива, ние сме веќе победници бидејќи победата е веќе Христова! Затоа сите оние кои одбиваат да се поклонат пред идолите на современиот свет и кои учествуваат во Неговиот живот во Црквата, таа победа ќе ја споделат со Него. Неговиот живот е наш живот, Неговата смрт е наша смрт, Неговиот Крст е наш Крст, но и Неговото Воскресение е наше Воскресение!

Сосема на крајот сакам да им порачам на сите протагонисти на оваа бесмислена самодеструктивна идеологија. Ако ви е полесно да мислите дека само еден ,,поп” ви стои на патот, ве уверувам дека многу сте се излажале. Црквата е еден жив богочовечки организам и таму каде што е еден ,,поп” таму е целата Црква.

Таму каде што е Црквата, таму е Христос Спасителот, кој сите вас ве љуби и иако мојот тон и израз е остар, тој е насочен кон идеологијата, не кон идеолозите. Да не ни ги подметнувавте и да не нѐ малтретирате со овие лудости, јас ќе имав време и енергија за Него да ви зборувам, бидејќи Го познавам, и знам дека во Неговите очи не сум поскапоцен од ниту еден од вас….

Црквата, впрочем, никогаш и не живеела во мир. Секогаш е мета на напади и одвнатре и однадвор. Тоа не е причина за самосожалување, тоа е знак дека не сме од овој свет, но и дека сме Негови.

Што друго ни е потребно?!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img