Органодарителството е еден од највозвишените чинови што човек може да ги направи. Тоа е одлука која не носи корист за оној што дарува, туку спасува животи на оние кои со денови, месеци или години ја чекаат својата шанса. Тоа е најсилниот доказ дека човечноста продолжува да живее и тогаш кога животот на еден човек завршува, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на трибината „Органодарителството и дава највисока смисла на човечноста“, што се одржа попладнево на Медицинскиот факултет во Скопје.
Поглаварите на двете најголеми цркви и верски заедници, архиепископот Стефан и Реисот Шакир Фетаи, лично ја поддржаа трибината за органодарителство со своето присуство. Верските заедници уште на првото носење на законот дадоа едногласна согласност за овој хуман медицински потфат. Нивното денешно присуство е поддршка и за измените на законот, со кои треба да се олесни процедурата за органодарување.
Премиерот посчи дека е потребно отворено да се разговара за органодарителството, да се подигнува јавната свест и да се охрабруваат луѓето да се информираат за значењето на оваа благородна одлука затоа што никој не знае што носи утрешниот ден.
– Трансплантацијата е ново утро за човек кој мислел дека надежта исчезнува. Таа е нова можност за родител кој повторно сака да биде покрај своите деца. Таа е шанса млад човек повторно да учи, да работи, да создава семејство и да ги остварува своите соништа. Зад секоја успешна трансплантација стои една човечка приказна. Приказна за борба, за трпение, за вера и за надеж. Приказна за луѓе кои со месеци и години чекале повик што за нив значи нов живот. Приказна за семејства кои минувале низ неизвесност, но никогаш не ја изгубиле надежта, рече Мицкоски.
Но, потенцира тој, зад секоја успешна трансплантација стои и една друга приказна, приказна за семејства кои во моменти на огромна болка и лична трагедија успеале да најдат сила да направат нешто што бара исклучителна храброст.
Нагласи дека нашите лекари, хирурзи, анестезиолози, координатори за трансплантација, медицински сестри и целиот медицински персонал се луѓе кои секојдневно носат огромна одговорност на своите плеќи.
– Тие работат кога другите одмораат. Тие дежураат кога другите спијат. Тие носат одлуки во моменти кога секоја минута може да значи разлика меѓу животот и смртта. Нивната работа не познава празници, не познава викенди и не познава работно време. Нивната мисија е животот. А животот нема пауза. Токму затоа нивната пожртвуваност заслужува најголема почит. Како држава, наша обврска е да бидеме нивен партнер во оваа мисија. Затоа продолжуваме да вложуваме во здравствениот систем, во современа медицинска опрема, во нови технологии, во едукација и усовршување на медицинскиот кадар и во создавање услови трансплантациската медицина да продолжи да се развива и да достигнува нови успеси, рече Мицкоски.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување веќе е во финална владина постапка.
– Утре на седница на Владата ќе ја презентираме драфт верзијата на новите членови од законот кои ќе ги изменуваме. Со законските измени, секој полнолетен граѓанин при посета на својот матичен лекар ќе треба да се произнесе дали сака или не сака по смртта да биде органодарител. Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој Термин“, и тоа безбедно и со двојна верификација, при што секој ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука, истакна Алиу.
Воедно, тој потенцираше дека кога системот ќе започне со примена, ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.
– Со поддршка на Владата и на сите релевантни институции, темата за органодарителството конечно ја поставуваме таму каде што припаѓа, во средиштето на јавниот разговор. Нашата цел не е само да имаме медицински подготвени тимови. Потребно е да изградиме и општество кое ја разбира вредноста на дарувањето, му верува на системот и знае дека една одлука може да спаси повеќе човечки животи. Ова е само почеток, институционалното темпо ќе го засилуваме, системот нема да се предаде затоа што некаде некој чека“, порача министерот Алиу.

