Прашањето е, кој ја сменил верата, па ние да ја браниме? Но, меѓусебното нетрпение, засновано на нашиот непросветлен ум и затворено срце од страстите, нѐ внесува и во меѓусебни расправии, и во меѓусебни обвинувања за ерес, па и во самата ерес. Затоа и толку вулгарни и груби религиозни социопати се појавија на социјалните мрежи; би ги нарекол и „етички еретици“.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Многу Свети отци зборуваат за степените на духовниот развој и многупати сум ги цитирал и пак ќе се најде некој да го негира нивното учење – во тој дел. Ако, мене не ми пречи пак да ги цитирам Светите отци; оти стари негатори секојпат ќе има, но има и нови генерации на христијани кои сакаат да се поучат.
А и немам друга служба, освен да служам Литургија, да ја надгледувам службата на останатите – во помесната Црква, и да поучувам. Само од тоа поучување напишав два докторати, триесетина научни трудови и триесетина книги; ќе напишам и уште една – не е проблем. Додека служам како активен Епископ – ќе пишувам; што да правам…
Значи, најголемиот проблем денес е токму во тоа што догмите на православната вера не се сменети, но Преданието за активирањето на царското свештенство во нас е скроз изместено од животот на христијаните. Ни се случува таканаречена ерес одоздола – преку изместување на Преданието на православниот духовен живот, а не ерес одозгора – преку промена на догмите. Затоа, се молат „православните“ што поскоро да се вратат во православната вера.
Да, сите сме царско свештенство, но ретко кој го активирал тоа внатрешно, есхатолошко и царско свештенство во себе. Знак дека тоа свештенство е активирано во нас, е дарот на умно-срдечната молитва и просветленоста на умот. А Светите отци, токму ваквото активирање на благодатта на Крштението од нашето срце, ни го одредиле како прва цел на нашиот духовен подвиг.
И нормално дека ќе ја браниме верата и без да го активираме тоа царско свештенство во себе – догмите се јасно формулирани и не ни треба просветленост на умот, па да забележиме промена во напишаното. Прашањето е, кој ја сменил верата, па ние да ја браниме? Но, меѓусебното нетрпение, засновано на нашиот непросветлен ум и затворено срце од страстите, нѐ внесува и во меѓусебни расправии, и во меѓусебни обвинувања за ерес, па и во самата ерес. Затоа и толку вулгарни и груби религиозни социопати се појавија на социјалните мрежи; би ги нарекол и „етички еретици“.
Секако, ќе внимаваме и да не се нарушат Каноните кои забрануваат заедничко служење на света Литургија со еретици. Таквите Канони имаат тежина на догма, исто како и тие што го одредуваат првенството по чест на Вселенскиот Патријарх. Секаде каде што ќе се појави дух на изместување на овие свети Канони или тенденција, чие било, првенството по чест, да се измести или да се претвори во првенство по власт, тоа е појава на духот на антихристот, а цел му е раскол во Црквата. И треба многу да внимаваме да не заземаме страни при евентуални административни судири и поделби во Црквата, туку да го одржуваме и градиме единството. Барем, за ова да се разбере, не треба некоја посебна просветленост.
Сѐ е едноставно – каде што нема ментални пречки и демоноопседнатост.
Да не должам, еве го уште еднаш учењето на Светите отци за трите степени од духовниот развој:
Светите отци на Црквата, забележале три нивоа или стадиуми, или степени на духовниот развој, предавајќи ни ги како свој духовен опит: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение (боговподобување). Можат да се сретнат и други називи за овие степени.
Во теологијата на свети Максим Исповедник, овие три степени се претставени како: практична философија, природно созерцание и мистично богословие.
Свети Исак Сирин, трите степени ги именува како: покајание, чистота и совршенство.
Во своите списи, свети Дионисиј Ареопагит, трите степени на духовниот развој ги објаснува како: очистување, просветлување и совршенство.
Свети Никита Ститат вели дека постојат три степени во напредувањето кон совршенството: почетна состојба на очистување, преодна состојба на просветлување и мистична состојба на совршенство. Итн., итн., слично и кај другите Свети отци.
Но, ова учење за трите степени го среќаваме и посредно објаснето. Овој пат, на пример, ќе видиме како Светите отци го поврзуваат и со официјалните свештенички чинови. Обрнете внимание и на сличната терминологија што ја користат при објаснувањето, како и колку истото е поврзано со внатрешното, царско и есхатолошко свештенство.
Свети Максим Исповедник, ги поврзува трите стадиуми на духовниот живот со трите степени на свештенството. Тој пишува:
„Делото на ѓаконот го врши оној што го вежба својот ум за свештени подвизи и ги изгонува од себе страсните помисли, а делото на презвитерот – оној што го просветлува својот ум во познание на создадените битија и со тоа го уништува лажнонареченото знаење; додека, пак, делото на Епископот го има оној што го восовршува својот ум со светиот мир на познанието на обожуваната и Пресвета Троица.“
Свети Никодим Светогорец дообјаснува: „Богоносниот Максим смета дека задачата на ѓаконот е, по пат на морален напор, да ги очисти другите од нивните страсти и лошите помисли; задачата на презвитерот е да ги просветли другите со природно созерцание на внатрешните принципи (логоси) на сè постоечко; и, на крај, задачата на Епископот е да ги восоврши другите во светлината на внатрешните принципи (логоси) на богословието“.
Свети Дионисиј Ареопагит истото го вели вака: „Епископите (епископскиот чин) во потполност ја поседуваат моќта на просветлувањето… Нивната задача [внимавајте точно што е епископскиот идеал] не е само да просветлуваат, туку и да восовршуваат. Презвитерите се просветлени и просветлуваат, додека ѓаконите очистуваат и знаат да расудуваат.“
Светите отци степените на духовниот развој точно ги одредуваат според видот на молитвата. Оние кои се молат само со уста и со разум, се на првиот степен – чистење на срцето од страстите, оние на кои им е откриено местото на духовното срце и аскетски се молат со умот внатре во него, се на вториот степен – просветлување на умот. Обожените ја имаат непрестајната (благодатна) умно-срдечна молитва.
Пресвета Богородице, спаси нас!

