Да се исплаши човек

Date:

Share post:

Страшно е ова што го читаме денес. Замислете, има луѓе кои во Христово име пророкуваат, бесови изгонуваат и многу чуда прават, но всушност, извршуваат незаконски дела и не воспоставуваат личен однос со Господ, т.е. Богочовекот Христос не ги познава. Ќе се запрашаме сите – како е тоа можно?

Пишува: Митрополит Струмички Наум

„Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во Царството Небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!“

Страшно е ова што го читаме денес. Замислете, има луѓе кои во Христово име пророкуваат, бесови изгонуваат и многу чуда прават, но всушност, извршуваат незаконски дела и не воспоставуваат личен однос со Господ, т.е. Богочовекот Христос не ги познава. Ќе се запрашаме сите – како е тоа можно?

Прво, можно е поради вонредната благодат што делува во Црквата за да може таа и денес, во вакви услови – кога се ретки носителите на редовната благодат, нормално да функционира. Има и такви од официјалното свештенство што убаво проповедаат и пишуваат беседи, што изгонуваат бесови и што прават многу чуда – доволно е и самото служење на светата Литургија за тоа, но од моментот кога ќе си помислат дека тоа го прават со сопствен памет, сила и умешност, а најчесто тоа го прават и во своја слава, тие прават беззаконие и нивниот духовен развој, односно личниот однос со Бог им е блокиран.

Самите можат да се препознаат по отсуството на дарот на умно-срдечната молитва и немањето на потреба од исповед и духовно раководство – но, слепи се за тоа да го видат, а и да го видат, немаат смирение да се покаат; другите ги препознаваат по големата суета, како и по штетата што јавно ја прават во Црквата – најчесто, по внатрешните поделби.

И второ, можно е поради самата демонска помош при пророкување, изгонување бесови и правење чуда. Тоа најчесто им се случува на два вида лаици: на оние кои самите на себе си наметнуваат некаква месијанска улога во Црквата и на оние кои ни се познати како гледачи, бајачи, гатачи и секташи. Овие вториве, не ни се интересни за обработка, иако уште прават многу штета. Првите се поштетни.

Да се потсетиме, што точно им се случува на првоспомнатите. Сите оние што нема да го восогласат начинот на својот живот со степенот на душевниот или духовниот развој на кој се наоѓаат, како и со позицијата и улогата што ги имаат во Црквата, а имаат голема идеја за самите себе, се изложуваат на демонско влијание, како и на демонопседнатост. На пример, човек нема просветленост на умот – што произлегува од подвигот на умно-срдечната молитва и нема официјален свештенички чин, а нешто „поучува“ по социјалните мрежи и нешто ја „спасува“ Црквата од некакви си еретици или национални издајници. Таквите се идеални за демонопседнување, како и да станат инструменти преку кој демоните делуваат во овој свет. Најлоша комбинација е спојот помеѓу првите и вторите.

Сите такви многу ќе се изненадат кога ќе го слушнат Божјиот глас: Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела! Не дај Боже никому!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img